Катерина Евго: Струга е прекрасна локација за Green Beach фестивалот

На први и втори август во Струга се одржува 10-то, јубилејно издание на Green Beach festival. Организаторите и годинава носат спектакуларни имиња од електронската сцена.

На први август настапува големата  sвезда  Paul Kalkbrenner, а публиката ќе го проследи и настапот на  Даниел Балоски од Скопје.

На 2-ри август настапува техно/хаус  тандемот ADRIATIQUE, а од Македонија ќе настапат  Давид Крстевски и Александар Младеновиќ.

За организацијата на фестивалот, очекуваната бројна публика и големиот јубилеј, во студиото на Play radio зборувавме со Катерина Евго, ПР на Green Beach festival.

Play radio: На само еден ден пред почетокот на фестивалот, во која фаза се подготовките за и годинава да продолжи континуитетот на одлична организација?

Катерина Евго: Ден пред почетокот на фестивалот буквално финишираме со подготовки, пред се мислам на теренската работа, бината е веќе поставена, ограден и изграден е фестивалскиот простор во близина на хотел Еуротел во Струга. За нас е ова повеќе од позната теренска работа, но секако дека секоја година ни е предизвик и посебно ни е драго. Оаа година сме посебно среќни затоа што славиме јубилеј, според мене тоа не е мал јубилеј, кога станува збор за фестивалите и електронската музика, во толку долга традиција мислам дека немаме конкуренција. Пред нас се два дена со гламурозна програма и сето тоа ќе соодвествува на јубилејот односно десет години постоење на Green Beach.

Play radio: Grean Beach festival има свој заштитен знак, секоја година имате ексклузивни изведувачи кои за прв пат доаѓаат во земјава. Колку е тешко или лесно да се договорите со нив и дали имаат посебни барања?

Катерина Евго: Во однос на изборот на програмата имаме две смерници. Најпрво големи имиња кои премиерно имаме можност да ги погледнеме овде кај нас во Македонија и уште една друга карактеристика, доколку не е премиерен настап, тогаш сигурно е име кое што е исклучително звучно и е во врвот на своето делување во кариерата. Годинава имаме две премиерни гостувања од светската електронска сцена, но како што споменавте имаме и артисти од Македонија кои никогаш не изостануваат од Green Beach фестивалот. Кога ќе се наметне еден таков висок стандард, предизвик е договарањето на изведувачите, меѓутоа драго ми е што настанот се одржува од година во година без пауза, што значи дека сме успешни во процесот на договарање на толку звучни имиња. Paul Kalkbrenner важи за човек-институција на светската техно-електронска музика, вистински легендарно име кое прв пат доаѓа кај нас. Тој ќе пристигне утре, ќе слета во Охрид, а потоа го чекаме на настапот во Струга. Втората вечер имаме исклучително име кое е дефинитивно во врвот на својата кариера оваа година,  станува збор за швајцарското дуо  ADRIATIQUE, нив на сцена ќе ги видиме на 2-ри август со ексклузивен продолжен четиричасовен сет , тоа е уште една ексклузива во склоп на самиот фестивал. Во однос на барањата, некако имаме среќа да носиме големи светски имиња, но се многу скромни.

Play radio: Нашите информации говорат дека интересот за фестивалот е голем и од Македонија, но ќе има гости и од странство. Која е очекуваната бројка на публика?

Катерина Евго: Капацитетот на фестивалот ни е некаде околу 10 илјади посетители дневно. Инаку, втора година сме во Струга и морам да споменам дека ова е една прекрасна фестивалска локација и многу благородна за понатамошно проширување и поголем капацитет. Струга е прекрасна, интересот е огромен, особено што имаме специфична програма која што во преден знак го носи квалитетот на музиката. Публиката секоја година покажува дека бројот на познавачи на таа квалитетна музика е навистина голем. Освен македонска публика и оваа година очекуваме и туристите кои се во Струга и регионов да дојдат на Green Beach фестивалот, тоа го кажувам врз основа на искуствата од минатите години. Имаме шаренолика палета на земји секоја година. Изминативе години голем интерес покажаа гостите од Холандија, а конкретно годинава, најголем интерес за Paul Kalkbrenner ни доаѓа од Бугарија, а општо за фестивалот голем интерес има и од Косово, Албанија, Грција и други земји.

Play radio: Споменавме дека славите десет години постоење, ако направиме ретроспектива, како се развиваше Green Beach фестивалот?

Катерина Евго: Можам слободно да кажам дека не сме имале неуспешно издание на фестивалот, уште од првата година направивме фантастична журка, во тоа време во Охрид. Првото издание беше речиси распродадено и имаше одлични реакции, па така фестивалот веднаш стана бренд. Од година во година се менуваат нештата во многу аспекти, но важно е дека фестивалот истрајува. На третото издание на фестивалот на пример, го имавме Аrmin Van Buuren кога беше во апсолутен врв во својата кариера, го имавме потоа Carl Cox koј кај нас го прослави својот роденден, DubFire беше воодушевен од овој регион, и покрај скратениот настап од страна на полицијата во Охрид, го продолжи својот престој за уште два дена. Имаме прекрасни феномени и искуства со сите досегашни учесници на фестивалот.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари