Балетско студио БАX: „Временска машина“ е нешто сосема ново и поинакво од се’ што сме понудиле до сега

На 21-ви септември во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“  во Струга со почеток во 19:00 часот ќе се одржи осумнаесеттиот годишен концерт на Балетското студио „БAХ“ . За оваа година, подготвија балетска претстава со наслов „Временска машина“ и ја најавија својата моќ дека имаат свои уметнички начини да го вратат времето назад. За подготовките и пораката која сакаат да ја испратат преку оваа Балетска претстава,  разговаравме со кореографот и идеен творец на Балетското студио „БAХ“ , Тања, и членовите Маја Павлеска и Росана Дандиловска кои што се дел од претставата.

Play radio: Да почнеме од најважното, како ќе го вратите времето во петок?

Тања: Нема да ви откријам како ќе го вратиме времето. Доколку сакате да дознаете како „БАX“ ќе го врати времето , во петок повелете на нашиот концерт. Ќе откријам само дека ова е нешто многу поинакво во споредба со она што нашата публика е навикната да види и доживее. Една сосема поинаква Балетска претстава која иако трае цели два часа навистина ќе биде многу интересна. Ќе понудиме многу интересни точки и раскошна сцена. Можам да ви откријам дека имаме и филм, во режија на Лидија Мојсоска, ќе биде навистина едно интересно патување и доживување за сите кои ќе дојдат.

Play radio: Маја, главната улога која што ја имаш секако е голема одговорност. Претпоставувам дека имаш неколку идентитети патувајќи низ времето. Подготвена ли си да ја доловиш пораката која треба да ја испратш до публиката?

Маја Павлеска: Напорно работиме веќе осум месеци, постигнавме успех кој што долго ќе го паметиме и чуваме пред се во нашите срца. Јас и мојот колега, кој што не беше во можност да дојде во оваа емисија, се соочивме со еден навистина голем предизвик и одговорност да одиграме и танцуваме во многу различни стилови. Секој стил си има посебна тежина. Јас, како учесник, ве поканувам да дојдете и заедно да уживаме бидејќи ваква забава не се пропушта.

Play radio: Како течат подготовките за оваа балетска претстава?  Веќе 18 години се трудите и успевате се’ да биде на високо ниво, од точност кога станува збор за почеток на концертот преку костими се до беспрекорни кореографии.

Росана Дандиловска: Пробите се многу забавни, со оглед на тоа што има деца од сите возрасти, почнувајќи од дечиња кои имаат четири години па се до нашите мајки. Многу смеа и забава носат пробите, но како што се наближува денот на концертот има и по малку напнатост помеѓу нас учесниците. Сакаме се да изгледа спектакуларно како и секоја година. Инаку, имав можност да работам со најмалите учесници ( на возраст од четири до седум години) , ќе имате можност и нив да ги видите на концертот.

Тања: Еден месец пред концертот ние сме веќе кореографски и сценски подготвени, сега само ги завршуваме финесите. Деталите околу костимите се сосема при крај. Сега се работи на сценографијата, бидејќи оваа година тоа е малку сложен процес, за идејата која ја реализираме потребна ни е помош од Скопје. Тимот од Скопје ќе пристигне секој момент и ќе реализираме се што замисливме. Сакам да кажам дека оваа година кореографиите не се само мои и на возрасната група, консултиравме многу колеги од цела Македонија. Имавме многу семинари и наменски точки, специјално дојдоа и ги направија. Ние сме стручни за „шоу dance’ и за современ танц, но, побаравме помош за другите видови на танц се со цел тоа да изгледа поавтентично и пооригинално. Јас од моите деца сум презадоволна, навистина се намачија да танцуваат различни стилови, тоа подразбира и развивање на нови техники. Класичен пример за тоа е воазрасната група која се појавува во девет точки, и сите девет точки се со различен стил и различна техника за танцување. Навистина научија многу, и тоа ќе имате можност да го видите во петок.

Play radio: Последниве години имавте неколку Балетски претстави. По кој принцип одлучувате дали ќе биде класичен коцерт или пак Балетска претстава?

Тања: Публиката повеќе сака приказни, иако ние и на  нашите концерти имаме секогаш приказна, сепак било концерт, односно Балетски точки кои сепак не се поврзани една со друга, така работевме порано. Но, знаете дека имаме освојувано многу награди по фестивали каде правевме тематски точки за изведувачите со кои настапувавме. Потоа ја направивме „Пепелашка“ и публиката беше многу задоволна и многу е поинтересно за гледачите кога е Балетска претстава.

Play radio: Билетите за претставата се во предпродажба и препораката е истите да бидат набавени на време од страна на публиката, затоа што праксата до сега покажа дека непосредно пред концертите билети веќе нема. Како оди продажбата до сега?

Тања: 80% од билетите се веќе продадени. Иако, во Струга има чуден менталитет, многу луѓе чекаат до последен момент, па се соочуваме со истиот проблем речиси секоја година, кога пред концерт билетарата е затоврена бидејќи билети веќе нема, а луѓето молат и инсистираат да купат билет. Родителите и блиските на децата кои учествуваат во концертот најчесто купуваат на време, но има многу љубители на танцот кои чекаат последен момент. Потоа имаме момент кога сакаат да влезат, а капацитетот на Домот на културата секако е исполнет. Не е пријатно за луѓето кои купиле билет на време потоа да се оптовари местото во Домот на култура. Инаку, публиката ме убедува да се репризира концертот неколку пати, но тоа не е возможно. Ние од Скопје викаме стручни лица, за светло, сцена итн. Ние тие луѓе ги плаќаме огромни пари за осветлување и озвучување. Годинава позади сцена ќе имаме уште една техника која навистина многу чини. Ние сами се грижиме за средствата и поради тоа не можеме сето тоа да го плаќаме за реприза уште еднаш. Ние би сакале, но сега за сега тоа се условите.

Инаку, сакам да потсетам дека вратите на Домот на културата ќе бидат отворени од 18:00 часот, за до 19:00 часот непречено да се влегува и секој да најде свое место со билетот што го набавил. Се случува, во 18 и 55 да се затворат вратите поради голем интерес и гужвата што се создава. Доколку не се дојде на време, може да се случи некој со купен билет да остане надвор што е многу непријатно. Затоа, постојано преку медиуми информираме за точноста. Тоа е се што ние бараме.

Извор : Play radio

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари