Никола Матоски: „Репетитор“ ќе направат спектакл во Струга, а во нашиот град има одлична публика

- Забава, Локални
1336

Иницијативата за независен културен активизам ИНКА, заедно со своите активни членови е заслужна за тоа што Струга полека прераснува во еден културен центар, ги спојува и на едно место ги собира уметниците од Македонија но и од други Европски земји. Тоа најмногу го покажаа со организирање на фестивалот „ДРИМОН“ кој во нашиот град се одржува од 2013-тата година. Годинава на пример, ДримОН предизвика голем интерес кај јавноста но и медиумите, во својата програма нудејќи од панел дискусии, преку концерти, театарски претстави, изложби, филмови, работилници и сето она што е квалитетна општествена вредност .  Но приказната не завршува тука, Никола Матоски кој е дел од тимот на ДримОН и ИНКА за Strugaonline најави уште еден спектакуларен настан кој на 30-ти септември ќе се случува во Центарот за култура во Струга.

Strugaonline: Во Струга доаѓа рок триото „Репетитор“  од Белград. За љубителите  на овој вид на музика „Репетитор“ е еден од највозбудливите концерти бендови во Европа, но за сите кои не се запознаени со музиката која ја создава бендот, објаснете ни  нешто повеќе за нивниот историјат и популарноста која ја имаат на регионално и европско ниво.

Никола Матоски: Како што спомнавте,  „Репетитор“  е бенд основан во Белград.  Зад себе имаат три студиски албуми, а концертот кој треба да се случи во Струга ке биде во склоп на нивната европска турнеја на која го промовираат нивниот последен албум насловен како  „Где чеш.“  Интересно е да се спомене дека иако се бенд што доаѓа од балканот популарни се и надвор од неговите граници, пред извесно време имаа концерт во Бергхаин, еден од најпрестижните концертни простори во Берлин и истиот беше распродаден само за неколку часа. Пред настапот на Репетитор ќе имаме можност да проследниме настап на Скопскиот џез состав „Сетстат“  кои пред публиката во Струга ќе го промовираат нивниот последен албум работен заедно со Мирко Попов. Иако основа  им е џезот, нивната музика има и доста рок и пост панк елементи и во комбинација со Мирко звучат совршено добро така што  топло ви препорачувам да го проследите нивниот настап. После концертите продолжуваме со електро журка  која треба да започне некаде околу полноќ во хангарот позади летната сцена. Најавени се двајца извонредни техно дџ-и кои ни доаѓаат ос скопската сцена. Настанот го отвара Андреас Херц кој е еден од основачите на интернационалниот фестивал за електронска музика „Десонанс“  кој се одржува секој декември во Скопје, после него дј пултот го превзема  Виктор Апостолски,  исто дел од скопската техно сцена и член на колективот „Drop Series“ Може да се очекуа настан со богата и квалитетна програма.

Strugaonline:  Како течеа преговорите за нивниот настап во Струга?  Забавата е наменета за Стружани, но вие го имате потешкиот дел, односно договарање на трио кое има настапувано на сите континенти.

Никола Матоски: Преговорите течеа речиси две годни, првично нивниот настап беше планиран како дел од фестивалот ДримОН 2015-та, за жал не успеавме да најдеме соодветен термин, беа премногу зафатени со фестивалски настапи во тој период.  Потоа имавме обиди да ги донесеме на овогодинешното издание на ДримОН исто така неуспешно, во тој период настапуваа на „Ин мјузик“ фестивалот во Загреб и за наша среќа два дена пред настапот во Струга имаат концерти во Атина и Солун па некако испадна да се на поминување и успеавме да договориме датум за настап.

Strugaonline: Како иницијатива до сега покажавте дека беспрекорно функционирате и дека и преку ДримОН и преку другите настани навистина успешно ја реализирате мисијата или целта која ја имате, од Струга да направите независен центар на културата и уметноста. Каков е фидбекот на публиката? Задоволни ли сте од реакциите на стружани?

Никола Матоски: Од стружани секако имаме  позитивни впечатоци и на мое задоволство има голем број на млади луѓе кои редовно посетуваат концерти и останати настани од областа на културата. Како што минуваат годините, имам впечаток дека кај стружани полека се создава навика на посетување настани и тоа е супер бидејќи на тој начин создаваме урбано општество и допринесуваме за прогресивниот имиџ на Струга.

Strugaonline: Што после „Репетитор“? Ќе го чекаме летото за ново издание на ДримОН или ќе не изненадите со нови настани во текот на есента и зимата?

Никола Матоски: Пред концертите истата вечер ќе имаме можност да проследиме проекција на документарниот филм Avec l’amour, кој стана вистински хит низ кино салите во Македонија,  а моментално има и промоција низ европските држави. Проекцијата ќе се емитува  во салата од Центарот за култура и започнува точно во 20:00 часот. Влезот е слободен. Во план се настани кои треба да се случат кон средината на октомври и почетокот на ноември и се надевам дека за скоро време ќе можеме да откриеме детали.

Strugaonline: Каде можат да се набават билети за концертот на „Репетитор“ ?

Никола Матоски: Билетите во Струга можат да се набават во мезе- бар Кингстон и би препорачал на сите што ке доаѓаат на 30ти, да си набават карта што поскоро бидејќи се во строго ограничен број. Исто така, карти ке можат да се набават и во Југотон во Скопје, а за сите посетители што ке доаѓаат од други градови обезбедена е и онлајн продажба преку продажната мрежа на мк тикетс.

Би напоменал дека промотивната цена од 150 денари ке трае до петок 29-ти септември, а на денот на концертите и на врата истите ке се продаваат по цена од 200 денари.

Подготви: Ирена Мрческа

Strugaonline

 

 

 

 

 

 

 

Facebook Коментари