Екологист Мате Гоговски : Проблемот со депонијата во Струга постои дваесет години

- Интервју, Локални
1790

Поради проблемите кои во општина Струга се појавија за време на празничкиот викенд откако беше запалена депонијата која се наоѓа во непосредна близина на градот ,за еколошките решенија, за здравјето на луѓето и животните, но и за активностите на еколошкото здружение „Енхалон“ разговаравме со Мате Гогоски -екологист.

Strugaonline: Палењето на депонијата изминатиов викенд, како и облаците од чад кои ја надвиснаа Струга ги загрижија сите граѓани. Од ваш стручен еколошки аспект кои се последиците за околината но и за здравјето на луѓето?

Мате Гогоски:Палењето на депонијата не е нов проблем. Повеќе од 20 години се прави истото. Градот нема организирана депонија. Локациите се менувани неколку пати, прво беше во Радолишта, потоа во Ќафасан, сега е во непосредна близина на градот. Утре којзнае каде ќе биде. Тоа е така затоа што немаме депонија изградена на темели на закон. Депонија која би била безопасна по здравјето на луѓето. Да не ги заборавиме и животните, и за нив треба да се грижиме. Преку водата која ја пијат и воздухот кој го дишат, а сега е преполн со канцерогени честички, и тие го чувствуваат сето ова.

Strugaonline: Што  е според Вас најсоодветното решение?

Мате Гогоски:  Вистинското решение е да се создадат услови за изградба на законска депонија. Тогаш отпадот нема да се пали туку ќе се сепарира за понатамошна преработка во индруските капацитети.

Strugaonline: Со оглед на тоа дека со екологија се занимавата многу долго време, сметате ли дека за разлика од порано, расте ли свеста кај граѓаните за чување на чиста и здрава животна средина?

Мате Гогоски: Свеста кај граѓаните е многу поголема од порано, затоа и покажуваат интерес за решавање на овој проблем. Но, за жал во овој случај институциите потфрлија, но има и исклучоци.

Strugaonline: Кога сме кај институциите, кажете ми колку Вашето еколошко здружение соработува со институциите кои се надлежни за зачувување на околината?

Мате Гогоски: Ние соработуваме со сите оние кои сакаат и знаат да соработуваат со нас. Не само на локално и регионално ниво. Сорботка имаме и на меѓународно ниво. Членови сме во Балканската еколошка мрежа. Така, соработка имаме и со здруженија од Албанија и Грција. Остварени се многу проекти кои вродиле со плод. Но, на локално ниво не сме многу моќни освен да лобираме кај надлежните проблемите да се решаваат навремено, а не со задоцнување.

Strugaonline: Од кога постои еколошкото здружение „Енхалон“ и кои се вашите досегашни реализирани цели и проекти?

Мате Гогоски: Нашето еколошко здружение постои 26 години. Ние сме четврто регистрирано еколошко здружение. Сите овие години правиме се што е во наша моќ. Порано имавме „чадор“ организација „ДЕМ“ на ниво на Македонија, бевме многу поголем  тим. Многу проекти беа реализирани во тоа време. Проекти од кои и ден денес се гледаат позитивни придобивки. Сега не сме голем тим, на ниво на Македонија многу здруженија згаснаа, повеќе не постојат, од кои причини не знам.

Како и да е, моќта за санација на проблеми во екологијата е во рацете на институциите и будењето на нивната свест е најважно.

 

 

 

 

 

Facebook Коментари