Пијанистот Емануеле Арчиули ќе одржи концерт во рамките на зимската програма на „Охридско лето“

- Музика
744

Пијанистот Емануеле Арчиули, еден од најоригиналните и интересните изведувачи на денешната класична музичка сцена ќе настапи во рамките на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот којшто е поддржан од Италијанската амбасада во Република Македонија и амбасадорот Карло Ромео, ќе се одржи на 18-ти декември, во фоајето на Македонска Опера и Балет во Скопје, со почеток во 19:00 часот.
Репертоарот на Арчиули е огромен, од музиката на Бах до современата музика, со силен афинитет кон композиторите од САД.

Овој исклучително талентиран и виртуозен пијанист постојано развива нови проекти и ги следи новите идеи и иновативните програми во светот на музиката. „Кружни полноќни варијации“, збир од 16 композиции кои експресивно биле напишани за Арчиули од композитори како Крамб, Бабит, Кернис, Ржевски, Торке, Даугерти, Болком и Харбисон, неодамна го предизвикаа интересот на меѓународните критичари. Варијациите, кои беа издадени од Страдивариус на ЦД под наслов “Околу полноќ – Омаж на монахот Телониус“ во мај 2011 година, се прославени од страна намеѓународната стручна критика.

Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали. Во мај 2011 година Емануеле Арчиули беше награден со најважната награда на италијанската критика „Премио Франко Аббати“.

Арчиули предава современа музика на Академија ди Пинероло, професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест визитинг-професор на многу американски универзитети.

Неговиот концерт во Скопје, како што велат од дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“ е дел од зимската понуда за љубителите на класичната музика, а тенденцијата е светски познати уметници да ја збогатуваат културната понуда на фестивалот, не само во стандардниот фестивалски термин, од 12-ти јули до 20-ти август, туку и во текот на останатиот дел од годината.

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ , претходниот месец, во црквата „Света Софија“ се одржа концерт на исклучително талентираните млади руски музичари, пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко.

Извор: Охридско лето

фото: архива

 

Facebook Коментари