Глигорие Ќатоски: За струшката депонија е потребно решение на среден рок се до изградбата на регионални депонии

- Интервју, Локални
1831

Струшката дива депонија е најсериозниот проблем кој Струга го има, според екологистите тоа е проблем кој што постои повеќе од 15 години, но од Велигденските празници па се до денес  ја доживеа својата кулминација. Долг период се гушевме во облаци од чад, се одржаа низа протести, средби со претставници од локалната и централната власт. Пред три недели конечно можевме да здивнеме бидејќи депонијата беше целосно изгасната, симболично беше затворена депонијата, а апелите за трајно решавање на проблемот не стивнаа. Но, вчера депонијата беше повторно запалена од страна на непознат сторител.  За очекувањата и понатамошните активности кои ги планира Граѓанската иницијатива „Доста“ разговаравме со нивниот претставник Глигорие Ќатоски.

Strugaonline: Вчера се врати и чадот и одвратниот мирис во Струга, затоа што депонијата повторно гори, се враќаме ли на почетокот на проблемот во екот на туристичката сезона?

Глигорие Ќатоски: Вчера се случи она на што ние како иницијатива предупредивме на последниот протест. Се соочуваме со два факти: постојаното спалување на депонијата намерно и немоќта на локалните институции да се справат со овој проблем.

На последниот протест направивме симболично затварање на депонијата, тоа беше порака и до локалните и до централните власти повеќе да не се одлага отпад на таа локација. Се потрошија стотици илјади евра, многу труд се вложи за целосно да се изгасне депонијата и да се санира целосно, а сега после три недели од целосното гаснење се соочуваме со истиот проблем. Ја користам оваа прилика да испратам апел до централната власт, да предложи безбедна локација за одлагање отпад. Комуналното претпријатие во немање друга локација беше приморано да одлага отпад на постоечката локација, неоправдано е сето тоа, но претпријатието беше приморано поради немање друга локација.

Strugaonline: До каде се преговорите и дејствијата за дислокација на депонијата, вие имавте средби со претставници на локалната и централната власт, што велат вашите контакти со компетентните лица од институциите?

Глигорие Ќатоски: Колку што сум запознаен за проблемот со струшката депонија ќе се разговара и на точка на дневен ред во Собранието на Република Македонија. Разговарано е со надлежните и од нив добиваме постојани ветувања за решавање на проблемот. Во моментов ние не бараме трајно решение, трајно решение е регионална депонија. Мислам дека во нашиот регион тоа ќе биде областа Арбиново во Дебарца, но знаеме дека создавањето на регионалните депонии е доста долг процес. Потребни се две, три, пет, а можеби и десет години за создавање на ваков вид современи депонии. Нам ни е потребно решение на среден рок, значи меѓувремено решение до изградбата на регионални депонии.

Strugaonline: За решавање на овој проблем беше формирано и експертско тело, имате ли информации до каде е нивната работа?

Глигорие Ќатоски: Немаме некои конкретни информации. Вчера стапив во контакт со претставници на тоа експертско тело, од нивна страна добивме само ветување и уверување дека проблемот ќе се реши, но на терен не гледаме никакви конкретни активности.

Strugaonline: Општина Струга распиша јавен повик за доделување на јавна набавка за одржување на дивата струшка депонија, Вие излеговте  со соопштение преку кое го изразивте негативниот став кон одлуката на општината. Со кои механизми ќе се борите против оваа одлука?

Глигорие Ќатоски: Ние сме строго против објавување на ваква јавна набавка бидејќи истата дава некаков легалитет на дивата струшка депонија.  Претпоставувам дека тоа е некаква порака дека нема да се дислоцира депонијата и дека ќе продолжи да се користи. Апелирам до Бирото за јавни набавки како надлежна институција да внимава при овој јавен повик бидејќи тоа се законските надлежности на бирото, да врши контрола врз давањето на јавни набавки и да се провери дали спецификациите дадени во тој тендер се доволни за одржување на една депонија од толку голем размер. Од тоа што успеав јас да го прочитам, технички спецификации на тендерот се: правно или физичкото лице кое би го добило тендерот да има еден багер, еден булдужер и еден камион. Колку со ваква механизација би можело да се одржува дивата струшка депонија е прашање.

Strugaonline: Кои се следните планирани активности на Граѓанската иницијатива „Доста“ после вчерашното повторно палење на депонијата?

Глигорие Ќатоски: За денеска во 18:00 часот имаме закажано состанок со членовите на иницијативата. Ќе се преземат соодветни активности. Тие активности би се радикализирале, не исклучуваме протести и блокирање на патишта. Како најнова идеја се појави и блокирање на граничниот премин Ќафасан. Сето ова го правиме затоа што сме приморани и затоа што немаме слух од другата страна. Вчера излеговме со реакција на вчерашното палење. Дел од членовите на иницијативата и дел од граѓаните во текот на ноќта фрлија отпад пред зградата на општината како рекација на вчерашното палење. За понатаму, ќе се координираме и соодветно ќе ги радикализираме нашите активности.

Strugaonline: Баравте да има постојан видео надзор на депонијата, како е можно  и после толку пати повторно потпалување да нема откриени сторителите?

Глигорие Ќатоски: Од нашите контакти со општината, ни беше кажано дека утврдиле идентитет на некој сторител, а за идентитетот било известено и Министерството за внатрешни работи и обвинителството. Во контакти со МВР објаснето ми е дека таков идентитет не е споменат. Дали се работи за недоразбирање во комуникација или за манипулација не знам. Непронаоѓањето на сторителот и неказнувањето на истиот поттикнува вакви идни спалувања. Првите денови откако се изгасна депонијата имавме полициски патроли и при една таква голема контрола во два дена имаше три обиди за спалување на депонијата, но тоа беа неуспешни обиди бидејќи отпадот беше покриен со земја и не можеше да зафати такви размери. Сега зафати такви размери бидејќи се работи за нов отпад кој што не е соодветно третиран. Стоиме на предлогот за поставување видео надзор, треба да се преземат мерки за превенција од вакво спалување. Мерките за превенција се многу поефтини од мерките кои се преземаат за санација на проблемот.

Извор: Strugaonline

Facebook Коментари