Изборот на средно образование, важен момент во животот на секоја индивидуа – уписите година се во последната недела од јуни

- Интервју, Локални
4473

Запишувањето во средно училиште е моментот кога учениците сфаќаат дека пред нив е нов предизвик и време кога сериозноста на образованието станува поголема отколку во основно. За датумите на овогодинешните уписи во средно училиште, но и за начинот на кој учениците одлучуваат кое средно училиште ќе го изберат ( гимнаизја или стручно) зборувавме со Соња Столеска, заменик директор во Гимназија Д-р Ибрахим Темо.

Strugaonline:Кога започнуваат уписите во Гимназијата Д-р Ибрахим Tемо, и која е праксата до сега во Струга, дали учениците повеќе одбираат гимназија или стручно средно образование?

Соња Столеска: Ова е навистина актуелна и важна тема, токму затоа дел од тимот на Гимназија Д-р Ибрахим Темо ги посети сите основни училишта во општина Струга и Вевчани за да ги запознаеме учениците со сето она што можат да го очекуваат од септември, но медиумите се секогаш одлична можност за да ги информираме учениците и нивните родители. Уписите, како и секоја година се последната недела од јуни, но има и втор уписен рок кој најчесто е на први јули. Праксата до сега покажува дека повеќе ученици се запишуваат во стручно средно образование. Обично учениците кои имаат малку послаб просек избираат струки кои се малку полесни, односно каде што повеќе се изучува пракса. Учениците кои планираат понатаму да продолжат со високо образование, односно да продолжат на факултет најчесто се определуваат за гимназија.

Strugaonline: Учениците и во Гимназија имаат можност да бираат насоки, кои се тие насоки и кои предмети ги вклучуваат истите?

Соња Столеска: Можностите се исти како и до сега, учениците во Гимназија можат да се определат за природно-математички смер подрачје А и подрачје Б. Подрачје А избираат учениците кои планираат да студираат на природните и техничките факултети. Подрачје Б е изборот на учениците кои планираат да студираат медицина или ветеринарни науки како и земјоделски и шумарски факултет. Понатаму, јазично уметничко подрачје А, кое е одбирано од страна на учениците кои имаат најголеми склоности кон изучување јазици. Општесвено-хуманистичко А бираат ученици кои планираат да студираат на економски, правни студии и новинарство. Општествено хуманистичко Б е наменето за ученици кои своето образование планираат да го продолжат на Филозовскиот факултет. До учебната 2015\16 година овие смерови ги активиравме од трета година согласно законот за средно образование во Гимназиите. За прв пат оваа година започнуваме да ги воведуваме адаптираните наставни програми од „Кембриџ“ интернационалниот универзитет односно „Кембриџ“ програми. Оваа година се воведени неколку предмети, а тоа се: математика, биологија, хемија и физика.  Според оваа програма прв пат во  прва година воведуваме природно-математичко подрачје под А и природно математичко подрачје под Б. Останатите подрачја ќе се викаат „Општа Гимназија“ и ќе можат да се определат во трета година. Сето ова е вака за сега, а дали ќе има промени следната година не би знаела. Бидејќи е прва година, за сега се воведени само нови програми за природно-математички А каде што е предвидено математиката да се изучува со пет часа. Но, тоа не треба никого да заплашува бидејќи фондот на часови што овие ученици во природно-математичко А и до сега го имаа ќе биде идентичен на крај од четврта година, но се укинуваат оние изборни предмети во втора, трета и четврта година по математика, сето тоа ќе биде во склоп на еден предмет кој се нарекува математика и истиот ќе се учи со пет часа од прва до четврта година. Вториот предмет кој е карактеристичен за природно-математички А е физиката која наместо со два ќе се изучува со три часа неделно. Со три часа неделно ќе се изучуваат и хемија и биологија. Другите промени се ситни.

Strugaonline: Што се случува доколку одреден ученик сфати дека „залутал“ во насоката која ја одбрал? Дали може да се префрли на друг смер?

Соња Столеска: Ова е многу важно прашање за сите ученици и родители. Ако некој сака да се префрли на друг смер,  од Гимнајзија во стручно и обратно ,како и до сега и сега е возможно. Но, се полагаат диференциални испити. Треба да се дополага разлика во програмата ако нешто се учело помалку, или ако се учело повеќе тогаш ученикот само ќе се префрли на другиот смер. На пример ако од ПМА реши да оди во ПМБ треба да полага диференцијални испити по физика, хемија и биологија затоа што тој ги учел со два часа, а во другиот споменат смер се учеле со три часа.

Strugaonline: Kaко учениците бираат средно образование? Какво е влијанието на родителите и на групата врсници?

Соња Столеска: Најголемото влијание за изборот на средното образование е каде ќе одат другарите. Заради љубовта кон другарите некогаш човек може сосема да си ја промени идната професија. Потоа може да биде разочаран, па да се префрла од еден смер во друг или од гимназија во стручно средно и обратно. Често, учениците бегајќи од одреден предмет или одреден професор  одат во сосема различен смер од планираниот. Ниту една од овие причини не вреди ако имаме концепт за нашата иднина. Учениците не треба да се плашат од ништо и од никого, важно е само да се сака тоа што се работи. Ниту пак сите ученици треба да бидат одлични. Исто така, важно и големо е влијанието на родителите. Некои родители имаат амбиција нивното дете да ги има сите петки, други сакаат нивното дете само да „помине“. Исто, многу е значајно да не се бега од часови, имам 26 години работен стаж и се повеќе гледам колку се бега од часови. Но, учениците мораа да знаат дека присуството на часови е педесет проценти научен материјал.

Strugaonline: Што се одбира повеќе , државно или приватно средно училиште?

Соња Столеска: Генерално повеќе се бира државно училиште но во подем е изборот и на приватно средно училиште. Изборот на приватно средно најчесто е од следниве причини: Станавме многу „бизнис“ семејства, родителите се многу зафатени, а во приватните училишта децата се на целодневна настава, таму имаат и храна и се малку позгрижени. Но постои и пооправдана  причина, а тоа е кога детето има голем талент или афинитет кон одреден предмет. Во тој случај, приватните училишта според агендата за воннаставни активности, ако се примети дека некој ученик има посебен талент тогаш во него многу се вложува. Тоа е навистина за поздравување. Тогаш се носат професори кои му држат вонредни часови, се ослободуваат од други предмети. Во овој контекст сакам да ги пофалам талентираните ученици од „Јахја Кемал“, кои земаат голем број први награди по повеќе предмети.

За во Гимназија сакам да потенцирам, дека ние имаме одлични спортисти кои освојуваат многу медали. Тие не можат да дојдат до израз по другите предмети, во тој случај треба ние другите професори по предмети кои не се „нивни фаx“ да бидеме малку пофлексибилни, и обратно. Ако некој е талент за информатика, како што имавме случај годинава кога освоивме две први места на натпревар во Охрид, тие ученици не можат многу да се истакнат во општествени науки. Не велам дека од единица треба да се пишува петка, но треба да се има обзир кон афинитетите на ученикот. Во нашата држава благодарение на Битолскиот универзитет заедно со Министерството за образование е формирано тело за откривање на таленти и тоа е навистина значајно.

Strugaonline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари