Марко Лазороски: Mузиката ја сакам искрено, чисто и платонски

Отсекогаш сум сакал музика, можам слободно да кажам дека ја љубам. – вака младиот и талентиран музичар Марко Лазороски од Струга, започна да ми раскажува за неговата музичка приказна. Искрено, чисто и платонски, најдетски на цел свет- продолжи тој и стави печат на еден од разговорите кои ја носат сета убавина на човековото живеење во уметничка смисла.

Без да прашам, почна да ја обликува музиката низ зборови, да и’ дава контури и ја претвори во личност со душа, а потоа проникна низ своите сеќавања од детството, тогаш кога станала негова мисловна и емотивна сопатничка,

Таа е таа со која заспивам, се будам и ми се мота низ мисли. Музиката отсекогаш претставувала нешто магично за мене, уште од најмала возраст. Уште од првите мемории од мојот живот до кои имам пристап, на кои како низ магла се сеќавам – јас потпевнувам.

Таа нему, а тој неа, си припаѓаат од неговата десетта година, а времето и сознанијата му ја претвараат во волшебство.

Најверојатно заситен од тогашниот актуелен музички репертоар, своеволно изразив желба да откријам нешто за музиката од детството на моите родители, и тогаш за првпат татко ми ме „запозна” со Pink Floyd преку “The Dark Side of The Moon”. Од моментот кога запливав низ тие волшебни звуци, музиката доби едно сосема ново значење, една јасна слика – од пасија прерасна во љубов. Најверојатно воодушевен и обземен од гитарските звуци на David Gilmour, после многу краток временски период посакав и јас да свирам гитара и моите родители ме запишаа во основното музичко училиште во Охрид. Иако не баш по оригиналниот план и замисла, мојата музичка авантура започна преку изучување класична музика и свирење класична гитара. После неколку години завршив и веќе се бев здобил со музичките рудименти, но и голем број државни и меѓународни награди како соло, така и во камерни состави.

Школувањето го продолжил запишувајќи се во средното музичко училиште во Струга, каде започнува сосема ново поглавје во  неговиот живот, во кое се буди интерес и за други музички жанрови.

Продолжив да се надоградувам и унапредувам музички на професионален, школски план, но почна да ме интересира популарната, а брзо потоа и џез музиката. Така почнав да свирам електрична и акустична гитара и да настапувам со локални бендови. Средното образование го завршив како гитарист-изведувач, оставајќи десетици државни и меѓународни награди зад себе, снимени гитарски делници на неколку поп песни и веќе активно настапував со бројни состави низ цела држава.

Гитаристот изведувач сега е  студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје и активно настапува низ скопските локали. Поголем дел од своето музичко дејствување во минатото го поминал како session музичар свирејќи  за пејачи и во туѓи бендови, а  денеска го има својот бенд 0/4 (џез трио заедно со Андреа Мирческа – контрабас; и Мартина Баракоска – тапани).  Марко исто така е член  во еден од авторските проекти на Бојан Петков – Шамба (гитаристот на Летечки Пекинезери).

По завршувањето на факултетот, Лазороски планира да студира џез и други сфери од музиката на различни места, кај различни ментори.

Во иднина би сакал себе да се види како дел од некој добро афирмиран биг бенд, како композитор и изведувач на авторска современа музика.

„Јас ќе продолжил да се трудам и работам деноноќно и ни за миг не би скршнал од оваа прекрасна авантура.“-вели Марко, а неговата музичка биографија останува отворена, бидејќи љубовта и посветеноста кон музиката ќе донесат реални огледала во кои себе ќе се види со остварени соништа, а времето и искуството ке му бидат главни сојузници.

 

И.М

Strugaonline

 

Facebook Коментари