Meto Di Flash: „Те чекам“ е динамична музичка приказна по вкус на публиката

- Интервју, Музика
549

Во денешното издание на емисијата Play cafe на Play radio гостуваше Меto Di Flash, музичар од Струга кој е познат по одличните live-караоке журки кои ги прави по клубовите во земјава, а истовремено гради и соло кариера. После подолга пауза, тој на домашната сцена се враќа синглот „Те чекам“. Со Meto Di Flash зборувавме за инспирацијата за оваа песна, интернационалната екипа со која е работена, како и за спотот кој соодвествува на урбаната приказна во песната.

Play radio: Текстот и музиката за „Te чекам“ е Ваше авторско дело, од каде инспирацијата за ова ново музичко парче?

Meto Di Flash: Оваа песна ми стои во фиока околу десет години, но немав време да ја доработам и сега и дојде вистинското време. Растев со фанк музика, а фанкот во денешно време доживува еден вид на преработка, па така дојде и инспирацијата. На моите ноќни снимки можам да забележам на што добро реагира публиката, па сакав да направам нешто подинамично. Многу сум пријатно изненаден од реакциите на публиката, добив многу пофалби и позитивни коментари, на сите ќе им изразам благодарност и на сите ќе им одговорам затоа што јас го побарав нивното мислење, повратната реакција од публиката е многу важна за секој музичар.

Play radio: На финалниот производ работевте со интернационална екипа, музичари и студија од други земји. Кој се’ допринесе за „Те чекам“ да звучи вака?

Meto Di Flash: За добра песна е потребно да и се даде човечност на мелодијата и на инструментите. Во денешно време има јавни сервиси каде може и да се изнајми музичар. Прво почнувам со мојата домашна екипа, басистот Ѓоле Максимоски кој одлично си ја знае работата и сакав да ми биде гостин, тој својот дел го сними во студиото на мојот другар Стефан Петаноски во Скопје, а придружните вокали ги сними Ана Петаноска. Јас снимав во моето студио со Марија Мечкароска и Владимир Нестороски-Тео. Фанк без труби никако не оди, а соодветен музичар за тоа, не е лесно да се најде. Името Tommy Leb нас ништо не ни значи, но во Америка е многу познат, откако стапив во контакт со него тој бараше прво да ја слушне песната, му се допадна и ја прифати соработката. Мастерингот во Варшава го работеше мојот пријател Зоран Кречоски , така што од четири различни места добивме ваков производ.

Play radio: Како се осмислуваше приказната за спотот, кој ја доловува содржината на песната?

Meto Di Flash: Потребна ни беше урбана приказна, урбан спот, а за мене урбани се скејтерите и  луѓето што цртаат графити . Спотот е сниман во скејт-паркот во Охрид со скејтерот Мартин Ристески кој е виртуоз во своите скејтерски игри. Секако, тука беше екипата од Видео-Флеш од Струга со кои имаме долгогодишна соработка. Потоа, сакам да се заблагодарам на Самир Демиши и Наки Салиу кои што снимаа, спотот е сниман со три камери. Спотот го разубавија Анастасија Попоска, Марина Анѓелоска, Ристе Мато , а во спотот учествуваше и тапанарот Никола Тони од Охрид. Ова е една одлична струшко-охридска комбинација, вклучувајќи го и Студио „Б“ и Билјана која сите не’ разубави.

Play radio: Ќе ги најавивме и Вашите идни планови за уште една нова песна. Дали тоа можеби значи дека караокето ќе паузира за да се посветите на соло кариерата?

Meto Di Flash: Не, караокето и ноќните свирки се мојот најдобар начин за комуникација со публиката, пауза нема да има, а новата нумера се крчка. Тоа е песна која што ја окарактеризира групата „Ден потоа“ пред дваесет години, станува збор за „Ха-ха“, песна која публиката многу ја бара и на таа песна повторно ќе работам со членовите на „Ден потоа“, ќе дадеме нов печат на таа песна.

Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

 

Facebook Коментари