Струга за првпат добива филмски фестивал

- Локални
941

Од 8-10 декември во Струга ќе се одржи нултото издание на фестивалот за краток филм Drim Short. Под слоганот „Дајте ми добра приказна, а реалноста ќе ја следи“ ќе се отвори фестивалската програма која ќе биде распределена во три денови, од петок до недела. Оваа година фестивалот ќе има ревијален карактер и програма која ќе се фокусира на младите македонски автори и филмови од македонска продукција, a меѓу нив и филмови со силни општествени теми.

Drim Short е идеја во продукција на млади филмски работници од Струга кои се надеваат на создавање на филмска традиција и продукција во градот, а со тоа да придонесат кон континтинуитетот во културниот живот и пред сè да ја вратат кај стружани навиката за одење во кино.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи дискусија на тема „Социјална ангажираност во новиот македонски филм“ со Иво Бару и Ѓорѓи Пулевски. Во Off програмата ќе биде прикажана театарската претстава „А што потоа?“ во режија на Драгана Стојчевска, како и DЈ сетовите на Душко Јаневски и Бодан Јамакоски.

Фестивалот годинава e овозможен со поддршка на Министерство за Култура на Република Македонија во рамките на проектот „Нов Културен Бран“, во соработка со фондацијата Фридрих-Еберт – Канцеларија Скопје.

StrugaOnline

Facebook Коментари