Локалната агенција за развој – Струга со низа успешни проекти за напредно општество

- Интервју, Локални
565

Локалната агенција за развој –Струга, во последниов период е доста актуелна со низа активности, работилници и бесплатни предавања кои ги организира. Во студиото на „Play radio“ ги претставивме  двата проекти кои се реализираат моментално, а тоа се проектот „И старите можат“ и  „Декада на припадноста-славење на различностите“. За таа цел, гости  во денешното издание на емисијата  „Play cafe“ беа  Катерина Василеска – проектен менаџер и Ванчо Тасески-професор по јога , a  Јога друштвото од Струга е партнер на проектот „И старите можат.“

Play radio: Во склоп на проектот „И старите можат“ до сега организиравте бесплатно предавање за деменција, имавте креативна средба со Д-р Јадранка Бибан под мотото „Во кујна наместо во болница“ (која беше наменета и за помлади лица), но, важно е тоа дека целта на овој проект е поактивна инклузија за повозрасните лица во општественото живеење. Како се одвива тој процес, и колку сте задоволни од резултатите кои до сега ги постигнавте?

Kaтерина Василеска: Ова е седуммесечен проект кој што ќе трае до мај годинава. Докторката Јадранка Бибан беше последна засега од циклусот бесплатни предавања. До сега имавме неколку предавања одржани од различни експерти за различни области. Предавањата претежно се поврзани со медицината бидејќи медицината е најактуелна тема за повозрасните граѓани. Многу сме задоволни од начинот на кој се одвива проектот. Со секое предавање имаме се’ поголема и поголема посетеност. Правиме посебни напори, бидејќи социјалните мрежи не се соодветен начин да се допре до оваа целна група. На секое лице кое ќе се запише на листата за настаните го информираме по телефон. Според нашата евиденција, на шесте предавања кои ги реализиравме имаше речиси триста учесници. Со оглед на тоа дека станува збор за повозрасни лица кои е тешко да ги извадите од дома ова е одлична бројка. Токму тоа е целта на овој проект. Постарите лица се многу маргинализирани и ранливи, бидејќи се подложни на болести, а за жал сите настани се посветени на младите лица. На крај гледаме што се случува со младите, тие заминуваат од земјава, а ние што остануваме тука се повеќе старееме. Сметам дека во догледно време ќе треба се’ повеќе да обрнуваме внимание на повозрасните лица. Тоа е пракса во сите држави.

Play radio: Колку повозрасните лица се свесни и едуцирани дека возраста не е пречка за практикување јога, успевате ли природно да ја наметнете таа култура кај оваа категорија граѓани?

Ванчо Тасески: По својата природа јога практика е таква вештина која е наменета за луѓето без разлика на возраста, здравствената состојба, полот, занимањето и сл. Оваа вештина ја содржи во себе можноста за прилагодливост на потребите, можностите и ограничувањата на тие кои ја применуваат. Затоа јогата може да се практикува од најмлада возраст до поодминати години, релативно здави луѓе но и тие што имаат конкретни здравствен проблеми и заболувања . Карактеристично за јога практиката е што таа не бара посебна физичка снага, издржливост, еластичност илинекои други квлитети што се битни за друг вид физчка култура.

Затоа јогата е одличен начин како психофизчка активност и за повозрасните граѓани. И на таа возраст луѓето си посветуваат време и грижа на себе си. Поради овие квалитети и во светот и кај нас јогата се препорачува како многу важна активност. Веќе голем дел од повозрасните знаат за јогата, се информирани за предностите на оваа дисциплина и добро е прифатена од нивна страна и се отворени за нови искуства и учење преку нивен личен ангажман.

Play radio: Кои се искуствата на лицата кои до сега практикувале јога во поодмината возраст?

Ванчо Тасески: Во рамките на центрите во Струга и Охрид но во другите центри од Јога сојуз на Македонија членуваат и активно вежбаат луѓе со над 60 годишна возраст кои постигнуваат такви проемни и квалитети на кои можат да им позавидат и помладите. Тоа беше една од причините да во овој проект за возрасни луѓе над 60 години во Струга и Охрид, а во организација на Локалната агенција за развој од Струга, покрај другите едукативни и практични содржине бидат вклучени практични часови по јога според специјализирана програма прилагодена за самата возраст и потребите на луѓето.
Низ самата практика постепено се подобрува кондицијата, еластичноста, здравјето но и се постигнуваат кавлитети и на психички план – се подобрува расположението, се постигнува поголема релаксираност на духот, се подобрува концентрацијата, се намалува негативното влијание на секојдневните стресни ситуации…… Кај многу од луѓето видливи се промените на сите нивои – се намалуваат или исчезнуваат некои здравствен потешкотии, добиваат поголема волја за правилно вежбање, за правилно дишење, постигнуваат квалитети на подлабока физичка и психичка релаксација. Сите овие и други квалитети имаат силно влијание во подобрувањето на квалитетот на живеење, на исхраната, на дружењето…. Кај луѓето се активира посилно радоста на животот. Многу од нив кажуваат дека подобро се чувствуваат на оваа возраст отколку кога биле помлади и дека јога практиката има многу голем удел во тоа.

Play radio: За потребите на проектот „Декада на припадноста, славење на различностите“ организирате низа настани, како што се : формирање друштвен клуб, мултикултурен фестивал, младинско списание, танцови работилници….и други активности се со цел сплотување на сите етникуми кои живеат во овој регион. Како до сега се одвива овој процес и што се имате реалзириано?

Kатерина Василеска: Ова е многу подолг проект во споредба со проектот „И старите можат“, трае три години и затоа имаме доволно време континуирано да реализираме многу различни активности. Во овој проект се вклучени општините Струга, Охрид, Дебар и Кичево. Овој проект се одвива веќе две години, оваа сега е трета и последна година од овој проект. До сега реализиравме активности чија што цел беше да се соберат група граѓани од различни возрасти, да направат нешто заедно и да го слават животот. Да го слават фактот дека живеат заедно во еден простор, споделуваат еден прекрасен простор, бидејќи во овој регион природата била дарежлива. Целта е да се посветиме на позитивните работи и да станеме свесни дека тоа што сме различни не е недостаток туку предност. Најбогатите и најпросперитетните градови секогаш биле составени од различни нации и етнички групи. Ние ја имаме таа среќа да бидеме еден таков регион. Треба да најдеме начин да се споиме. Има безброј причини за да го мразите некого и некој да ви пречи, но, има уште повеќе причини да ги сакате луѓето бидејќи на крајот, после сите тие поделби ние сите сме луѓе кои споделуваат исти надежи , стравови и желби за еден подобар живот.  Нашата цел е да ги мобилизираме и инспирираме сите луѓе да делуваат позитивно, секој во својата област и секој на свој начин да види една позитивна страна на животот.

Play radio: Кои се идните активности кои планирате да ги реализирате во проектот „И старите можат“, а кои во „„Декада на припадноста-славење на различностите“?

Kатерина Василеска: За проектот „И старите можат“ следуваат работилници за подготовка на здрава храна, тие што покажаа интерес веќе ни се јавуваат. Тоа ќе бидат четири двоедневни работилници во Охрид и Струга, а можно е да има и во Дебарца, зависи од интересот таму.  Потоа ќе следуваат часовите по јога кои ќе ги држи професорот Ванчо Тасески.  Во проектот „Декада на припадноста-славење на различностите“ во моментов имаме програма за ре-грантирање што значи дека доделуваме грантови-средства на помали организации од Струга, Охрид, Кичево и Дебар кои ќе предложат активности во насока на целта на проектот, а тоа е зајакнување на меѓуетничката соработка во овој регион. Имаме планирано и фестивал, кулинарски настан и други активности кои ќе се одвиваат во текот на летото. За нив дополнително ќе информираме.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари