Дејан Јанкоски низ својата музичка историја: Добар бенд функционира како хармонично семејство

Во рубриката „Мојот избор“ која се емитува во склоп на емисијата „Слушај Плеј во 2“ ни гостуваше музичарот Дејан Јанкоски. Своите први чекори во музиката од рана возраст, односно уште во основно училиште. Во средно училиште заедно со другите членови го формира бендот „Atrox“ и тогаш го доживува својот прв настап во „Центарот за култура„ во Струга. Сето тоа се случува во 1994-та година. После распадот на првиот бенд се создаваат нови пријателства, и нов бенд по име „Еxodus trio“ со кој настапува на „Рок фест“. Бендот е победник на тоа издание на фестивалот, а следната година ја освојува вице-шампионската позиција. Како награда, членовите на бендот  добиваат гитара и снимање на една песна во МТВ.

„Exodus trio“ подоцна се преименува во „С’клет“, во тој состав снимаат неколку синглови и еден авторски албум со наслов „A trip through the horizont”.

„Албумот, кој беше снимен во 2002-та година претставува своевидно ремек-дело за овие простори во тоа време. Тоа важи и денес. Може да се каже дека „С’клет“ се предводници во т.н „POST ROCK“ кој својата експанзија ја доживеа во 2005-та година“ – вели Јанкоски.

Потоа го формираат панк бендот „Дојка“ со кој снимаат два албума. Во тој состав настапуваат на повеќе фестивали во Македонија, но и надвор од нашите граници.

Покрај авторската музика, низ годините наназад но и во овој период Дејан е посветен и на клубските свирки кој се неизбежен дел од неговата музичка кариера. Има настапувано во бендот „Мајка“ на Александра Пилева. За време на соработката со Пилева има доста настапи вклучувајќи ги и оние на „Beer fest“ во Белград и концертот со „Електрични оргазам“ на Кале како и други значајни настапи на клубски и концертни сцени.

Со Александра Пилева бендот има снимено и две авторски песни кои се наоѓаат на нејзиниот последен албум.

Моментално, Дејан Јанкоски работи со бендот „Balkan Jam“, а ни откри и дека во план е повторно да се формира панк атракцијата – бендот „The Dojka“.

Покрај свирењето Дејан се занимава и со графички дизајн како и изработка на логоа, а исто така можете да го слушате на Плеј радио како водител на емисијата „Не спомви имиња“.

„За првите запознавања со музиката и поддршката низ годиниве им благодарам на мојот татко Павел, и секако на човекот кој ме внесе подлабоко во тајните на музиката – Оливер Китаноски. Благодарен сум на сите оние со кои долги години соработувам, затоа што добар бенд функционира како едно хармонично семејство.“ – вели Дејан.

Дејан Јанкоски ни го откри и својот топ 3 музички избор, а истиот ви го препорачува и вам.

„Групата Екатерина Велика е мој избор затоа што ги слушам цел свој живот. Секогаш се добри поради музиката која ја создаваат и пораката која ја испраќаат преку текстовите. E.K.V со својот албум „Дум дум“ го нагласија распадот на Југославија. Тие се секогаш пред времето, затоа се одлуичив за една песна од нивниот албум“ – вели Јанкоски за својот прв избор.

„Porcupine Tree – Sound of Muzak“, „Porcupine Tree“ затоа што се бесконечни и секогаш даваат повеќе од тоа што слушателот го очекува. Тоа е бенд кој ја има прогресивноста на новата генерација на рок музиката, иако свират од поодамна. „Porcupine Tree“ се оригинални, хармонични и испраќаат впечатливи пораки до слушателите.

„Pink floyd – Us and Them“, за овој бенд немам зборови со кои можам да ги опишам. Едноставно тоа е рок класика која се слуша и ќе се слуша со децении.

StrugaOnline

Facebook Коментари