Арт-поп дивите Fever Ray и Sevdaliza за старт на EXIT Freedom со звукот на 21-иот век!

- Забава
1014

Долгата арт-поп листа на уметници кои уште од основањето доаѓаат секоја година на EXIT, ова лето на најдобар начин ќе ја продолжат две сензационални авторки кои на Петроварадинската тврдина ќе го донесат исклучително современиот уметнички израз. Првата е апсолутната икона на музичката сцена на 21-иот век Karin Dreijer позната и како Fever Ray! Карин на тврдината доаѓа во врвот на кариерата, со хедлајнерски позиции на најзначајните фестивали ова лето, како што се Primavera или Melt! кој ја издвои меѓу трите главни хедлајнери на фестивалот заедно со Florence + The Machine и The xx. Исто така со својот бенд, и единствениот и исклучително визуелен настап, на овогодишниот EXIT доаѓа уште една изразито актуелна авангардна поп ѕвезда и во моментов водечка трип-хоп уметница Sevdaliza! Актуелниот албум „ISON“, како и одличните настапи и впечатливите спотови ја лансираа иранската уметница на сцените на водечките светски фестивали.

Планетарната популарност Fever Ray ја стекна преку обожуваниот и крајно револуционерен електронски состав The Knife чии пет албуми силно влијаеа на денешната музика низ повеќе генерации. Во меѓувреме Карин својот продорен глас го позајми и за најголемиот хит на групата Royksopp „What Else Is There“, а во норвешки дух ги сними и подеднакво омилените песни „This Must Be It“ и „Tricky Tricky“. Првиот самостоен албум го објавува како Fever Ray во 2009-та година, а The Guardian и Resident Advisor го прогласија за втор најдобар албум таа година. Албумот ги изнедри колосалните нумери „When I Grow Up“, „Keep The Streets Emtpy For Me“ и секако најслушаната „If I Had A Heart“, која последните години прерасна во вистинска химна преку воведната секвенца на популарната серија „Викинзи“! Нејзините настапи обвиени со мистика беа навистина малкубројни и последната самостојна турнеја ја заврши уште во 2010-та година, па не изненадува огромната фама која се создаде откако неодамна го објави албумот „Plunge“. Албумот е во склад со овогодишното мото „EXIT Freedom“, бидејќи и Карин лично го опишува како дело „за слободата и љубопитноста“, со кое ги истражува општествените норми кои опстојуваат и во 21-иот век и кои ги кројат правилата на однесување на жените. Како и минатиот, и овој албум забележа високи оценки во низа на сите најзначајни медиуми  како што се The Guardian, Pitchfork и Resident Advisor.

Sevda Alizadeh, повеќе позната како Sevdaliza е родена во Иран, а пораснала во Ротердам. Таа била сама свој учител по пеење, пишување, режија и компонирање, а течно владее со дури пет јазици. А нејзиниот труд не бил залуден, бидејќи денеска ја препознаваат како иднината, не само на алтернативната сцена, туку и на звукот кој најмногу одговара на она што навистина го одредува овој век. Нејзината музика ја карактеризираат сложеноста на нејзиниот зарипнат и сензуален RnB вокал, отсечните музички фрази и елегичните мелодии кои ги носат силните бас линии. Ритмичките тензии се претопуваат во хаотични кулминации додека во мелодиите се мешаат панк, трипхоп, електроника и грајм. Целиот музички израз го заокружуваат текстовите на песните во кои јасно е воочливо влијанието на книжевноста и филозофијата, а критичарите по двата одлични макси-синглови, „The Suspended Kid“ и „Children of Silk“, нејзиниот албум првенец „ISON“ веќе го нарекоа предвесник на новата музичка ера. Публиката на EXIT фестивал ќе има прилика во јули на Тврдината да ужива во нумерите како што се „Human“, „That Other Girl“ и „Sirens of the Caspian“!


И фановите на жестоките гитари ги слават новите EXIT засилувања!
На EXIT пристигнуваат и жестоките засилувања кои ги предводи легендарниот њујоршки хардкор состав Madball, кои се враќа на Explosive бината и ја носи тридецениската енергија, страст и позитивен дух! На тврдината маршираат и водечките борци на екстремната сцена Brujeria кои премиерно ќе настапат на овие простори! Нема да недостасува ниту oi-punk звукот, бидејќи пристигнува и во моментов најбараниот европски панк бенд Lion’s Law, додека првиот ден публиката ќе ја распамети еден од најценетите млади кросовер треш метал бендови – шведскиот Dr. Living Dead! Доаѓаат и младите сили на светската треш-спид метал сцена, составот Evil Invaders, како и познатите паган металци Skyforger, познати и по тоа што ја изведоа и првата метал опера во светот! Публиката на најфуриозната бина на EXIT фестивал ќе ги чуе и норвешкиот панк/хардкор состав Exploding Head Syndrome, непредвидливите канадски хардкор панкери Boids и, по подолга пауза, домашните дет металци Bane! За локалното засилување на Explosive бината ќе биде задолжен новосадскиот хардкор панк бенд First Flame, за стонер звукот ќе се погрижи домашниот бенд Mud Factory, додека од далечниот Сибир стигнуваат грув метал ветераните Rhemorha! Загрепските олдскул спид треш металци Liv и домашниот бенд Terrorhammer, со својот треш блек метал звук ќе ја надополнат епската програма на Explosive бината.

EXIT фестивал ќе биде одржан од 12-ти до 15-ти јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и ќе ги претстави некои од најдобрите светски, регионални и домашни музички ѕвезди како што се Ziggy Marley, Alice Merton, Richie Hawtin, Adam Beyer b2b Ida Engberg, Amelie Lens, Ben Klock, Jax Jones, Ofenbach, Mahmut Orhan, Burak Yeter, Dog Eat Dog, Idles, Slaves, Grave Digger, Slapshot, Idles, Asphyx, Bombers и многу други. Влезниците по промотивната цена од 3.580 денари се продаваат во Македонија преку МкТикетс, во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат), а на сајтот на официјалната туристичка агенција exittrip.org достапни се и туристички пакети кои покрај влезници, содржат и опции за сместување и превоз до EXIT фестивал.

Strugaonline

 

Facebook Коментари