Лидија Мојсоска: Струга ќе стане регионално филмско јадро кое ќе сплотува филмаџии од регионот

- Интервју, Локални
307

Претстојниов викенд, од петок до недела, во Струга ќе се одржи второто издание на фестивалот за краток филм „Drim Short 2018“ во чии рамки публиката ќе има можност да проследи богата национална и интернационална програма на кратки филмови, а ќе се одржат и мастер-класови со познати режисери. Влезот за сите проекции ќе биде слободен, а фестивалот се одржува во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Околу подготовките, начинот на избирање на филмовите и културата на почитување и интерес за седмата уметност (филмот) во нашиот град, во студиото на Play radio зборувавме со Лидија Мојсоска, која што е еден од организаторите на фестивалот.

Play radio: Што се’ нуди Drim Short 2018 за познавачите и љубителите на филмот во Струга?

Лидија Мојсоска: Оваа година имаме новитети во програмата, освен националната програма и претставување на македонски автори и нивните остварувања, годинава имаме и интернационална програма. Ќе претставиме и филмови од регионот, имаме навистина добри кратки филмови кои што ќе бидат номинирани за оскар. Имаме и дополнителна програма односно мастер-класови. Најпрво имаме мастер клас со режисерот на филмот „Исцелител“ , Ѓорче Ставрески, како и мастер клас со еминентна актерка од Косово, Аурита Агуши, која што имаше можност да биде дел од актерската екипа на филмот „Шок“ кој што во 2016 година беше номиниран за оскар. Двајцата ќе зборуваат за нивните искуства во кратките филмови. Ѓорче Ставрески ќе зборува за „ситно сецкано промислување“ на кратката форма по „Исцелител“, а во рамките на неговиот мастер-клас ќе имаме и проекција на дел од неговите кратки филмови што е одлична можност за сите кои се заинтересирани за остварувањата на Ставрески. Аурита Агуши ќе зборува за нејзиното искуство во кратките филмови како актерка, како и за трансформацијата на актерот во филмот воопшто, а тоа е многу интересна тема.

Play radio: Како течат подготовките на неколку денови пред почетокот на фестивалот? Може ли да се каже дека се е подготвено онака како што вие замисливте?

Лидија Мојсоска:Секогаш има простор за доработка, но можам слободно да кажам дека се е подготвено. Да се случи еден фестивал не е лесна работа, затоа имавме навистина многу подготовки во периодов, а самите подготовки започнаа уште од минатата година. Почнавме со концептот, потоа следуваше договарање со клучните имиња кои што решивме да ги донесеме во Струга за време на овој фестивал.  Имаме многу млади режисери кои во моментов се во подем. Ќе имаме и продуценти и композитори, а после секоја проекција ќе имаме „Прашања и одговори“ со самите автори на филмовите кога публиката ќе има можност да поставува прашања.

Play radio: Што покажува праксата и вашето искуство, колку струшката публика е расположена за филм?

Лидија Мојсоска: Drim Short е млад фестивал, но се надевам дека спонтано сето ова ќе стане култура на живеење во Струга. Сакаме да ги вратиме стружани во времето кога имало кино-репертоар редовен, како што е во Скопје.  Можеби имаме амбициозна идеја, но сакаме Струга да стане едно регионално филмско јадро во кое филмските работници ќе се сплотуваат барем еднаш годишно во нашиот град. Нашата цел не е само организирање на Drim short, планираме да организираме активности и преку година. На тој начин се надеваме дека ќе ја вратиме назад филмската култура. Што се однесува до програмата на Drim Short 2018, би сакала да им кажам на нашите сограѓани дека програмата годинава е одлична, посебно треба да се проследат домашните филмови. Oд нашата земја има навистина исклучително талентирани млади филмски автори кои со сигурност ќе станат големи филмски имиња.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

 

Facebook Коментари