Анастазија Жупан е дете на љубовта, еве како му се радува на животот

- Локални
1827

Aнастазија Жупан е млада и талентирана девојка, за неа животот со Даунов синдром не е пречка туку предизвик. Својата љубов кон животот и луѓето ја изразува преку сликање. Давајќи му симблика на датумот 21-март, како ден посветен на лицата со Даунов синдром,  Анастазија преку изложба од десеттина слики изработени од нејзините вешти раце ја испрати главната порака и покажа дека лицата со Даунов синдром се талентирани и вреди да бидат вклучени во општеството како и сите други луѓе.

На изложбата која се одржа во Бистро “Корнер„, а беше поддржана од “Лајонс Клуб – Деница„ Анастазија на многу креативен начин ја искажа радоста што ја носи пролетта и изложи десетината слики со мотиви на цвеќиња. Веселите бои на нејзините слики покажуваат колку животот може да биде убав.

Во разговор со нејзината мајка,  Јелена Жупан, запознавме една храбра и позитивна мајка која својата ќерка ја научила како се сака животот, заедно ги мешаат боите и создаваат подобро утре. Од другата страна на приказната е општеството, ние луѓето кои треба да поработиме на својата свесност и да научиме дека еден хромозом повеќе значи повеќе љубов, не случајно децата со Даунов синдром се нарекуваат „Деца на љубовта“.

Иницијативата за Анастазија да се посвети на сликање ја дала Анита Гагоска од Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака Нова“ која е позната по својата несебична посветеност и љубов кон оваа група лица, а Анастазија со задоволство го прифатила предизвикот.

За неа сликарството не е единствена љубов, првата љубов на Анастазија е шпанскиот јазик кој го учела сама. Туристите во лето со задоволство разговараат со неа. Од редакцијата на Strugaonline  и Play radio испраќаме апел, ајде сите да разговараме со оваа млада девојка секогаш кога имаме можност, затоа што јазикот на љубовта сите треба да го знаеме.

Strugaonline

И.М

Facebook Коментари