Групата ,,Фросина“ настапи на фестивалот ,,Ех таа серенада“, наскоро ќе промовираат и албум со струшки староградски песни

- Локални, Музика
1014

Охридско – струшката група ,,Фросина“ со композицијата ,,Пиши“ настапи на годинешното издание на фестивалот на староградска музика ,,Ех таа серенада“ што се одржа пред платото на Офицерскиот дом во Битола во организација на Јавната општинска установа Културен и информативен центар Битола.

Текстот и музиката на ,,Пиши“ се авторско дело на Владимир Бунчески, а аранжманот го направи Сашо Кленкоски.

-Станува збор за реномиран фестивал на кој настапија вкупно 16 изведувачи на авторски песни. Можам да кажам дека публиката имаше одлични реакции на нашиот настап. Горди сме што песната ја сработи струшка екипа автори, а повратната реакција што ја добивме од публиката е дополнителен мотив да твориме и понатаму-изјави за Strugaonline, Maрјан Лазарески, басист во групата ,,Фросина“.

Тој додаде дека периодов посветено работат на нов албум што ќе содржи девет староградски струшки песни.

,,Периодов со задоволство го поминуваме во студио, пет песни се веќе снимени, а ќе има уште четири. Текстовите ги напиша Наум Бајо на музика од Владо Бунчески, а аранжманите ги направи Сашо Кленкоски. Ова ни е многу важен проект, посебно затоа што станува збор за струшки староградски песни,,-потенцира Лазарески.

Фановите на група ,,Фросина“ и љубителите на староградска музика воопшто, новите песни ќе можат да ги слушнат оваа есен, за кога е закажана и промоцијата на албумот.

Strugaonline

Facebook Коментари