ЕГЗИТ го покренува зимскиот фестивал на олимписката Јахорина!

- Забава
876

Големи журки на снежните патеки од 15. до 18. март 2018 
Големото фестивалско семејство на Егзит од следната година ќе брои уште еден член! Откако во 2014-та го започна одржувањето на Си Денс на Јаз, па година дена подоцна и Револушн во Темишвар, а од годинава и Си Стар во Умаг, тимот на ЕГЗИТ покренува нов фестивал кој ќе се одржува од 15-ти до 18-ти март следната година на олимписката Јахорина!

Програмата на фестивалот ќе биде конципирана како дневна и ноќна, по формулата 2+2 која се користеше и за исклучително успешниот Си Стар фестивал во Истра. Првиот ден на фестивалот ќе има вечерна журка за загревање, за следните два дена фестивалот да биде отворен во својот полн капацитет и дење и ноќе, додека четвртиот ден е резервиран за дневната забава за затворање. Повеќе информации за новиот фестивал, неговото име, но и првите изведувачи, ќе бидат соопштени наскоро, а првите влезници по најповолните цени ќе бидат достапни и пред почетокот на зимската сезона.

Музичките фестивали во планинските центри се во голем пораст ширум светот, а само во Европа побарувачката веќе ја надмина понудата на вакви настани. Тимот на ЕГЗИТ во соработка со Олимпискиот центар „Јахорина“ планира новиот фестивал за релативно краток рок да го позиционира меѓу најзначајните зимски музички фестивали на континентот.
Со ова и Јахорина е вклучена меѓу атрактивните дестинации во регионалната мрежа на фестивали кои ги организира ЕГЗИТ тимот, со што продолжува поврзувањето на регионот како основна општествена мисија на ЕГЗИТ Фестивал, а и понатаму го позиционира регионот на Југоисточна Европа како една од најатрактивните дестинации за младинскиот и фестивалскиот туризам кој е во голем пораст во светски рамки. Токму како што ЕГЗИТ во 2001-ва година беше првото масовно собирање на младите во регионот по немирите од деведесеттите, така и денес сите настани во продукција на ЕГЗИТ тимот ги собираат луѓето од сите краеви во регионот, што на посетителите од останатите делови на светот им претставува многу посебна атмосфера, онаа која дел од светските медиуми ја нарекоа „ЕГЗИТ магија“.

Исто така, покрај новите земји од регионот и промоцијата на овие дестинации во светот, ЕГЗИТ тимот продолжува да развива и целогодишно, 365-дневно искуство во кое секоја година нуди сѐ повеќе настани и фестивалски денови. И оваа година, во првиот, промотивен бран од продажбата на влезниците за ЕГЗИТ фестивал ќе бидат достапни и влезниците за останатите фестивали, и тоа по првите, промотивни цени, како поединечно, така и во пакет со заштеда која ќе достигне и до 80%!

Facebook Коментари