Нoв видеоспот на SMUT – „Во мојот град“

- Музика
728

Гордоста на македонската метал-кор сцена, групата „Смат“ (SMUT) го промовира својот нов видео-спот за песната „ВО МОЈОТ ГРАД“, кој од денеска е објавен на „Јутјуб“ каналот на Владимир Митревски, режисер на видеото.

Песна од големо значење и емоција за сите нас. Песна посветена на луѓето кои сакаат да прикриваат убиства, кои ги користат тие убиства за своите маркетинг кампањи. Посветена на луѓето кои без грам совест ќе искочат на ТВ екраните и со тажен поглед глумат невини жртви. А вистинските жртви сѐ уште имаат име. Запомнете ги Мартин, Тамара и децата од Смилковско Езеро. Тие не беа ваша кампања и не беа дневен проблем од кој треба да се решите. Знаеме дека ние нема да го заборавиме моментот кога нашиот град не беше повеќе наш!“ – наведуваат „Смат“ во најавата за новиот спот.

Видеото за „Во мојот град“ е воедно и прв видео-запис од новиот албум на „Смат“ – „Тие се насекаде“. Овој албум e петто студиско издание во досегашната, повеќе од 20-годишна кариера на бендот кој е основоположник на метал-кор стилот во регионов и важат за една од најценетите групи во овој дел од Европа. „Тие се насекаде“ беше објавен во мај годинава, а наскоро бројната публика на „Смат“ ќе има можност да биде дел и од официјалната скопска концертна промоција на албумот во рамки на главната вечер на јубилејниот 20-ти ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ.

На 8-ми декември во Арена „Борис Трајковски“, покрај „Смат“ ќе настапат уште и „Пендулум“, „Нувел Ваг“, „Мандо Диао“, „Терапи?“, „Дубиоза Колектив“, „Рахзел“, „Трад Да Фак Ап“, „САФ Саунд Систем“. Музичката програма оваа вечер ќе трае повеќе од 8 часа и ќе се одвива на вкупно три бини, во арена „Борис Трајковски“ која за финалната прослава на целогодишното одбележување на 20-тиот ТАКСИРАТ во Скопје, ќе биде претставена во сосема поинакво издание од досега и целосно „трансформирана“ во духот на најголемиот зимски урбан фестивал во регионов.

Билети за ТАКСИРАТ 20 од првата промотивна фаза се целосно распродадени, па сите оние кои допрва ќе ги набавуваат своите влезници треба да бидат брзи за актуелната промо-цена од 650 денари која важи само за строго ограничен број на билети.

Strugaonline

Facebook Коментари