Албумот „Ти Сум Јас“ на Анита Мицова за сите љубители на квалитетна македонска забавна музика

- Интервју, Музика
4961

Aнита Мицова заедно со својот бенд неодамна го промовираше својот прв албум насловен како „Ти Сум Јас“, албумот содржи осум песни, сите се авторско дело на Весна Малинова- Бабамова ( текст и музика) и Кирил Бабамов (аранжамн) Станува збор за квалитетно изработен носач на звук кој допрва ќе ги освои срцата на слушателите и на љубителите на македонската забавна музика. За впечатоците од промоциите на албумот, како и за атмосферата при снимањето на спотот за темата „Златно жито” Зборовавме со Анита Мицова.

Strugaonline: Aлбумот „Ти Сум Јас“ доживеа две промоции и во Струга и во Скопје, кои се твоите впечатоци и какви се коментарите на публиката и на стручната јавност?

Анита Мицова: Кога одлучив да снимам албум, сосема беше логично да направам и промоција. Главната промоција ја направив во Скопје, пред се поради медиумите, да имаат можност да присуствуваат и да ја запознаат публиката за мојот прв албум. Можам да кажам дека коментарите се позитивни, а и промоцијата помина во прекрасна атмосфера. Тогаш за прв пат присутните имаа можност да ги слушнат песните во живо. Промоцијата во Струга исто така се претвори во една одлична забава. Во Струга ги изведов „Биди добар“, „Два животи“ и „Златно жито“, но верувам дека и другите песни ќе си го најдат патот до слушателите со оглед на тоа дека истиот може да се набави во сите музички продавници, но и по електронски пат.

 

Strugaonline: Промоцијата на албумот во Струга имаше своја хумана цел. Средствата кои ги донираа присутните веќе се а вистинското место, во Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака Нова“, се покажаа ли стружани како хумани луѓе?

Анита Мицова: Одлучив да донирам средства, односно сите присутни на промоцијата да го добијат албумот на подарок, а средствата кои ќе ги донираат да ги наменам за потребите на „Порака Нова“ бидејќи сметатм дека треба да се помогне таму каде што е потребно. Продажбата на албумот нема да ме збогати, затоа и преку албумот сакав сите заедно да негуваме позитивни и хумани вредности. Може слободно да се заклучи дека во Струга има хумани луѓе.

Strugaonline:Деновиве треба да излезе спотот за песната „Златно жито“, со кого го работеше спотот, и каква беше атмосферата?

Анита Мицова: Зад спотот за „Златно жито“ кој ќе биде готов деновиве, стои Горила Продукција . Снимавме на неколку локации во Трпејца. Благодарение на целиот тим и секако на членовите од бендот се помина одлично и во забавна и пријатна атмосфера. Верувам, преку видео записот и публиката ќе ја почувствува таа атмосфера како и приказната која ја носи „Златно жито“.

Strugaonline: Албумот го промовираше во вистинско време, за сите твои обожаватели да го паметат ова лето по сите осум потенцијални хитови, кои се твоите идни планирани активности за сите композиции да ги доближиш до слушателите?

Анита Мицова: Да, летото е одлично време за настапи, заедно со бендот ќе настапуваме во повеќе градови низ Македонија, тоа е најнепосреден и најубав начин да го претставам албумот и сите да имаат можност да ги слушнат песните во живо.

Strugaonline: Што до сега покажува вкусот на публиката, која песна се слуша најмногу?

Анита Мицова: Кај секого е индивидуално, некои најмногу ја сакаат „Два животи“, за многумина фаворит е „Биди добар“, а во последно време забележувам дека избор на многумина е „Златно жито“. Мислам дека на албумот има песни за сите вкусови.

Strugaonline

Ирена Мрческа

 

 

 

Facebook Коментари