Анастасија Mojсоска: Музиката е моја креативна изразувачка слобода

- Интервју, Локални
262

Play radio како медиум започна да ја остварува својата цел во промовирање на млади и надежни музички имиња кои работат напорно и посветено во остварување на својот професионален сон. Денеска ви ја претставуваме Анастасија Мојсоска.

Анастасија Мојсоска од Струга, е ученик во трета година во  ДСМУ „Тодор Скалоски-Тетоец“- паралелка Струга. Музиката е нејзиниот живот од мали нозе и има сериозни планови во иднина музиката да стане нејзина професионална определба. Свири клавир и гитара, а подеднакво е посветена и на соло пеење. Освен училишните обврски, на музиката и е посветена и приватно. Имено, компонира музика и пишува текстови. Има голема желба во иднина да промовира свој авторски албум,а има и бенд заедно со уште четири девојки. Засега снимаат cover верзии на познати песни, а што планираат во иднина дознавате од разговорот кој го водевме во рамките на емисијата „Play cafe“ на Play fm.

Play radio: Воодушевувачки е тоа што имате само 17 години, а веќе посветено работите на свои авторски песни. На истите се јавувате и како композитор и како изведувач. Како ја стекнавте музичката зрелост која ве инспираше да работите на свои песни кои според вашите планови во иднина, кога ќе сметате дека е соодветно време ќе се најдат и на носач на звук?

Aнастасија: Здраво Плеј Радио. Здраво Струга. Јас сум Анастасија. Најпрво сакам да се заблагодарам на целиот тим на Плеј Радио за поканата и топлиот пречек. Значи многу за почетокот на мојата кариера. Како што кажавте,  јас сум ученик во ДМУ “Тодор Скаловски – Тетоец“ како и танчер во Студио за танц БАХ, студиото на мојата мајка која има големо влијание во причината што јас запливав токму во музичките води. Најпрво сакам од се срце да се заблагодарам на моите професори, мојата најдрага класна, проф. Марија, професорките Снежица, Билјана, Каролина, Агата, Сања, професорите Гоце и Бојан, како и проф. по пијано Ненад и проф по гитара Дамјан. Благодарение на нив сум тоа што сум денес, ми помогнаа да ги изградам мојот музички карактер и самодоверба, и ми го дадоа знаењето.  Со пишување музика и компонирање и пишување текстови започнав на 16 години. Настрана од училиштето, имам напишано околу 30 песни, но ако одбирам би издвоила само 10 песни кои би можеле да бидат поинтересни за албум кој би бил singer-songwriter vibe. Има повеќе квалитетни музичари чии нумери и музички дела ми служат како пример и инспирација.  Некои од нив се: Camila Cabello, Lauren Jauregui, Matthew Healy од The 1975, Shawn Mendes, Taylor Swift, Alicia Keys и други.

Play radio: Спаѓате во т.н „модерна генерација“ кога светските sвезди „играат“ со различни стилови, од друга страна, вистинската вредност на музиката ја учите на учулиште, а од трета стана, се’ уште постои една т.н турбо фолк (не) култура. Каде вие се пронаоѓате себе?

Aнастасија: Јас дефинитивно се пронаоѓам во singer-songwriter стилот и поп стилот. Моја омилена поп пејачка и пејач во моментов се Camila Cabello и Shawn Mendes. На училиште изучуваме исклучиво класична музика, и од неа имам свои фаворити. Бетовен, Бах, Моцарт, Шуберт, Хајдн, Шостакович и други. Кога се работи за турбо фолк музиката, има едно големо „НЕ“ од мене. Тоа е се што ќе кажам.

Play radio: Споменав дека формиравте бенд заедно со уште четири девојки, и снимате cover верзии. Имате одлична можност да направите разлика како е да се има бенд и како е да се биде соло изведувач. Како себе се гледате во иднина? Дали заедно со бендот освен cover верзии планирате да настапувате по клубови во регионов?

Aнастасија:Прекрасно е да се биде во бенд со уште 4 талентирани девојки. Мартина, Мила, Теодора и Емилија. 4 гитари и една соло пејачка. Прекрасна шанса имам да споредам како е да се биде истовремено соло артист и во бенд. Преубаво е чувството да се биде во бенд, секој носи свој допринос , музичките особини и карактеристики на 5те нас, се вклопуваат многу  добро. Додека пак,  да се биде соло артист поубавата страна е во тоа што имам изразувачка и креативна слобода која ја немам во бендот. Ние само што започнавме со работа и допрва можете да не’ очекувате и во клубови.  Треба да се поработи па да се претставиме на публиката. Засега изведуваме само „covers“ но не мора да значи дека во блиска иднина нема да изведуваме наши автентични песни. Засега само јас имам навлезено во водите на пишувањето текстови од сите 5 членки и се надевам дека ќе ги инспирирам да го направат истото.

Play radio: Музички се развивате во една навистина сестрана личност, но што ќе победи, пеењето или свирењето?

Aнастасија: Ах, тоа е навистина тешко прашање. Со пеењето се изразуваат огромни чувства и емоции во кои можат да се многу личности. А од друга страна со инструменталната музика се искажуваат такви чувства што со збор не можат да се опишат. Знаете, во таа музика сите луѓе можат да си направат 100 луѓе 100 различни приказни. Тоа е драги мои убавината на музиката. Па затоа, тешко е да се одбере меѓу пеење и свирење. За сега ги правам двете.

Play radio:  Што после завршување на средното образование?

Aнастасија: После завршувањето на средното образование, сакам да се запишам на музички факултет, Скопје или во странство. Да продолжам да креирам музика… Имам амбициозна замисла за мојата иднина.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари