Артан Лили Бенд ја отвора Седмата Недела на дизајнот во Скопје

- Македонија
835

Вечерва во Јавна соба, се отвора седмото издание на Недела на дизајнот во Скопје под мотото “Звукот на материјалите”. На најпопуларната дизајнерска платформа за афирмација на културните и креативни индустрии на регионот, до 26 ноември ќе се одвиваат пет програмски целини на чело со две големи изложби и првата обука за дизајнерско размислување за деца.

Ова издание на Неделата на дизајнот ќе го отвори српскиот квартет „Артан Лили“ од Белград, група што се  одликува со препознатлив и заразен ноиз-поп звук, одличен визуелен идентитет и текстови кои се ангажирани, нежни и разбирливи.

Покрај овој истакнат бенд кој постои од 2013 година, во рамките на овиве 5 дена, на музичката сцената во Јавна соба ќе се претстават и бендот на џез пијанистот Васил Хаџиманов, триото на џез гитаристот Георги Шарески, унгарскиот “Михаљи Борбељи Балкан џез проект”, српскиот “Кило Кило Банда”, диџеите Алек Сотиров, Флудер, Александар Мисковски и Фреки Фарис кои ќе свират секоја вечер на првиот кат и на поткровјето на Јавна соба. Оваа совршено избалансирана музичка програма ќе ја одбележи досега најдобрата музичка програма на Недела на дизајнот во Скопје велат организаторите.

На 23 ноември во Јавна соба, во популарната кулинарска програма, перформанс ќе има војводинскиот шеф Мирко Веселиновиќ, кој ќе зготви 80 порции од традиционалниот војводински свински паприкаш, а ќе се дегустира и неговата прочуена ракија од кајсија и круша.

Викендот на 25 и 26 ноември ќе се одржат две детски работилници, на кои под водство на балкански експерти децата од 7-14 години ќе научат да развијат дизајнерски производ од идеја до реализација, како и да дизајнираат и да создадат прототип на мобилна апликација.

Неделата на дизајнот годинава ја лансира 4-дневната програма дизајнерско размислување за деца, во соработка со Британскит совет и и Свис контакт. Во програмата, 20 дизајнери и наставници од регионов ќе бидат обучени од британски ментори да изведуваат настава за дизајнерско размислување за деца од 10 -18 години. Програмите за деца ќе стартуваат од јануари, 2018.

 

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.

Сите активности на Неделата на дизајнот се отворени во Јавна соба и Лукс мебел и расветa секој ден од 8:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен.

Strugaonline

Facebook Коментари