Јосип Коцев: Целиот мој живот е поезија – тоа што го пишувам е слика на моето битие

- Интервју, Локални
2743

Младиот и талентиран поет Јосип Коцев е номиниран за наградата „Браќа Миладиновци“ која на Струшките вечери на поезијата се доделува за најдобра поетска книга напишана помеѓу два фестивали. Во потесниот круг за оваа награда Коцев влегува со својата втора збирка- поезија насловена како „Напишана тишина“. За самата номинација, но и за сите моменти на инспирација кои го предизвикуваат да ги преточи на хартија убавите стихови, разговаравме токму со него во студиото на Плеј Радио.

Strugaonline: Вашата втора поетска книга „Напишана тишина“ се најде во најтесниот круг за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата годинава, зборуваме за една престижна награда, какви се Вашите очекувања?

Joсип Коцев: Во овој состав јас сум најмлад од сите автори кои влегоа во потесниот круг за оваа награда. За мене беше изненадување затоа што мојата поезија не излегува од академските кругови и не е чувана далеку од очите на „обичниот читател“. Мојата поезија е создавана во „од“, споделувана е со читателите во моментот кога е и креирана. Мојата поетска тетратка им ја давам на луѓето  да ја читаат, да ја коментираат и критикуваат. Номинацијата е и големо изненадување но претставува и голема чест за мене. „Струшки вечери на поезијата“ е манифестација со големо реноме. Каква и да биде одлуката на жирито можам само да кажам дека сум почестен, за мене е најважно споделувањето на поезијата со луѓето и секако вредностите кои таа ги претставува. Убаво е и дружењето на оваа манифестација, сретнав поети од целиот свет кои ја живеат и дишат поезијата,  а за наградата немам некои големи очекувања.

Strugaonline: Околу мотивите и начинот на создавање на втората книга, велите дека „Напишана тишина“ всушност е поетски и уметнички опис на денешното време, односно начинот на кој живееме. На својата промоција рековте дека полесно ни е да напишеме „те сакам“ или „извини“, а тешко ни е тоа да го кажеме. Зошто престанавме да зборуваме?

Јосип Коцев: Сите ние имаме еден тон напишана тишина. Веројатно заборавивме во очи да си го кажуваме тоа што го мислиме и чувствуваме.  Полесно ни е чувствата да ги изразиме со модерните форми на комуникација, ова е само една реакција на тој начин на живот. Сите ние, па и јас сме исклучени од директната форма на живеење. Јас признавам дека и мене ми е полесно да напишам отколку да кажам. „Напишана тишина“ е одраз на тоа како живееме и се изразуваме.

Strugaonline: Многу ненаметливо се појавивте на поетската сцена во Македонија, и нема да згрешам ако кажам дека сте можеби најдобриот поет моментално во Македонија. Читајќи, човек ќе помисли дека таа инспирација не ја црпите од никаде, туку ја носите од раѓање.

Јосип Коцев: Јас немам книжевно образование, тоа го имам кажано и претходно во едно интервју. Она што го пишувам е слика на моето битие, црпам директно од себе.  Поезијата за мене е нешто лоцирано кај градите. Нешто што е тврдо по форма, но во моментот кога ќе ги препознае вистинските емоции, кога ќе ги запознае вистинските луѓе и кога ќе го допрат некои ситуации почнува да се топи и да тече на хартија. Кога пишувам губам чувство за реалност.Тогаш не сакам да слушам никакви звуци ниту дразби. Се слушам себе си, тоа што го слушам го преточувам. Нема никаква друга филозофија.

Strugaonline: Дека имате поетски плодни и инспиративни периоди сме имале можност да прочитаме и почувствуваме,  се случува ли некогаш да има некој празен период? Што правите тогаш, се одмарате од поезијата или чекате да се врати во вашите денови и ноќи?

Јосип Коцев: Не размислувам за празни периоди. Целиот живот е поезија. Во периодите кога не сум креирал сум мислел да креирам. Веројатно токму тогаш се наталожуваат искуствата, болките и радостите кои  понатаму се преточуваат во поезија. Долго време јас всушност и не знаев дека пишувам поезија. Не се оптоварував со тоа како моите чувства ќе бидат доживеани. Едноставно ми беше драго кога некој ќе ги препознае тие чувства преточени на хартија. На почетокот, најверојатно само ми беше важно да го „извадам“есенцијалното од себе си. Можеби себично звучи но така е.

Strugaonline: Кога ќе имаме можност да прочитаме нешто ново, односно дали планирате промоција на нова книга наскоро?

Јосип Коцев: Нова книга ќе има кога ќе се соберат вистинските моменти, луѓе, чувства, случувања…….

Извор: Strugaonline

Подготви: Ирена Мрческа

Facebook Коментари