Aлександар Стојчески: Tалентот што ми донесе бронзен медал го развив со учење уште од најмала возраст

- Интервју, Локални
1607

Во периодот од 8-ми до 17-ти август, во местото Сај Јок, , во западниот дел на Тајланд, се одржа 12-та Светска олимпијада за геонауки на која за прв пат учествуваше и тим од Република Македонија. Односно нашиот млад и талентиран стружанец Александар Стојчески кој што  во силна конкуренција освои бронзен медал. Во студиото на Play radio со Александар зборувавме за подготовките за оваа олимпијада, неговиот голем успех и плановите за во иднина.

Play radio: Како од цела Македонија падна изборот токму на тебе  да ја претставуваш Македонија на оваа олимпијада  која значително ќе го збогати твоето  CV  и тоа на оваа возраст (со оглед на тоа дека си се’ уште средно училиште)?

Aлександар Стојчески: Досега Македонија имала селекциони натпревари и учества на олимпијадите по математика, физика, хемија, биологија… Но никогаш не сме добиле прилика да учествуваме на оваа олимпијада по геонауки. Заедно со мојата соученичка Венеса Бакреска, по наша иницијатива, се обративме кај организаторите. Преку меил им напишавме дека сме многу заинтересирани за учество на олимпијадата и би ни била огромна чест да го обезбедиме првото учество на нашата држава. Комуникацијата течеше одлично и нив им беше драго за нашиот интерес. Сепак,  тоа не го сфатија толку сериозно, па на 2-3 пораки не добивме одговор. Повеќе од една недела немавме контакт со нив, но не сакавме тука да се откажеме. Следно што требаше да направиме беше да најдеме ментор. Знаејќи дека за Светските олимпијади најчесто сите ментори се университетски професори, се јавивме во ПМФ и на шефот на институтот за географија му ја објаснивме ситуацијата. Тој веднаш ни го препорача проф. Др. Ивица Милевски кој одлично зборува англиски и има многу трудови и меѓународни соработки. Откако го контактиравме и тој се сложи за менторството, му ја пренесовме комуникацијата со организаторите. Веќе беше друга ситуација и сега контактот со нив беше посериозен. Не можам да ја заборавам радоста кога конечно го добивме потврдниот меил. Тука е интересно што ниедна друга балканска држава не е учесник. Секако дека сакаме Македонија да остане земја-учесник и во следните изданија, па од оваа година со помош од менторот ќе го организираме првиот селекционен натпревар за следното учество во Јужна Кореја. И, секако, ова е од огромно значење за моето идно CV.

Play radio: Од олимпијадата годинава информираа дека имаше рекорден број учесници во споредба со изминатите години, од што се состоеше натпреварувањето (етапите) и кои беа твоите очекувања?

Aлександар Стојчески: Натпреварот се состоеше од повеќе тестирања и истражувања. Прво имавме два теоретски теста составени од прашања од сите области – геологија, климатологија, астрономија итн. Утредента беше практичниот тест кој се состоеше и од теренски мерења и препознавања на карпи и од лабараториски експерименти. Последниот дел и за мене најинтересен,  беше мешањето во групи со учесници од разни земји. Во тим од 8-9 луѓе со зададена тема за истражување, одевме на терен и собиравме податоци за на крај да изработиме финална презентација која им ја презентиравме на интернационалното жири. Бронзениот медал многу позитивно ме изненади и беше многу неочекувано. Мислам дека ова како и за мене така и за Македонија е огромен успех како за прво учество. Се надевам дека понатаму ќе има уште поголеми успеси.

Play radio: Колку време се подготвуваше за оваа олимпијада и  што преовладува кај тебе, талентот или посветеноста во учењето?  Малку е необично, а истовремено и восхитувачки средношколец да биде толку заинтересиран за геонауките.

Aлександар Стојчески:  Се подготвувавме околу два месеци. Покрај читање на универзитетски учебници и статии кои ни ги препорача менторот, подготовките вклучуваа и одење на факултетот за да ги разгледуваме и проучуваме колекциите на карпи и фосили што сигурно ни беше од корист за практичниот дел. Кај мене, сметам дека талентот се формирал поради посветеност во учењето уште од најмала возраст. Многу често сум гледал документарни филмови и сум го користел интернетот за да осознаам што повеќе информации настрана од часовите на училиште. Тоа ми помогна да навлезам во науката и да го освојам овој медал.

Play radio: Во еден свој текст на оваа тема , твојот ментор д-р Ивица Милевски информираше дека од сите учесници македонскиот тим беше единствениот кој настапи како самофинансиран – сите останати учествувале преку финансиска поддршка од соодветните државни образовни институции и фондации. Каде се обративте вие и какви беа одговорите за поддршка?

Aлександар Стојчески: За жал така е, а ние не добивме ниту повратен одговор на нашето барање до МОН. Значителна поддршка добивме од општина Охрид и Фукс МАК Скопје, а помала од општина Струга, Маркоски К73 и АутоВелт Кочани. Исто, сакам да спомнам дека заедно со татко ми отидовме во скоро сите поголеми и успешни фирми во Скопје, Прилеп, Битола, Охрид… Во 2-3 дена посетивме околу 50 фирми, вклучувајќи ги и странските инвестиции. Многу ми е жал  што ниту една од нив не помогна финансиски. Јасно е дека државата треба да се погрижи за тој дел.

Play radio: Твоите постигнати резултати ти даваат право да имаш големи соништа. Кои се твоите планови за школување откако ќе го завршиш средното образование?

 Aлександар Стојчески: Се’ уште е релативно рано бидејќи имам уште две години до крајот на средното образование. Најверојатно ќе студирам физика. Сигурно ќе се обидам да аплицирам на некои од врвните универзитети и се надевам ќе имам неколку опции за на крај да ја изберам најдобрата.

Play radio

Strugaonline

 

Facebook Коментари