Мите Лазороски : Резбарството е креативна професија која бара голема љубов и посветеност

- Интервју, Локални
2810

Во денешното издание на Play cafe, eмисија која се емитува на Play radio, наш гостин беше Мите Лазороски, по професија е градеженик но времето и желбата за уметност му ги окупира резбарството. Љубовта кон оваа вештина се провлекувала во неговиот живот одамна, но реализацијата започнала пред пет години. Од тогаш ја создава и живее уметноста, а за тајните на резбарството, нешто повеќе дознавме токму од него.

Play radio: Изработувате икони и украси од дрво, како ја откривте вашата љубов и талент кон резбањето?

Мите Лазороски: Уметноста ми се провлекува низ целиот живот. Пред пет години случајно еден пријател ми донесе дрво, купив се што ми беше потребно за да работам, пробав и видов дека оди добро. Потоа со задоволство продолжив. Пробав да изработувам и потешки дела, се почна спонтано и од тогаш се надградувам. Самоук сум во оваа област, иако верувам дека е добро да се посети некој мајстор. За моето надградување зборуваат сите кои ја следат мојата работа и процесот на резбање, неблагодарно би било да зборувам за напредокот во свое име.

Play radio: За секоја уметност најважна е инспирацијата, тоа е половина завршена работа, од каде ги црпите мотивите за Вашите дела?

Мите Лазороски: Мотивите и инспирацијата најчесто ги црпам од изработените дела кои имам можност да ги видам во црквите.  Кај нас се провлекуваат Охридската и Дебарската школа. Идеите доаѓаат од делата кои се изработени од страна на постарите мајстори.

Play radio: Икони и украси изработувате по нарачка, колкав е интересот, колку во овој регион се почитува и цени ваквата уметност?

Мите Лазороски: Резбарството е доста почитувано како професија. Има мајстори кои сериозно се занимаваат со оваа уметност, и јас сериозно и посветено ги изработувам своите дела но до таму се’ уште не сум стигнал. Работам по нарачка, најчесто икони, но со задоволство изработувам и подароци за моите најдраги. Правам украси, часовници и се за што во моментот сум инспириран. Во секој случај како и од секоја професија, и од резбарството може да се заработува. Рачната изработка е малку поскапа, носи поголема тежина но можам да кажам дека има заинтересираност.

Play radio: Освен што ги реализирате вашите идеи и и давате форма на инспирацијата, резбањето како и другите креативни занаети имаат смирувачко дејство, точно ли е дека делуваат позитивно на психата?

Мите Лазороски: Дефинитивно да. Ми се случувало кога сум нервозен да цртам и да резбам, токму тие активности ми помогнале. Тоа е работа која релаксира и помага да се одморите во психичка смисла. Концентрацијата е многу важна, резбарството е убава и креативна но не е лесна вештина. Се случува понекогаш да не можам да работам, не е секој момент вистински за создавање квалитетно дело, а понекогаш можете во еден ден да сработите работа која би била наменета за три дена и тоа доста квалитетно. Се зависи од многу фактори. Секое дело ми е драго, но самокритичен сум. Често барам мислење од другите за да знам што треба да поправам во иднина.

Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

 

 

 

Facebook Коментари