Aндреа Tутенкоска: Верувам дека љубовта кон музиката и школувањето ќе ме однесат на големи сцени

Oдблиску ја запознаваме Андреа Тутенкоска, млада и талентирана стружанка која  има седумнаесет години, а музиката веќе  е нејзина определба уште од рана возраст.

Ученичка е  во  ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“, три години свири пијано, а пред една година започнала да свири и гитара.

Со Андра зборувавме за нејзините почетоци, школувањето, надградувањето на талентот што несомнено го поседува, како и за нејзините планови, соништа поврзани со музиката. Внимание посветивме и на можеби главната тема- како класичната музика е прифатена во Македонија.

Strugaonline: Како започна Вашата музичка приказна? Кои се вашите први поврзувања со музиката како уметност?

Андреа Тутенкоска: Мојата музичка  приказна официјално започна во 2017 година. Не бев сеуште школувана и немав доволно очекувања од самата себе ,сé додека не се запишав во нижо музичко училиште во 2018 година.Како малечка одев во студиото за танц ,,Бах” и од таму го стекнав чувството за ритам. Со класичната музика ,,се запознавме“ случајно, уште со првиот допир на дирките на клавирот, почувствував љубов и нежност кон тој инструмент. Слушајќи класични дела отсвирени од други изведувачи, душата ми се исполнуваше, а пријатните звуци ме правеа да заборавам на целата негативна енергија. Истото се случува и сега, а ќе се случува и во иднина. Овие се мои почетоци и сеуште имам мала трема додека свирам кога некој внимателно ме слуша, а еден ден се надевам дека ќе свирам во големи сали пред публика како успешна пијанистка.

Strugaonline: Ученичка сте ДСМУ ,,Тодор Скалоски-Тетоец“ во Струга. Што е клучно во музиката, школувањето или талентот? Може ли едното без другото?

Aндреа Тутенкоска: Клучно во музиката е прво талентот кој постепено се надоградува со школување и вежбање, но и љубовта кон истата. Koмбинацијата на тие процеси почнувајќи од љубовта кон музиката, талентот, па до свесноста дека секој талент треба соодветно да се школува и надоградува мислам дека е вистинска формула за успех. Приказната почна со пијаното, потоа почнав да свирам и гитара, музиката сама ве ,,повлекува“ кон себе, тоа еден прекрасен свет.

Strugaonline: Во време кога се поместени вредностите на многу начини, па дури и во музиката, Вие сте млада девојка која ја избра музичката уметност во нејзината најсофистицирана, најотмена смисла на зборот- класичната музика. Сметате ли дека успевате на Вашата генерација и на другите луѓе да им ја доближите убавината и суштината на класичната музика? Колку е Македонија земја во која истата се вреднува?

Андреа Тутенкоска: Сметам дека класичната музика би влегла во душите на луѓето и би ја почувствувале како што ја чувствуваме и ние изведувачите.Во нашата земја ретко се успева со нешто што не е тренд, но сепак се трудам да сум различна.  Мислам дека токму негувањето на вистинските вредности и тешкиот пат ќе ме однесат на вистинските сцени и вистинската публика.

Strugaonline: Со класичната музика сте избрале тежок, но вистински пат. Кои се Вашите планови за во блиска иднина?

Андреа Тутенкоска: Имам голема желба да се запишам на факултет во Виена, место каде што твореле многу познати композитори и каде што се цени класичната музика. Исто така сакам да докажам дека нашата земја е полна со таленти кои не треба да бидат запоставени.

Strugaonline

Facebook Коментари