Буџетски форум и отворен ден со градскиот архитект во Струга – учеството на граѓаните од големо значање

- Интервју, Локални
1770

Во денешното издание на емисијата Play cafe наши гости беа Катерина Талеска Скепароска и Ѓоко Милески, проектни координатори во Центарот на заедницата на општина Струга. Зборувавме за сите активности кои се организираат во Центарот на заедницата на општина Струга, се со цел да ги поттикнат Стружани активно да се вклучат и да соработуваат со институциите и да придонесат за подобро општество.

Strugaonlinе: Во вашите планирани активности периодов е организирањето на Буџетски форум чија цел е  зголемување на учеството на граѓаните во процесот на носење на буџетот на општината и зголемување на транспарентноста на општината. За што се ќе бидат информирани присутните граѓани и кој ќе учествува на истиот ?

Катерина Скепароска: Буџетскиот форум е планирано да се одржи на 20/12/2017 година (Среда) во Хотел „ДРИМ“ – Струга. Форумската сесија ќе биде поделена во два дела , во првиот дел присутните ќе можат да проследат презентација од страна на претставниците од општина Струга за извршувањето на буџетот од 2017 година , предлог буџетот за 2018 година и презентација на активностите и проектите предвидени во програмите на општина Струга. После тоа присутните ќе можат да предложат проекти за кои сметаат дека треба да се најдат во општинскиот буџет односно во општинските програми,  а претставниците од општина Струга ќе се произнесат дали предлозите на граѓаните се прифатени или да дадат објаснување зошто не можат да бидат прифатени. Во вториот дел граѓаните ќе имаат можност да приоретизираат односно да гласаат и изберат програма која сметаат дека е најприоритетна и која треба да биде фокус за реализација од страна на општинските власти во наредната година.  Целите на форумот се зголемување на учеството на граѓаните во процесот на носење на буџетот на општината и зголемување на транспарентноста на општината во областа на буџетското планирање.

Форумот е од отворен тип и на сесиите можат да присуствуваат сите граѓани на општина Струга. Поканети ќе бидат претставници и од Советот на општина Струга, месните заедници, образовни институции јавни претпријатија граѓански организации и други локални чинители.

„Буџетскиот форум“ е дел од годишната програма на „Центарот на заедницата на општина Струга“ и е финансиски подржан од страна на Фондација Отворено општество – Македонија.

Strugaonline: На 15-ти декември, односно следниот петок,  организирате отворен ден со градскиот архитект и членовите на Комисијата за урбанизам при Советот на општина Струга, ова е одлична можност за граѓаните на Струга да даваат свои предлози но истовремено да поставуваат прашања поврзани со дозвола за градба, урабанистичкиот план на градот, легализација на објект итн. Која е планирата програма за отворениот ден и кој се ќе присуствува?

Ѓоко Милески: И овој настан е исто така од отворен тип за сите граѓани на општина Струга. Присутните ќе имаат можност директно да се сретнат и разговараат за своите проблеми, видувања предлози со градскиот архитект, претставници од секторот за урбанизам и претставници од комисијата за урбанизам од Советот на општина Струга.  Местото на одржување ќе биде канцеларијата на „Центарот на Заедницата на општина Струга“ ( во зградата на Министерство за Одбрана)  со почеток во 13:00 часот. Отворените денови кои ги организира „Центарот на заедницата на општина Струга“ имаат за цел зголемување на транспарентност на работата на Советот на Општина и општинската администрација како и да им овозможат на граѓаните нивно активно вклучување во донесувањето на одлуки на локално ниво.

Strugaonline: Вакви слични настани сте имале и претходниве години, што покажува праксата, колку стружани имаат навика да учествуваат на отворени денови и дали е порасната свеста дека на овој начин најмногу можат да бидат активни за доброто на општината во која живеат, но и за нивна лична информираност?

Катерина Скепароска: Ова е одлична можност која треба да биде искористена од старана на сите граѓани за нивно активно вклучување во овој тип на настани кои можат да бидат многу корисни за нив. Советниците во Советот на општина Струга се нивни директни избраници а општинска администрација е сервис кој работи за нив и на овој начин тие можат директно да се обратат до нив со своите проблеми и да побараат совети и можности за решавање. Граѓаните треба да бидат проактивни  чинители при остварувањето на своите права, треба да се вклучат во процесите на планирање и донесување на јавни политики  а општинските институции да бидат отворени за граѓаните и да дадат можност за граѓанското учество. Потребно е жителите на општина Струга повеќе да се активираат имаат можности и механизми кои треба само да ги искористат. Тука би ги споменал и седниците на советот на општина Струга кои се јавни и отворени за струшката јавност а салата на Совет е прилагодена за граѓаните да можат да присуствуваат на седниците.

Strugaonline: Вашите активности не завршуваат тука, посветувате внимание на сите домени од човековото живеење, така е и со образованието, претходно споменавте дека планирате и отворен ден за образование, да позборуваме нешто повеќе за овој настан

Ѓоко Милески: Наша заложба е да ги поттикнеме граѓаните активно да се вклучат во носењето на одлуки и креирањето на политики кои се сепак наменети за нив. Ќе продолжиме со организирање на настани за граѓаните на кои ќе можат непосредно да се сретната и разговараат со претставници од општинската администрација и советот на општина Струга. Отворениот ден со Комисијата за образование од Советот на општина Струга и претставниците од одделението за образование од општинската администрација е во подготовка и ќе биде одлична можност претставниците од образовните институции училишните совети и граѓаните да поразговараат за предизвиците и проблемите со образованието во општина Струга. За датумот и времето на одржување дополнително ќе ја информираме јавноста.

Strugaonline

Facebook Коментари