Струга ќе биде домаќин на четвртиот интернационален џудо-турнир „Struga Open 2017“

- Интервју, Локални
2083

Членовите на Џудо клубот „Дрим“ од Струга имаат настапувано на бројни натпреварувања надвор од нашата земја и редовно во Струга се враќаат со златни, сребрени и бронзени медали, до сега не се случило да учествуваат на натпревар, а да се вратат без признанија за нивниот талент но и напорната работа која носи успех. Но, џудо клубот „Дрим“ од Струга е и еден од организаторите на четвртиот интернационален  џудо-турнир „Struga Open 2017“ kој што ќе трае од 17-ти до 20 јуни. Околу планираната програма на турнирот и секако за успесите на клубот зборувавме со Ѓорѓи Стојанов, тренер на џудо-клубот „Дрим“ од Струга.

Strugaonline: Од кои се земји ќе има учесници на овој турнир и во колку категории ќе бидат поделени истите?

Ѓорѓи Стојанов: Оваа година ќе имаме учесници од 14 земји од целиот Балкан и од Европа односно од Албанија, Грција, Бугарија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Турција, Романија, исто така ќе имаме и гости од Шведска, Полска, Холандија, и секако како домаќини ќе имаме учесници и од Македонија.

Strugaonline: Како тече организацијата за „Struga Open 2017“

Ѓорѓи Стојанов: Организацијата е доста напорна бидејќи организираме голем настан, треба да се сместат и да настапат повеќе од 400 натпреварувачи на турнирот. За нив освен сместување треба да обезбедиме и храна односно оброци, но ќе издржиме и ќе го организираме. Мислам дека оваа година ќе биде на највисоко можно ниво.

Strugaonline: Крајниот рок за пријавување на турнирот е 10 јуни, но Вие веќе ги споменавте и земјите-учеснички, дали тоа значи дека практично веќе заврши пријавувањето, бидејќи веќе споменавте бројка од 400 натпреварувачи?

Ѓорѓи Стојанов: Пријавувањето ќе трае до 10 јуни иако веќе имаме солидна бројка од 30 екипи, 300 џудисти, а до последниот рок за пријавување очекуваме да се надмине бројот од 400 џудисти, а бројот на екипи очекуваме да стигне до 40.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека овој меѓународен џудо- турнир се одржува по четврти пат, ако се вратите наназад како беше претходните години, а кои се очекувањата за годинава?

Ѓорѓи Стојанов: Започнавме пред четири години како почетници во оваа работа во смисла на организацијата. Првата година имавме околу 130 учесници но и тогаш успеавме да организираме тренинг камп, помина се добро. Гостите кои не почестија со своето учество првата година, своето задоволство и позитивно искуство го пренесоа и на други екипи и така почна да расте бројката. Третата година веќе имавме бројка од 330 џудисти, веќе беше јасно за каков квалитетен натпревар станува збор. Целта беше да се изгради една убава традиција и во тоа успеваме.

Strugaonline: Да ја претставиме програмата, односно сите активности кои ќе се одржат од 17-ти до 20-ти јуни?

Ѓорѓи Стојанов: Сите странски натпреварувачи ќе пристигнат ден пред почетокот на турнирот, односно на 16-ти јуни. После сместувањето и официјалното вагање, вечерта имаме коктел, вечера и  забава за тренерите и официјалните лица заедно со нас организаторите. На 17-ти наутро пристигнуваат и македонските екипи и за нив следи официјално вагање. Потоа следи официјалното отварање на турнирот и почеток на борбите. Натпреварот трае цел ден, некаде до 17:00 или 18:00 часот. Од недела, односно од 18-ти јуни започнува тридневниот тренинг-камп. За тренинг кампот имаме обезбедено сала со душеци за тренирање, ќе има по два тренинзи во денот. На наше огромно задоволство, на кампот ќе присуствува експерт од светската џудо Федерација, Господинот Габриел Сапта од Белгија кој ќе биде и раководител на тренинг кампот. Сапта ќе ни ги пренесе сите свои знаења и нам како тренери но и на натпреварувачите.

 Strugaonline: Во последниов период постојано со нас споделувате убави вести, бидејќи членовите на Џудо Клубот Дрим од Струга, се враќаат со медали од повеќе натпреварувања, последно сребрени и бронзени се вративте од Белград, ајде да ги споменеме позначајните натпреварувања.

Ѓорѓи Стојанов: Во 2016-тата настапивме на 30 меѓународни натпревари и освоивме повеќе од 250 медали, и годинава имаме настапено на многу натпревари. Како што споменавте, минатата недела учествувавме на едно од поголемите џудо-натпреварувања во Белград , а следниот ден и во Ниш и освоивме десет медали. Тоа е навистина огромен успеx. Џудо клубот „Дрим“ веќе е бренд на Балканот, секаде каде што настапуваме многу добро не знаат и знаат со каков квалитет располагаме. Конкурентите знаат со какви борци си имаат работа. Нашиот квалитет е заснован на комбинација помеѓу талент и напорна работа. Клучната формула за успех е работата. Тренерите, управата на клубот, џудистите и нивните родители, сите ние сме максимално посветени на овој проект. Навистина сум многу горд на моите џудисти и благодарен сум на нивните родители што ги поддржуваат.

Strugaonline: Кои се идните предизвици на џудо-клубот „Дрим“ од Струга?

Ѓорѓи Стојанов: После најголемиот предизвик моментално (турнирот и тренинг кампот за кој разговаравме претходно), на 24 јуни имаме натпревар во Сплит, во истиот период кога ќе се поделиме со другиот тренер поради поклопување на датумите имаме натпревас во Бугарија, а имаме и еден џудист кој оди на Европско првенство. На 5ти или 6ти јули имаме Балканско првенство за пионери, седум од нашите џудисти се репрезентативци на Македонија, така што тие ќе се подготвуваат со репрезентација, тие ќе настапат на Балканското првенство на кое се надеваме на одлични резултати. Потоа имаме сосема заслужена пауза за одмор, а од први август почнуваме со нови тренинзи и нови натпревари.

Извор: Strugaonline

Фото: Strugaonline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари