Велигденско огледало – станавме ли подобри луѓе?

- Занимливо
3035

Со пораката да владее доброто во луѓето и помеѓу луѓето ве поздравувам на големиот ден. Во бојата на љубовта ги обоивме јајцата, денеска се радуваме за воскресението на Спасителот.

Ајде сите да се прашаме себе си, од минатиот Велигден до денес станавме ли подобри луѓе? Научивме ли да не мразиме? Или, уште поважно, научивме ли да сакаме безусловно? Зошто, Божјата љубов е баш таква, без услови ни е дарена, суштината е да сакаме без да бараме да бидеме сакани. Духовното растење значи да научиш дека кога даваш љубов, таа расте и не се намалува.

Слушам: „Велигден е, денеска бидете добри, така чини, вака чини… онака чини“.

Зошто така правите? Зарем не треба да бидеме добри секој ден? Зарем не треба секој ден да го славиме животот како да е Велигден? Кога сме лути, бесни, повредени и гневни зошто не помислуваме на Исус Христос? Каде ни е вербата кога мислиме дека сите бродови потонале?

Една многу возрасна жена ми вели: Велигден е, денеска треба да им простиш на сите што ти згрешиле, а ќе ти побараат прошка.

Се чудам, искрено да ви кажам многу се чудам. Сите овие „правила“ ми се чинат како навреда за денов. Луѓе што си мислат лошо еден на друг, денеска ќе седнат на иста маса само затоа што е Велигден и ќе наздрават со сила. Едвај ќе чекаат да си свртат грб за да зборуваат лошо еден за друг. Многу формални простувања ќе се случат, само на зборови но не и во душите. Луѓе без мерка ќе јадат месо и јајца толку многу, што ќе завршат на болница, па ќе ги има на вести.

Зарем не мислите дека некаде многу грешиме?

Ако простувате, простете искрено, не правете го тоа за другите туку за себе си. Искреното простување носи најголем мир во душите. Сакајте се себе си, да се сакаш себе не значи да бидеш себичен, единствено така ќе ги сакаш и другите. Љубовта и хранењето на егото немаат врска едно со друго. Сите сме ние грешни, сите ние имаме лоши мисли, но  добрата мисла се учи и  се вежба. Добрата мисла значи добра реалност. Простувајте, сакајте и славете го животот секој ден. Но никако не правете го тоа затоа што „така треба“ туку затоа што така навистина сакате. Доказ на верба не се формалните адети, туку тоа што го чувствувате во душата. Ние сме енергетско поле. Тоа што зрачиме тоа и привлекуваме.

Христос Воскресе!

И.М.

Facebook Коментари