Црвен Крст-Струга со свечена седница го одбележа Денот на крводарителите

- Локални
1371

Oпштинската организација на „Црвен Крст“ од Струга, денеска одржа свечена седница по повод 17-ти март, светски ден на крводарителството. Во воведниот дел од седницата беше истакнато дека  Крводарителството во Македонија се темели на принципите на доброволност, анонимност и солидарност. Со самото дарување на крв, секој крводарител изразува највисок степен на солидарност кон сите оние на кои истата им е потребна без оглед на пол, раса, боја и националност и верска припадност.

„17-ти март е Ден на крводарителите, на кои им посакуваме добро здравје и да продолжат по патот на хуманоста со несебичната помош односно дарувањето на крв, бидејќи незаменливо  е чувството кога му се помага на човек кој се бори за својот живот.“ – велат од Црвен Крст Струга.

Свесноста за тоа дека дарувањето крв треба да биде наша хумана навика и култура на живеење кај стружани постојано расте, а со самото тоа од година во година има се поголем број на крводарители.

„Како и минатата, и оваа година сме горди на овој наш празник кога се прославува денот на крводарителите и основањето на Црвен Крст на Република Македонија.  Црвен крст-Струга го реализираше планот на крводарување и оваа година.  Благодарни сме на сите крводарители кои ја даруваа својата крв за спасување на многу животи. Оваа мисија ги прави специјални жители на градот. Повторно го надминавме бројот на крводарители, споредено со изминатата година. Во 2017 година крв дарувале 2 121 лице.“ – истакна Адуриме Даути секретар во Црвен Крст – Струга.

Претседателот на Црвен Крст- Струга,  Д-р Новица Шуменковски се заблагодари на сегашните и идни генерации кои ја остваруваат оваа хумана мисија на дарување крв и им додели благодарници на сите крводарители и општествено одговорни фирми кои помагаат во организацијата на Црвен Крст во Струга.

Извор и фото: Strugaonline

Facebook Коментари