Јавна расправа за нацрт-стратегијата за културен развој 2018-2022 во петок во Струга

- Локални
741

Здруженијата, ИНКА и Креативни и Активни од Струга, како локални партнери на Асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО и Здружение за култура ТРАНЗЕН, информираат дека  јавната  расправа за нацрт-стратегијата за културен развој 2018-2022 во Струга ќе се реализира  на 24.11 2017 година (петок) со почеток во 13.00 часот во изложбениот салон во „Спомен дом на Браќа Миладиновци“ на  ул. Браќа Миладиновци Струга.

Општата расправата за документот ќе ја отвори претставникот од Министерство за култура Решад Ахмети, советник за култура а како претстваник од независната културна сцена во работната група за криерање на новата стратегија, излагач ќе биде Искра Гешоска. Други излагачи на расправата се: Донка Барџиева (висок советник за културно наследство )
д-р Небојша Вилиќ, професор по историја на уметност на ФДУ, ликовен критичар и теоретичар, Џејми Хајредини од секторот за култура на Општина Струга, и Милован Шутиноски, културен работник -Етнолог од Струга. Расправата ќе ја модерира Александра Бубевска.

Во првиот дел ќе биде претставена подобрената првична верзија на нацрт – стратегијата, после што ќе се поведе општа расправа во интеракција со претставници од институциите, граѓанските организации и граѓаните, за системската поставеност, главните аномалии, за сегашната поставеност на системот на културни установи и за тоа дали е потребна нова инфраструктура и институции.

Вториот панел ќе биде посветен на локалниот контекст, со наслов СТРУГА (НЕ)КРЕАТИВЕН ГРАД и тоа во две насоки: (Светско) културно (и природно) наследство и современа културна сцена во Струга, а имајќи ги како акцент насоките во нацрт стратегијата за културен развој – за децентрализација, инфраструктура, интеркултура и инклузија.
Помеѓу дискусиите е предвидена кафе пауза, а по завршувањето на расправата е организиран коктел.
Расправата е дел од циклусот јавни расправи кои се одржаа во Скопје и во други градови со цел поголемо вклучување на засегнатите страни во креирањето на стратегијата за културен развој. Имплементатори се Јадро – Асоцијација на независна културна сцена и Здружение за уметност и култура Транзен Струмица, финансирани од ФООМ и УСАИД а со подршка на Министерство за култура како и локалните партнери.

Strugaonline

Facebook Коментари