Премиерите Заев и Ципрас во Преспа: Достоинствено решение за пријателство за големи придобивки за граѓаните на двете земји, патриотски договор за нова надеж и ново раѓање

- Македонија
1032

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и членови на владата во состав замениците претседатели на Владата на РМ, министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера присуствуваа на свечената церемонија на потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, што го потпишаа министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц.

На церемонијата која започна на грчката страна на Преспанското Езеро, во Псарадес, македонската делегација ја пречека премиерот Алексис Ципрас и грчката владина делегација, а на свеченоста присуствуваа и Потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации, мадам Розмари Ди Карло,Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија и Заменик-претседателка на Европската Комисија, Федерика Могерини, Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија Јоханес Хан, амбасадорот на ЕУ во Република Македонија Самуел Жбогар, како и голем број гости од политичкиот и општествениот живот и на дипломатскиот кор на двете земји.

Според агендата на свечената церемонија, пред потпишувањето на договорот, на присутните им се обратија двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во својот говор потенцираше дека кога „многумина се сомневаа, двете влади потврдија дека е – возможно да се реши ова прашање со храброст и одлучност“.

„Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателските односи меѓу соседите.

Прашањето беше отворено три децении. Тоа беа три децении неизвесност за нашата иднина. Тоа беа три децении сериозни грижи за несакани последици.

Затоа ние, јас и премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи Коѕијас и Димитров, членовите на нашите влади, заедно со нашите соработници и со поддршката на Обединетите Нации, на Европската Унија и со поддршката и на нашите заеднички стратешки пријатели, тргнавме во потрага по решение.

По достоинствено и прифатливо решение за двете страни.

И стигнавме до решение. Овој свечен чин е кулминација на сите наши напори. Ова е израз на нашата посветеност да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните на нашите две земји“, нагласи премиерот Заев на свечениот чин на потпишувањето на договорот за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство на двете земји.

Премиерот Заев истакна дека двете делегации во преговорите биле исклучително фокусирани и постојано се повикуваа на градење доверба и на создавање пријателски амбиент и шанса за креативниот дијалог и за сите решенија со потенцијал, и дека е научена лекцијата дека историјата не треба да се повторува, туку дека треба на темелите од минатото да се гради иднина.

„Договорот ни донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу двете земји, за иницијативи кои со сигурност носат подобар живот за граѓаните на двете земји.

Решението, и процесот низ кој поминавме, ни донесе пријател. Пријател за кој до вчера некои во нашите средини не убедуваа дека е непомирлив непријател. Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници. Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји. Во регионот, добиваме нова реалност. Повеќе не може да игнорираме дека живееме во свет во кој сме упатени едни на други“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев истакна дека претстои заедничка изградба на просперитет преку посилна економска соработка и да ги олесниме трговијата, инвестициите, протокот на луѓе и технолошкиот напредок.

Премиерот Заев упати порака до противниците на овој договор во двете земји, повика на европскиот заеднички систем на вредности, и на европскиот концепт кој се противи на манипулациите на популизмот и на стравот.

„Европа е посилна од стравот. Грците, Македонците, Европјаните се посилни од стравот. Европското семејство не познава ѕидови. На Европа ѝ е туѓа ксенофобијата. Тоа не се, и никогаш не смее да бидат опции за Европа. Напротив, демократијата реагира на проблеми, се бори против стравот и болката. Ја обновува надежта во иднина. Противниците на овој договор имаат право на свое мислење и на гласен аргументиран став, исто како што е Европски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување. Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение“, нагласи премиерот Заев.

Во завршницата на своето обраќање премиерот Заев изрази благодарност до сите кои помогнаа да се реши ова прашање и до целиот демократски свет, заеднички пријатели на двете земји, партнери и поддржувачи кои порачаа дека овој договор е чекорот со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината, и истакна:

„Денес можеме слободно да кажеме дека сме горди на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на еден спор којшто не делеше, и избравме решение што не обединува. Сега, и нека биде така засекогаш“.

Претседателот на Владата на Република Грција Алексис Ципрас, во своето обраќање истакна дека настанот се случува на регион кој се сеќава на многу страдања, но дека историјата направи денеска двете делегации да се соберат заради една исклучително значајна патриотска задачa. Со овој патриотски договор за конечно решавање на спорот за името и за стратегиско партнерство, рече во својот говор премиерот Ципрас, можеме искрено и достоинствено да им погледнеме во очи на нашите сограѓани во двете земји и да им порачаме дека е дојдено време да ги надминеме сите предрасуди и да направиме овој договор да чекори понатаму кон нашата заедничка иднина како луѓе на Европа.

Премиерот Ципрас нагласи дека е време граѓаните на двете земји да споделат уште една нова заедничка песна меѓу многуте што ги споделуваат како блиско и заедничко наследство и да напишат нова, песна за радоста на новото раѓање.

Амбасадорот Метју Нимиц, кој зеде збор на крајот од свечената церемонија, истакна дека им порачал на своите најблиски дека не сака никаков подарок за својот роденден кој го слави токму денеска кога се потпишува овој историски договор, бидејќи најубавиот подарок денеска го добива од двајцата министри за надворешни работи Димитров и Коѕијас со кој во последните месеци работеше посветено за да се постигне овој договор

Премиерите на Република Македонија и на Република Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас на крајот на свеченоста ги поведоа своите делегации, како и високите гости, преку езерото на македонска страна во Отешево каде што се одржаа билатералната средба и останатите активности од официјалната програма по повод потпишувањето на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство.

Извор: Влада на РМ

Strugaonline

 

Facebook Коментари