Едукативен центар „Таргет“ – Мал универзум за учениците во Струга

- Интервју, Локални
3776

Од месец септември децата од прво до деветто оделение ќе имаат свој мал универзум, а тоа е едукативниот центар „Таргет“, ова е вистинска можност за сите деца од прво до деветто оделение сите училишни обврски да ги завршат со стручен  и едуциран тим кој ќе им помогне во процесот на совладување на материјата по училишна програма. Идејните творци на едукативниот центар, Билјана Мартиновска и Мила Бебек, имаат за цел на децата да им овозможат квалитетно учење, подготовка за тестови, учење англиски јазик но и едукација преку игри и квизови.

Strugaonline: Едукативниот центар „Таргет“ е нешто сосема ново и единствено во нашиот град, како дојдовте до оваа идеја? Преку отворањето на едукативниот центар преземата една значајна улога, а тоа е квалитетно учење кое го заменува пишувањето домашни задачи и учење лекции дома.

Билјана Мартиноска: Идејата за отворање на еден ваков едукативен центар ја имаме веќе подолго време. Поттикнати  од разговорите кои сме  ги воделе со родители, мајки, пријателки, колешки…кои многу често ја нагласувале нивната потреба од постоење на ваков образовен центар ни  ја наложи нејзината реализација. Центар кој ќе биде во служба на нивните деца, а секако ќе им биде од помош и на самите родители кои заради недостиг на време поради професионални или било какви други обврски не можат да им помогнат на своите деца во изработување на домашната работа, па и во изучување на наставната материја.

Strugaonline:  Што  нуди тимот на „Таргет“ и кога ова приватно училиште ќе започне со работа?

Мила Бебек: Таргет ќе функционира во две смени, а групите ќе ги формираме спрема потребите и интересите на учениците. Учениците ќе добиваат помош при изработка на домашните задачи по дел од предметите од прво до деветто одделение, индивидуални часови по англиски јазик и часови по математика спрема потребите, а секако нудиме и подготовка за тестови и писмени работи по споменатите предмети.

Пријавувањето е во тек и трае се до први септември. На втори септември ќе биде отворањето на нашиот центар, ќе имаме и Отворен ден за сите кои сакаат да не посетат во просториите на центарот, со почеток од 17 до 20 часот. Официјално, со работа ќе започнеме на 18-ти септември.

Strugaonline: Каков е интересот до сега? Ние во нашиот медиум веќе информиравме за начинот на пријавување, какви се реакциите на родителите кога ја добиваат информацијата за овој едукативен центар?

Билјана Мартиноска: Да, со помош на Вашиот медиум и флаерите кои ги пуштивме за само неколку дена има навистина голема заинтересираност, не само од страна на родителите туку и од страна на самите ученици. Моето четиринаесетгодишно искуство во образование ме поврзува со голем број ученици од целата општина, па веста за отворање на еден ваков центар кај нив беше примена со восхит што навистина ме радува.

Strugaonline: Освен учењето, децата ќе имаат можност да се дружат и забавуваат, каков е вашиот план за нивно едуцирање преку игра?

Билјана Мартиноска: Во однос на дружењето и забавата, учениците знаат дека кој работи и учи на крај се наградува. Тоа го имаме замислено како мотив плус за успешно извршување на работните задачи. Имено, во рамките на нашиот центар сме опремени со голем број едукативни игри кои не само што го развиваат натпреварувачкиот дух кај учениците туку и им даваат дополнителни знаења кои ги стекнуваат преку игра, а најдобро се учи токму кога таквото учење не е наметнато туку доаѓа спонтано. Посебен акцент ќе биде ставено и на дружењето и соработката меѓу самите ученици, вредност која мора да се негува како дел од нашиот образовен тим.

Искуството кое сме го стекнале низ годините на работа со деца од различни возрасти ќе го вложиме во овој едукативен центар кој ќе биде секојдневно тука за потребите на сите ученици.

Strugaonline

Ирена Мрческа

 

 

 

 

 

Facebook Коментари