Скопскиот бенд CONSPIRACY победи на ЛУЗЕР ФЕСТ!

- Забава
827

Младиот скопски бенд CONSPIRACY е годинашниот победник на ЛУЗЕР ФЕСТ, настанот посветен на промоција на новите музички артисти кој во организација на Таксират се одржа викендов (сабота, 9-ти декември) во МКЦ. Conspiracy во денешниот состав постои од 2016-та година, а станува збор за вистински вљубеници се во треш метал звукот, кои со својата музика сакаат да придонесат за враќањето на овој музички правец на нашата македонска сцена. Иако постојат само една година, Conspiracy дефинитивно не ја чуваат својата музика само за во гаража и се трудат што е можно повеќе својата работа да ја претстават пред публиката, па покрај настапот на Лузер Фест, зад себе веќе имаат и десетина настапи на различни музички манифестации и во скопските клубови. Членови на Conspiracy се: Стефан Трајкоски (вокал, ритам гитара), Давор Капац (соло гитара), Иван Димишков (тапани) и Милош Благоевиќ (бас гитара).

Заедно со CONSPIRACY, на Лузер Фест годинава настапија вкупно седум финалисти: BONA DEA, CONSPIRACY, DARK SKY, КАИН, MAN IN A SUIT, SYBIL и TRIGGERED, како и гостите на вечерта, скопскиот doom sludge дует SCHWARTZEN. Сите овие млади музички бендови на вистински професионален начин се претставија со одлични настапи и само можеме да посакаме што почесто да ги гледаме на сцената кај нас.

Со Лузер Фест викендов воедно беше означено и затворањето на програмата на 19-тиот Таксират Фестивал во чии рами изминативе десетина дена се одржуваа повеќе различни настани. Програмата започна со меѓународната ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал, на кои од 30-ти ноември до 2-ри декември во МКЦ македонската музичка јавност имаше прилика да се дружи и дискутира на актуелните теми со огромен број делегати и музички професионалци од цела Европа, додека пак во вечерната програма публиката уживаше во повеќе од 30 музички концерти и настапи кои беа организирани со бесплатен влез. Веднаш по ПИН, програмата на Таксират продолжи со промотивниот концерт на PLUTO’S DOUBTS, групата која во 2015-та како победник на Лузер Фест беше наградена со снимање и објавување на албум под капата на Password Production, а која во оваа прилика за првпат концертно го претстави токму ова издание, нивниот студиски првенец „СИЗИФ“ со кој потврдија дека станува збор за еден од најкреативните музички проекти на новата македонска музичка сцена.

Концерт за кој сѐ уште не стивнуваат импресиите, во рамки на ТАКСИРАТ ни приреди извонредниот ДАРКО РУНДЕК, еден од најреномираните музички автори во регионот кој на целосно распродадениот концерт го претстави специјалниот музичко-сценски перформанс „APOCALYPSO NOW“ од истоимената актуелна турнеја со која тој ја одбележува 20-годишнината од објавувањето на неговиот соло-првенец „Апокалипсо“.

Таксират годинава ја претстави и соработката со ДЕСОНАНЦ – фестивалот на електронската музика кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, а кој се погрижи за клупската програма со исклучителните настани. Во овој дел од програмата, во посебни концертни настани во Скопје имавме чест да ги погледнеме настапите на OPIUM HUM (во Капан Ан) – музичкиот алијас на Michail Stangl, директор на Boiler Room Berlin и еден од највредните креативни умови зад кулисите на берлинската сцена, потоа истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електро сцена – DELTA FUNKTIONEN од Берлин, како и настапот на маскираниот берлински техно/IDM продуцент HEADLESS HORSEMAN во МКЦ, додека малата сцена во Македонската филхармонија беше резервирана за DAMIEN DUBROVNIK – несекојдневниот проект на двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика, Loke Rahbek и Christian Stadsgaard, но и ексклузивниот проект на македонските етноџез експериментатори STRING FORCES.

Strugaonline

Facebook Коментари