Јога Друштво – Струга: Вежбањето јога е уметност која шири љубов и ги негува душата и телото

За сите бенефити кои човекот ги има од вежбањето јога и во физичка и психичка смисла разговаравме со професорот по јога Ванчо Тасески кој воедно е и основач на Јога – друштвото во Струга. Ве запознаваме со почетоците на градењето јога – култура во Струга и за сите настани и семинари кои редовно се организираат во нашиот град, а се поврзани со вежбањето јога. Сите придобивки, вредности и баланс помеѓу душата и телото кои се постигнуваат со вежбањето јога ги дознавме од Ирена Илијоска која е членка на Јога Друштвото во Струга изминативе осум години, и од Даниела Ѓоргоноска која практикувала јога и за време на својата бременост.

Strugaonline: Бидејќи сте еден од основачите на јогата во Струга и вие ја предавате јогата кај нас, кажете ни од кога постои Јога друштво – Струга и нешто повеќе за поважните активности  на вашето здружение?

Ванчо Тасески: Јога друштво – Струга е формирано во 1985 година. Поточно основачкото собрание се одржа на 06.07.1985 година. Претходно повеќе години работев јога во Скопје под водство на учителот Павлос К. Хасанагас и се обучував за наставник по јога во Школата за обука и усовршување на наставен кадар по јога, која тогаш работеше во состав на Јога друштво Скопје. Сакајќи да се доближи јогата до граѓаните на Струга покренавме иницијатива за формирање на јога здружение во Струга. Иницијативата беше прифатена од тогашната Општинска конференција на сојузот на социјалистичката младина на Македонија – Струга и во јули месец 1985 година се основа струшкото јога друштво како второ јога здружение во Македонија и меѓу првите во тогашна Југославија. Во тој период но и во периодот што следеше понатаму Јога друштво Струга разви богата активност:

  • Беше домаќин и коорганизатор на повеќе републички, државни (во тогашна Југославија) и меѓународни јога семинари
  • Редовно се одржуваат едукативни јога курсеви за заинтересираните граѓани,
  • Специјализирани курсеви по јога терапија за пациентите во Заводот за нефрологија и дијализа
  • Специјализирани курсеви по јога за пациентите во Кардиолошки завод во Охрид – кои сеуште се во тек
  • Специјализирани курсеви за вработените во работните организации Стружанка и Струшка трговија
  • Одржување тренинзи по специјалазирана програма за спортисти
  • Серија предавања и за други работни организации
  • Серија предавања за едукативвните вредности на јогата за ученици во средното училиште Нико Нестор во Струга
  • Учество на домашни и светски конгреси од областа на медицината, јогата и холистичката медицина
  • Одржување летна јога школа во Охрид и Струга и др.

Strugaonline: Да го најавиме семинарот кој ќе се одржи во јуни во Струга.  Кој ќе гостува на семинарот и со какви вештини ќе се стекнат сите оние кои ќе присуствуваат?

Ванчо Тасески: Семинарот што ќе се оджи во Струга од 09 до 11 јуни 2017 е 42. Меѓународен јога семинар и 40. Наставен семинар во организација на Јога сојуз на Македонија, а домаќин е нашето друштво. Темата на семинарот е: Љубов, вера и надеж, а под водство на нашиот учител Павлос К. Хасанагас. Во неговите предавања учителот ќе направи компаративна анализа на спиритуалната практика во јогата и нашата христијанска традиција, од филозофски но и од практичен карактер. Во светски рамки постојата повеќе духовни традиции кои се стремат кон иста цел. Обично, често се случува во јавноста и во истражувањата  повеќе да се акцентираат разликите меѓу духовните традиции. Ретко се истражуваат допирните точки и сличности. Во сите традиции мудреците, филозофите и практикантите стигнуваат до идентични сознанија и искуства. Целта е иста, различни се само патиштата до таа цел. Според агендата, семинарот ќе содржи практикување јога во природа, предавања и работилница, ноќни медитации, разговори и консултации.

 

Strugaonline: Колку членови има јога друштвото и дали сметате дека секој може да практикува јога? Дали на пример возраста е некаков услов за вежбање јога?

Ванчо Тасески: Сметам дека секој што има желба и мотив да се запознае себеси, своето тело, ум и дух, кој сака да ги открива и развива своите психофизички потенцијали, кој што се грижи за своето здравје, не само што може туку и препорачливо е да ја практикува оваа психофизичка и духовна наука. Низ овој период од 32 години колку што постои Јога друштвото и јогата во Струга, практичните курсеви по јога ги посетувале неколку стотици граѓани. Некои практикувале неколку недели и месеци. Но голем број практиканти кои доаѓаат и повеќе години. Упорноста, постојаноста и доследност во практиката и воопшто во животот се многу важни кај луѓето. Во Струга постојат такви луѓе во различни сфери од животот, па и во сферата на јогиската практика.Некои посебни или специјални правила за да се започне со јогиската практика не постојат. Може да започне со вежбањето јога од било која возраст: рана детска возраст,  училишна, студентска, зрела, возраст па дури и од тоа што се нарекува – трето доба.

Strugaonline: Ирена, Вие практикувате јога осум години, кои беа причините за да започнете со јогинска практика и кои се бенефитите кои ги чувствувате во физичка и во психичка смисла?

Ирена Илијоска: Мојот карактер не сака многу динамични и хиперактивни работи, така што јогата најмногу одговара за мојот дух… Бавни и лесни движења, работа во тишина со затворени очи и акумилирање на енергијата наместо трошење. Јогата ми помогна пред се за запознање на самата себе од внатре, открив поинаков став на разбирање на светот од една потивка страна. Јогата значи соединување на духот со телото, не учи дека работите се случуваат сега и тука во овој миг и свесност во извршување на сите работи… Конкретно моите бенефити се нереагирање и неврзување на работите, правилно дишење, цврсто и еластично тело, мирен и дисциплиниран ум, чисто срце и љубов за се околу мене.

Strugaonline: Даниела, опишете ни како изгледа еден час по јога и кои се придобивките кои Вие ги имате од вежбањето?

Даниела Ѓоргоноска: Еден јога час опфаќа воспоставување на хармонија помеѓу телото и духот. Почнувајќи со релаксација на телото и концентрација на мислите дека треба да започне да се остварува таа хармонија, започнуваме со постепени вежби за загревање на телото, па вежби за истегнување на сите мускули, продолжуваме со асаните, за потоа да се заврши со вежби за правилно дишење и на крај 15 минутна медитација. Мене лично физичките вежби позитивно ми влијаеа за да го подобрам држењето на телото, да почнам да чекорам поисправено, а со самото тоа добив и поголема самодоверба. Потоа со вежбите за дишење, многу успеав да го подобрам дишењето бидејќи претходно дишев многу плитко или како што се вели несвесно, но сега сфаќам колку голема улога во секојдневниот живот има свесното дишење, не само за здравјето на телото, туку и за справување со некои стресни ситуации коишто ни ги налага работата и брзиот начин на живот. Психичките придобивки после еден јога час се водушевувачки бидејки и покрај тоа што активно сте работеле час и половина се чувствувате како да сте се одмарале и имате двојно повеќе енергија отколку пред почетокот на часот. Посебно сакам да напоменам дека практикувањето јога кај професорот Ванчо Тасески е благодет за многу луѓе бидејќи покрај физичките вежби, неговите ученици можат многу да научат како да го подобрат својот живот, правилно да ја изградат својата перцепција за светот, со добри дела и намери позитивно и активно да влијаат на својата околина, да зрачат со љубов и вредно да ја работат својата работа. Пред да започнам со јога го имав истото мислење како и повеќето луѓе дека јогата нема да му годи на мојот немирен темперамент, дека ќе ми биде здодевно, дека нема да можам да се истегнам во тие положби или асани коишто сите си ги помислуваме како прва асоцијација кога ќе помислиме на јога – слаб витален испреплетен човек. Но после редовно практикување од неколку месеци, па и со вежбање јога во текот на бременоста, сфатив дека сум имала сосема погрешна перцепција за тоа што е јогата, како брзо  и интересно поминува еден јога час и колку многу го промени мојот начин на живот.

Извор: Strugaonline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари