Заев во Охрид: Единствен пазар за електрична енергија ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе донесе поевтина струја за сите

- Локални, Македонија
893

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев, денеска во Охрид го отвори Форумот на ЈИЕ на оператори на електрична енергија.

Премиерот Заев потенцираше дека ваквиот собир ги зголемува надежите за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот на електрична енергија, а со крајна цел поевтина електрична енергија за сите крајни потрошувачи.

Тој, во името на Владата на Република Македонија, и од името на граѓаните на Македонија, искажа задоволство за напорите за креирање на единствен пазар на електрична енергија.

„Уверен сум дека работното мото кое сте го определиле за овој форум – „Границите да станат мостови“, ќе биде инспирација да ги вложите сите ваши искуства и знаења за реализација на вашите планови за зголемување на соработката и за намалувањето на бариерите кои постојат меѓу националните електропреносни системи, како клучен предуслов за создавање на единствен пазар, односно за олеснување на трговијата со електрична енергија“, рече премиерот во своето обраќање на Форумот.

Во изјава за медиумите кои го следеа настанот, премиерот Зоран Заев потенцираше дека овој собир во крајна линија ќе донесе конкурентни цени на електрична енергија за потрошувачите, а тоа го кажуваат и искуствата на западноевропските земји кои веќе имаат единствен пазар за електрична енергија.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека стремежот посебно на малите земји како што е Република Македонија е во регионално поврзување на  пазарот на електрична енергија и инвестиции во енергетиката, а сѐ со цел бенефитот да го почувствуваат граѓаните преку пониски цени на електричната енергија.

„Ние денеска, и покрај тоа што сме во посиромашниот дел од Европа, ние сѐ уште имаме повисоки пазарни  цени на електрична енергија од тоа што го има Европа. Причината за таа работата е заради тоа што развиениот дел од Европа има повеќе инвестирано и во производствени и во преносни капацитети, за разлика од нашиот регион каде електрична енергија во извесни делови е се уште дефицитарен и увозен производ. Само со градење на капацитети во делот на производството а посебно каде што вие управувате во делот на преносните линии, односно на далекуводите кои што се на високо напонско ниво, над 110 киловолти, можеме да гарантираме сигурност за нашите граѓани“, рече вицепремиерот Анѓушев пред присутните учесници на Форумот.

Василевски, генералниот директор на МЕПСО истакна дека форумот во Охрид е од исклучителна важност за енергетската иднина.

„Зголемувањето на транспарентноста и конкурентноста меѓу производители, снабдувачи и трговци ја создава толку посакуваната цел, а таа е конкурентност и во цените на електричната енергија како опција најповолна за потрошувачите“, рече директорот на МЕПСО, Василевски.

На форумот учествуваат највисоки претставници односно генерални директори, извршни директори, претседатели на управни одбори на операторите на електропреносните системи: МЕПСО од Македонија, ОСТ од Албанија, ЕМС од Србија, ЕСО од Бугарија, КОССТ од Косово, НОС од Босна и Херцеговина и високи претставници на управите на систем-операторите од АДМИЕ од Грција, ХОПС од Хрватска и ЕЛЕС од Словенија.

Воедно тука се и првите луѓе на регионалниот Центар за сигурносна координација (СЦЦ) и на СЕЕ ЦАО заедничката компанија која организира аукции на расположливи прекугранични капацитети, како и претставник на ЕНТСО Е.

Извор: Влада на РМ

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари