Бесплатно предавање за лица над 60 години на тема „Дегенеративни заболувања“ во Струга и Охрид

- Здравје, Локални
950

Aгенцијата за локален развој од Струга е носител на едукативен проект наменет за лица од Струга и Охрид кои имаат над 60 години. Станува збор за бесплатно предавање на тема „Дегенеративни заболувања“ кое ќе се одржи оваа сабота во Спомен домот „Браќа Миладиновци“ во Струга со почеток од 12 часот. Истото предавање ќе можат да го проследат и охриѓани со почеток од 16:30 часот во Ресторан „Белведере-Кај Четкарот“ во Охрид. Предавач ќе биде д-р Благоја Ѓорѓиески – специјалист физијатар.

Предавачот  ќе зборува за причините за настанувањето на дегенеративните заболувања, симптомите и начините како да се справиме со нив.
Во дегенеративни болести спаѓаат: остеопороза, артритис, реума, спондилоза, гонартроза и други. Повозрасните се подложни на овие дегенеративни промени и важна е едукацијата за справувањето со нив.
Возрасните лица живеат сами или со фамилиите во семејните куќи. Нивната социјализација е ограничена на поблиската фамилија(доколку имаат среќа фамилијата да им е блиску) и соседите. Голем дел од старите лица во Охрид се осамени бидејќи децата им се во странство и доаѓаат многу ретко Според податоците од Државниот завод за статистика,  Охрид е град со најголема стапка на исселување во Македонија . Секојдневието на овие лица е исполнето со многу предизвици, бидејќи се ограничени во движење (поради болест, изнемоштеност). За многу од обврските (како набавка на храна и плаќање на сметки) зависат од други луѓе, а не ретко се и жртви на семејно насилство каде им се одзема пензијата и тие немаат можност да управуваат сами со своите средства. Поради сето ова, голем дел од старите лица се повеќе се повлекуваат, се изолираат и се склони кон депресија покрај останатите здравствени проблеми кои ги имаат.
А старите лица кои се во добра форма, најчесто не ги гледаат своите потреби туку се гледаат себеси како припомош на фамилијата додека се во состојба да помагаат. Не грижејќи се за себеси, своето здравје, тие побрзо се доведуваат во немоќна состојба и потоа зависат од милоста на фамилијата/роднините или се оставени сами на себе.

Овој проект се спроведува во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица” финансиран од Европската унија, со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој и Австрискиот црвен крст, кој Црвениот крст на РМ во Македонија го спроведува во заедничко партнерство со здружението Хуманост.

Strugaonline

 

Facebook Коментари