РК Струга со победата над РК Бутел е на прагот од Суперлигата

- Локални, Спорт
2068

На огромна радост на љубителите на ракометот во нашиот град, РК Струга го совлада фаворитот Бутел и има големи шанси за влез во Супер-лигата.

Првото полувреме од овој значаен натпревар помина во знакот на гостите кои направија позитива од пет голови. За среќа, РК Струга брзо ја надмина кризата и со борбена игра ја стопи разликата на противникот на само еден гол негатива и тоа пред самиот крај на првиот дел.

На самиот почеток од второто полувреме, после одличната одбрана на нашиот голман, постигнавме гол од седум метри и дојде до изедначување на резултатот. Во следниот напад гостите промашија, но и нашите ракометари не ја искористија шансата за прво  водство. Потоа гостите успеаа да погодат, а РК Струга повторно изедначи преку реализиран седмерец.

Тоа беше и периодот од натпреварот кога нашите ракометари дојдоа и до првото водство од 13:12. Потоа Бутел брзо успеа да израмни преку гол од седум метри. Гостите брзо стигнаа и до водство, но Белевски погоди за 14:14. Во тој момент од натпреварот нашиот голман Александар Стојановски продолжи со одличниот учинок на одбрани, а Белевски на другата страна донесе водство од 15:14 за РК Струга.

Публиката со голем жар навиваше за нашиот тим што очигледно малку го дефокусираше противникот, па после промашувањето на ракометарите на РК Бутел, Кузмановски со брз контра-напад донесе позитива од два гола за нашиот тим (16:14).

Потоа следуваа неколку минути без гол за двете страни, за Јанкулоски преку пенал да донесе три разлика во наша корист (17:14). Во 22-та минута од натпреварот гостите намалија на два разлика. Брзо после 22-та минута, следуваше промашување на домашните и грешка на гостите, имавме повторно шанса за три разлика, но не реализиравме.

За среќа, згрешија и гостите, а Јанкуловски повторно преку реализиран седмерец донесе три разлика (19:16). Следуваше игра „гол за гол“, а Јанкуловски трет пат преку седмерец постигна гол за РК Струга во 27-та минута од натпреварот. Откако после овој пенал ракометарите на Бутел промашија, следуваше еуфорија во салата во Струга. Тоа како да го мотивираше Белевски да погоди за четири разлика во 28-та минута.

Во следниот напад, гостите повторно не реализираа и РК Струга славеше со 21:18.

Извор и фото: StrugaOnline

Facebook Коментари