Kаролина Гочева: Сигурна сум во публиката од Охрид и Струга, ќе споделиме убава енергија на концертот во петок

Во денешното издание на емисијата „Play cafe“  која се емитува на „Play radio“ , секој работен ден од 10:00 до 14:00 часот, имавме телефонско вклучување во живо на поп-дивата Каролина Гочева која во петок, (09-ти март) ќе одржи концерт во спортстаката сала „Билјанини извори“ во Охрид. Со Каролина зборувавме за уметничката нота и миксот на префинети музички  стилови кои го красат новиот музички проект „Извор“, како и за седумте концерти кои ги одржа во Македонската опера и балет во Скопје. Секако, во фокусот на овој разговор беше концертот што публиката од Охрид и Струга со нетрпение го очекува во петок.

Play radio: Ви упатуваме поздрав од Струга и можеме да Ви пренесеме дека во Охрид и Струга имаме пред-концертна атмосфера. На големо задоволство на Вашите бројни обожаватели во петок ќе не’ почестите со концерт кој претставува концертна промоција на новиот албум „Извор“. Што може да очекува публиката во Охрид?

Каролина Гочева: Многу ми е драго што слушам од вас за одличната атмосфера која владее таму, и ние сме многу расположени и се’ уште сме под импресии од успешните концерти кои ги одржавме овде во Скопје. Многу се радуваме што веќе за два дена сме во Охрид. Во Охрид не сме свиреле веќе три години и се радуваме на поканата. Ги очекуваме сите оние кои сакаат да не’ чујат, ги очекуваме да дојдат во петок заедно да пееме. Последниот концерт кој го одржавме во Охрид летото 2015-та беше еден од најубавите концерти што ги имавме таа година. Навистина беше прекрасно, со оглед на тоа дека беше на сред лето имавме и странци во публика. Оваа година верувам дека тоа доживување ќе го повториме повторно.

Play radio: Направивте многу храбар потег кога одлучивте на непромовиран материјал да правите концерти и дефинитивно не згрешивте, од она што можевме преку кратки видеа и фотографии да го видиме,  во Скопје седум пати се случуваше музичка бајка. Кои се вашите впечатоци после седумте концерти?

Каролина Гочева: Впечатоците ни се се’ уште свежи и многу позитивни. Ова може да се каже дека ни беше проверен начин на промовирање на албум бидејќи и претходниот албум го промовиравме на истиот начин – со концерти во МОБ. Пред четири години имавме шест успешни концерти, меѓутоа оваа година се надмина сето тоа што се случуваше пред четири години. Ние ќе бевме среќни да го постигневме и тоа од претходниот пат, не размислувавме за тоа да се надминеме. Генерално, и публиката и ние свирачки целосно како уиграна екипа на сцена бевме многу среќни што можеме да споделиме една таква убава енергија. Публиката  секој нов ден, секој нов концерт не’ дочекуваше со нова посебна љубов и посебна енергија. Искрено, мислам дека можевме со уште концерти да продолжиме, но оставивме нешто и за во иднина. Драго ми е што продолжуваме баш во Охрид, Охрид е на сите нас, еден од најомилените градови во нашата земја. Сите концерти во Охрид до сега поминале одлично, така што воопшто не се сомневам во публиката од Охрид и Струга која ќе дојде да не’ види.

Play radio: Коментарите на многумина се дека на сите концерти звучевте беспрекорно како и на првиот, само од себе се поставува прашањето, од каде толку енергија? Ако ги тргнеме на страна гласовните способности, потребен е навистина огромен капацитет за да се одржат толку големи концерти и тоа без придружни вокали.

Каролина Гочева: Многу ми е драго што тоа многу се споменува и се вреднува.  Тоа е всушност трудот на еден пејач кој е вложен на сцена. Беше позахтевно од претходните поп-концерти кои сум ги одржувала иако јас секогаш сум пеела тешки песни кои не се едноставни за изведба. Овој тип на музика кој го изведувам сама без придружни вокали е секако многу покомплексен за изведба и поради звукот и поради неколкуте различни музички жанрови. Драго ми е што луѓето го препознаа и го ценат тоа. На сите кои ме прашуваат како издржав им велам дека тоа ми е работа на некој начин, меѓутоа, признавам дека не е баш лесно и едноставно таков тип на музика да се пее толку денови со ред.

Play radio: На домашната сцена сте едно од најквалитетните имиња речиси 20 години, но почнувајќи од проектот Македонско девојче 1 и 2, и  Извор сега, во последниве години гледаме една нова Каролина, микс на стилови кој публиката одлично го прифати. Дали засекогаш се поздравивте со комерцијален поп? Дали ова е таа комплетна музичка реализација и зрелост?

Каролина Гочева: Кога спомнавте поп-музика, можеме многу да зборуваме за тоа што е поп-музика на Балкански простори. Попот е веќе комплетно заменет со некој турбо-фолк, така што ретко постои поп-музика на овие простори. Зборувам за онаа вистинска поп-музика, има неколку изведувачи кои се’ уште ја изведуваат. Песни кои порано од прва биле квалификувани како турбо-фолк сега се вбројуваат во поп. Жално е што поп-музиката полека исчезнува, меѓутоа, тоа е најверојатно притисок на поднебјето на кое живееме и комерциалниот ефект кој што се бара и очекува.  Јас секогаш сум сакала да експериментирам со различни стилови. Речиси и не постои стил кој не сум го пробала, од поп музика до електронска музика (имав и такви соработки), до етно-музика, преработки на македонски народни песни…имав и рок песни….

Но овие последни проекти кои заедно ги изведуваме имаат симбиоза на различни музички стилови и тешко можат да се сместат во еден музички жанр. Имаме и етно, и поп и фанк и џез. Тој сплет како музички правец за мене стана препознатлив знак. Всушност не само за мене, туку и за целата моја екипа која е со мене на сцена. Ние сме како една целина и за овој проект не можам да зборувам во еднина. Ние сме екипа која целосно го осмисли и сработи овој проект. Мило ми е што не може да се смести во еден музички жанр. Според бројот на луѓе кои дојдоа да не’ видат и слушнат, тоа повторно е комерцијална музика. На концертите имавме од малечки дечиња до возрасни луѓе. Тоа е всушност формулата да се опстане на сцена дваесет години. Нудиме повторно нешто оригинално и препознатлив мој музички израз.

Извор: Play radio

Новинар: Ирена Мрческа

Фотографиите се преземени од Facebook/fan страната на Каролина Гочева

Strugaonline

 

Facebook Коментари