Методиј Попоски: На моите караоке-забави пееле и пеат многу сегашни музички sвезди

Во денешното издание на „Play cafe“, емисија која се емитува на Play radio, посветивме минути за музиката и ноќните караоке забави. Токму затоа, наш гостин беше Методиј Попоски, поранешен член на струшкиот музички двоец „Дуо флеш“, тој во моментов се занимава со музика, но во една покреативна смисла и тоа заедно со својата публика, може слободно да се каже дека е многу баран по клубовите низ Македонија за видео караоке.

Play radio: Видео-караоке е малку пософистицирано од обичното караоке, објаснете подетално за што станува збор и од каде ја добивте идејата за ваков вид на споделување енергија со публиката?

Методиј Попоски: Откако Дуо-флеш престана да постои, само по себе се постави прашањето што ќе правам понатаму. Се прашував што најмногу ќе го задржи вниманието на публиката. Сите сакаат да пеат и сите сакаат да бидат sвезди. Кога после свирка некој ќе посакаше да пее и му беше дозволено, утредента беше sвезда и во градот и на социјалните мрежи. Земајќи го во предвид тој факт, решив караокето да го претставам на публиката на вистински начин. За вистинско караоке е потребна матрица без вокали и голем екран каде оди текстот. Во мојата програма сите песни јас ги пеам, сигурно не би оставил никого да заглави од која било причина.

Play radio: Колку може да се каже дека во Струга има расположена публика за пеење, и дали сте откриле некој музички талент токму на овој начин?

Методиј Попоски: Mожам солободно да кажам дека неслучајно моите вечери ги нарекувам фестивалски вечери. Со оваа работа се занимавам повеќе од пет години, многу сегашни sвезди кои стекнале слава преку шоуа за музички таленти, најпрво пееле на моите караоке забави. Сега моментално има неколку пејачи кои настапуваат на „Sвездите на гранд“, а претходно редовно пееле на видео-караоке и навистина ми е многу драго. Во Скопје доаѓаат и од домашната сцена веќе изградени пејачи кои понесени од атмосферата пеат со мене и со мојата публика. Караокето е секаде прифатено, им треба загревање за првата или втората песна, потоа микрофонот е кај публиката.

Play radio: Што правите кога некој од публиката сака, а не знае да пее?

Методиј Попоски: Станува збор за караоке, пред се е забавата но постојат граници. На моите забави никој не е омаловажен но се случува некого да исклучам. Од мене има прва строфа и рефрен, ако видам дека не оди, без лутење и добронамено кажувам дека не е добро и ја пеам песната јас до крај, или ја пее некој друг кој го прави тоа добро.

Play radio: Додека бевте член на Дуо – флеш сериозно се занимававте со македонска забавна музика, колку може да се живее од професионални музички ангажмани?

Методиј Попоски: Со авторска музика не може, а од „тезги“ може. Toa e така затоа што нема продажба на CD-a, нема авторски права, едноставно немаме сцена. Со појавата на youtube и други такви интернет-канали не постои продажба на авторска музика. Од „тезги“ живеам околу 28 години.Play radio: Планирате ли и покрај таквата ситуација повторно  да создавате авторска музика, да се формира некој нов бенд и слично?

Методиј Попоски: Не споменавме дека Дуо-флеш беше дел од „Ден потоа“, а „Ден потоа“ има три албуми. Уште тогаш разграничивме што е тезга, а што е авторска музика. Од овие три албуми што ги споменав, два се издадение, а многу ми е жал што третиот не е.  Навистина сакам да го издадам тој албум бидејќи е сосема готов. Ја имаме историската песна „Ха-ха“, за неа имам побарувачка од многу диџеи во Скопје кои сакаат да направат ремикс. Во чест на дваесетте години поминати од промовирањето на таа песна ќе има ремикс-издание. Еден ремикс ќе биде мој, а еден од некој ди-џеј. Наскоро се надевам ќе имам и нова авторска песна, имам идеи во фиока, само ми треба околу еден месец одмор од се што правам моментално за да дојдам до реализација. Ова е нешто екскузивно, го размислувам последниве неколку недели.

Инаку, сакам да ја споменам и Тања од Балетското студио „БAX“, таа учествуваше во спотот за „Ха, ха“ и се уште ме прашуваат каде е девојчето што играше толку фино и умешно. Спотот планирам да го издигитализирам уште еднаш и да биде повторно актуелен.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари