Младинската размена преку проектот „YES“ можност за средношколците да учат една година во САД

- Интервју, Локални
2457

Средношколците од цела Македонија , преку проектот „YES“, имаат можност да бидат дел од младинска размена.  Програмата е финансирана преку Стејт Департментот на САД и е спонзорирана од страна на Бирото за образование и културни работи (ECA) и овозможува добивање стипендија за средношколци. Со добиената стипендија на учениците им се овозможува да поминат една година во САД, да посетуваат настава и да стекнат искуства кои ќе имаат позитивни влијанија врз нивните животи и процесот на образување. За програмата да ја доближиме до сите заинтересирани, разговаравме со Велика Богоеска –   координатор на волонтерски клуб и дел од  АСОЦИЈАЦИЈА на YES АЛУМНИ. Богоеска своевремено била дел од оваа програма, односно поминала една училишна година  САД и стекнала драгоцено искуство кое несебично им го пренесува на сите заинтересирани средношколци.

Strugaonline: Кои се условите за аплицирање за стипендија  во YES проектот и како се врши изборот на ученици кои ќе ја добијат стипендијата?

Велика Богоеска: Условите за аплицирање (и добивање) на YES стипендијата се: учениците да бидат запишани во средно училиште (1-ва или 2-ра година во средно училиште) во моментот на поднесување на апликацијата и истите да бидат родени помеѓу 1 јануари 2001 и 15 јули 2003 година. Покрај тоа, треба да имаат солиден просек и солидно познавање на англискиот јазик. Оваа програма е од високо општествено одговорен карактер, па битно е да се напомене дека учениците со посебни потреби се поканети да учествуваат во истата и за нив важат истите услови. Изборот на учениците кои стануваат стипендисти се врши од страна на независни одбори од американски професионалци во образованието и меѓународните односи во САД, а селекцијата ќе биде базирана според заслугата, препораките од професорите и демонстрираната подготвеност за едногодишен престој во САД.

Strugaonline: Кои се трошоци ги покрива оваа стипендија?

Велика Богоеска :Стипендијата покрива повратна авионска карта (до Сад и назад), месечен надоместок за учениците да можат да учествуваат во општествените активности и да се обезбедат со неопходните лични работи, сместување кај семејство – домаќин, запишување во средно училиште во САД, учество во програмски активности организирани во локалните заедници и здравствено осигурување (со исклучок на претходно постоечка здравствена состојба, како и стоматолошка грижа). Тоа што стипендијата не го покрива се трошоците за вадење на пасош, трошоци кои се надвор од месечна стиендија, трошоци за вишок багаж, како и трошоци за телефонски повици направени од САД кон дома.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека Вие сте имале токму вакво искуство, да ги мотивираме сите ученици кои се заинтересирани, какво беше Вашето искуство, и кои се придобивки ги имате од поминатата година во САД?

Велика Богоеска: Замислете, вие сте меѓу избраните 12 лица кои имаат прилика да бидат стипендисти на оваа програма – чувството е непроценливо. Се работи за едно искуство, за кое можеби и нема да има реприза. Начинот на живеење е сосема различен од она на кое што сме навикнати, а пријателствата кои се стекнуваат траат цел живот. Стануваме независни, одговорни и пријателски настроени лица, затоа што самата програма се темели врз диверзитет и општествена одговорност. Максимално ги отфрламе стереотипите, прифаќаме туѓи култури и ја прокламираме својата. Учиме како да станеме лидери и да помогнеме за подобрување на животната средина во која живееме. Придобивките се огромни, не само дури сме во САД, туку и после враќањето тука, затоа што стануваме дел од мрежата на алумни (ученици кои биле на програмата за размена и успешно ја завршиле) и буквално се работи за „семејство“ со кое понатака се реализираат повеќе активности и проекти на локално и национално ниво.

Strugaonline: Каков е образовниот систем таму за разлика од нашиот?

Велика Богоеска: Образовниот систем брои разлики во начинот на оценување и скалата на оценки – кај нас има од 1 до 5, а таму од F до A, а и просекот на успехот не оди повеќе од 4.00. За разлика од тука, учениците имаат многу помал број на часови и предмети кои се менуваат на полугодие, па со самото тоа учениците избираат што сакаат да учат и се фокусираат повеќе на часовите што им одговараат. За разлика од тука, имаат многу поинтересни предмети, како што се астрономија, животни вештини, пишување и творење, агрикултура, хортикултура, физика на течности и многу повеќе се посветуваат на практичното учење, наместо на теоријата. Она што многу ми се допадна е различните видови на спортови кои учениците имаат можност да ги изберат во текот на училишната година, а тоа се: бејзбол, софтбол, гимнастика и навивање (мажоретки), американски фудбал, пливање, трчање, кревање на тежини, џудо, кошарка, одбојка, голф и друго.

Strugaonline: Што после завршувањето на академската година? Претпоставувам дека повеќето од учениците се заинтересирани кои можности им се отвараат после таквото искуство и дали кога ќе се вратат во Македонија треба да ја повторуваат годината која ја „изгубиле“?

Велика Богоеска: После завршувањето на академската година учениците се враќаат во своите држави и следи постапка на прибирање и нострификација на американските документи, по што се решава дали ученикот продолжува во наредна година, или ќе ја повторува истата. Мислам дека досега, во нашите училишта не се случило да има повторување, но сепак тоа зависи од повисоки органи на одлучување, затоа што програмите кои се учат во САД можат да се сосема различни од нашите тука. Можностите кои се отвораат се бројни, како учество во многу проекти и активности организирани од Американските совети и амбасадата на САД, па потоа запишувањето на факултет оди полесно и ред други работи заради кои ќе одите напред и ќе се надоградувате лично и професионално.

Ги охрабрувам сите ученици (и родителите) од Струга и околината, кои ги исполнуваат условите, прво да не посетат на нашата презентација во Американското Катче во Струга, на 20 септември во 16:00 каде што ќе можат да добијат опширни информации за се што ги интересира, па потоа и да се пријават за полагање на тестовите. Апликацијата и тестирањето се бесплатни, а потребен ви е само добар мотив, пенкало и документ за идентификација .

Првиот и вториот круг на тестирањето ќе се одвиваат на 5 октомври, во 8:00, во средното училиште Д-р. Ибрахим Темо, па ве очекуваме во што поголем број.

Подготви: Ирена Мрческа

Strugaonline

Facebook Коментари