Ѓулсин Онај: „Света Софија“ е прекрасен дом за музиката

- Забава, Локални
77

Со креативен вознес и врвно мајсторство врз пијаното, турската пијанистка Ѓулсин Онај вчеравечер приреди концерт за уживање во рамки на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Пијанистката со богата кариера што се протега на сите континенти и во најпрестижните концертни сали, остави силен впечаток врз публиката беспрекорно изведувајќи ги делата од Шопен.

-Првпат сум во Охрид на „Охридско лето“, но двапати настапив во Скопје и свирев  со Филхармонискиот оркестар. Атмосферата во Охрид ја направија историјата и убавината на црквата, како и топлината на публиката. Чувството е навистина неверојатно. Акустиката е божествена во оваа црква, таа е прекрасен дом за музиката. На репертоарот го имав само Шопен, но почетокот го променив и го ставив Бах бидејќи мислам дека е неверојатно прекрасно токму овде да се изведува Бах, рече Онај.

Ѓулсин Онај е државен уметник во нејзината родна Турција каде повеќе години била официјален солист на Претседателскиот симфониски оркестар во Анкара. Нејзините повеќе од 20 снимени изданија говорат за широчината на нејзиниот репертоар, како и за нејзината интерпретативна моќ која се протега од делата за соло пијано и концертите на Хајдн и Моцарт, па до дела од современи композитори. Онај е резидентен уметник на Универзитетот „Билкент“ во Анкара и е носител на почесен докторат од Универзитетите „Босфор“ во Истанбул и „Хачетепе“ во Анкара.

-Ме радува фактот што полека се враќаме на концертите, во нормала. Засега имамиспланирано  неколку концерти, но и неколку снимки. Имам и свој фестивал што  се одржува веќе 18 години близу Бодрум и сум среќна што гостуваат многу врвни уметници од целиот свет, додаде Онај.

Вечерта на Шопен со врвната пијанистка Ѓулсин Онај во црквата „Света Софија“ ја проследија и амбасадорот на Република Турција во земјава, Хасан Мехмет Секизќок, како и турскиот почесен конзул во Струга, Абдураим Бајрактар.

StrugaOnline

Facebook Коментари