Ф4 турнирот на СЕХА лигата ќе се игра во Скопје

- Спорт
654

Во седмата сезона на регионалната СЕХА Газпром лига завршниот турнир на кој ќе се реши првакот ќе се игра во Скопје, во салата во СЦ „Јане Сандански”.

Раководството на СЕХА лигата реши нашиот клуб да биде соорганизатор на овој турнир што треба да се одржи во периодот од 13 до 15 април.

Дополнително ќе бидат одредени полуфиналните двојки. Познато е дека Вардар влегува како првопласиран и ќе го чека четвртопласираниот тим. Другите три екипи што ќе играат на Ф4 турнирот се ППД Загреб, Мешков и Целје. По последните две кола ќе биде познат и конечниот редослед на табелата.

„Радосни сме што раководството на СЕХА Газпром лигата реши сезонава Ф4 турнирот да биде во Скопје во нашата сала во СЦ „Јане Сандански”. Како актуелни прваци на ова регионално натпреварување и еден од ретките тимови што е во СЕХА Газпром лигата од неговиот сам почеток голема чест е што Скопје по вторпат ќе биде домаќин на завршниот турнир.
Тоа е уште една потврда дека ракометот е спортот број 1 во Македонија, а Вардар е тим што е препознатлив не само на овие простори туку и во европски и светски рамки.
Трите освоени титули во СЕХА Газпром лигата на Вардар е обврска плус бидејќи сега ќе играме пред домашна публика.
Учеството на големи ракометни имиња како ППД Загреб, Мешков Брест и Целје е најава за возбудлив и пред сѐ квалитетен турнир. СЕХА Газпром лигата одамна прерасна во повеќе од регионално натпреварување, и секоја година сме сѐ подобри, и затоа знам дека ова ќе биде успешен турнир.
Верувам дека сите заедно ќе можеме да уживаме во одлични ракометни натпревари. Ве повикувам сите да дојдете во Скопје во периодот од 13 до 15 април, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

„Големо задоволство и чест е да објавиме дека 7. издание на Ф4 турнирот повторно ќе биде во Скопје, Македонија. Задоволни сме Ф4 турнирот да биде во Скопје по вторпат откако Вардар е европски и СЕХА првак. Вардар има долга и успешна ракометна историја, и лани освоија сѐ што еден клуб може да освои во една сезона, и сигурни сме дека македонските фанови и ќе уживаат во најдобриот ракомет во регионот и трибините ќе бидат полни. Ќе дадеме сѐ од себе да го организираме настанот на највисоко ниво и сигурни сме дека тимовите што се натпреваруваат на Ф4 ќе го покажат најдоброто. Нека победи најдобриот, изјави Синиша Остоиќ, директорот на СЕХА Газпром лигата.

Вардар досега трипати беше победник на СЕХА лигата, во неговото прво издание во Загреб во 2012, потоа во Нови Сад во 2014 и во Брест лани.

Извор: rkvardar.mk

 

Facebook Коментари