Mите Стефоски: СВП имаат концепт кој привлекува публика која чита и посегнува по книга!

- Локални, Македонија
1053

Од 22-ри до 27-ми август во Струга ќе се одржи 57-то издание на реномиранта манифестација „Струшки вечери на поезијата 2018“ на која ќе учествуваат  триесеттина поети од целиот свет, а ќе бидат доделени и стандардните книжевни награди како што се: „Златен венец“  „Мостови на Струга“ , „Стојан Христов“ За деталната програма на овогодинешното издание во студиото на Play radio разговаравме со директорот на СВП, Мите Стефоски.

Play radio: СВП како манифестација негува долга традиција, кои ви се очекувањата за годинава, и по кој принцип ги бирате поетите кои учествуваат како и наградените за секоја година?

Мите Стефоски: Се работи за врвна манифестација која со текот на годините си поставила високи критериуми и таквото високо ниво мора да се одржи. Главен белег на оваа манифестација се наградите, почнувајќи од доделувањето на „Златен венец“ како најпрестижно светско признание за поезија. Исто така, важна е и интернационалната награда „Браќа Миладиновци која е најзначајна книжевна награда во Македонија.  Од 2003-та година е воведена и наградата „Мостови на Струга“ која се доделува за дебитантска книга за млад поет од светот, награда која ја доделуваме заедно со УНЕСКО и има за цел да промовира млади поетски имиња од светот. Кога станува збор за критериумите, за наградите постојат многу строги правилници кои пропишуваат како треба да се подготват кандидатурите, потоа, кој ги предлага, како се врши селекцијата на наградените поети и во што се состои самата награда. Кога се работи за самиот фестивал и учесниците, програмирањето воопшто не е едноставна работа како што навидум се чини. За да имате успешен фестивал постојат и лични рецепти надвор од рамките на она што е норма koja на некој начин ограничува. Важно е да се работи за врвен поет, независно од возраста бидејќи ние сакаме да ги “помешаме“ новите имиња со оние кои веќе се потврдиле во поезијата. Ние во Струга претставуваме поезија од пет континенти. Зависно од темите и фокусите кои сакате да ги постигнете, одбирате автори во зависност од нивното творештво. На пример, во годинешниов дел имаме фокус за егзилот и пишувањето во егзил. Покрај симпозиумот „Писмото во егзил, егзилот во писмото“ потребни се и поети како што се Хусеин Хабаш, Гајат Алмадун, Владимир Левчев кои живеат во егзил, кои самите биле раселени или ги напуштиле своите домови. Потребни се поети кои совршено ќе влезат во замислената концепциска шема.

Play radio: Што манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ ќе понуди за оваа 2018-та година?

Мите Стефоски: Koга човек организира ваква манифестација, секако заедно со својот тим, постојано се натпреварува самиот со себе. Секое следно издание да биде најдобро, односно подобро од претходното. Убеден сум дека годинава ќе биде така бидејќи имаме едно поинакво концепциско издание. Од аспект на фокусот споменав дека едниот фокус е егзилот, а другиот дел на фестивалот е онаа програма која беше утврдена минатата година. Лани имавме најуспешно издание до сега, а тоа го мислат сите колеги и директори од врвни светски фестивали кои редовно учествуваат во рамките на програмата на професионални посетители. Велат дека тоа беше најдобриот светски фестивал во минатата година. Годинава нудиме поезија во неколку градови низ Македонија, централниот дел од манифестацијата секако е во Струга, но во рамите на „Поезија на пат“ вклучуваме активности во Охрид, во куќата на Уранија во соработка со МАНУ, а во рамките на фестивалот, дел од нашите учесници ќе настапуваат и во Битола, тоа е традиционална соработка, а оваа година за прв пат и во Прилеп.  Свесни сме дека деметрополизацијата на уметноста и културата е клучен аспект за секој голем фестивал и организаторите мора да најдат начини тоа да го реализираат. Културата треба да биде присутна секогаш и секаде, затоа во рамките на „Поезија на пат“ се трудиме да вклучиме што повеќе градови. Освен во Струга, и во другите градови кои ги споменав, манифестацијата завршува во Скопје во понеделник. Таму се одржува Поетското матине на Матка и вечерта во 21:00 часот на плоштадот во Скопје, во близина на Камениот мост ќе следува последниот, односно пост-фестивалскиот настан и ќе завршат 57-те „Струшки вечери на поезијата“. Инаку СВП е единствената национална институција во Македонија која е дел од европските програми во делот на платформите и не само во Македонија, туку и јужно од Словенија е единствена таква институција особено во рамките на книжевноста.  Ние сме дел од Версополис, и партнери но и дел од идејниот тим кој на некој начин го предложи „Версополис“ за поддршка од Креативна Европа на Европската Унија.  Тоа е значаен поетски аспект, бидејќи како што знаете, обединети се со цел да биде промовирано она што претставува нови современи поетски текови во Европскиот културен простор, како и да се изгради тој Европски културен простор преку тоа што тие млади творци ќе бидат вмрежени во една таква платформа и ќе изградат блиски врски меѓу нив, меѓу преведувачите и на тој начин ќе се најдат начини за премостување на јазичните бариери.

Play radio: Ако направиме една ретроспектива на сите изданија, на годините поодминати, некако се создава чувство дека нешто се изгуби….Зборувам за стружани и нивната нераскинлива врска со оваа манифестација. Порано како повеќе да се радувавме, посвечено се чувствувавме. Дали можеби социјалните мрежи, брзиот начин на живот го направија тоа или причините се други?

Мите Стефоски: Нашата слика и предрасуда да го споредуваме она што е СВП сега и она што било во осумдесеттите и седумдесеттите години е малку искривена претстава.  Не можеме да ги споредуваме културните контексти од тогаш и денешното современо живеење. Во ера на интернет, социјални мрежи и низа други настани кои паралелно се случуваат не можеме да се натпреваруваме со нивната атрактивност. Но, со сигурност правиме еден современ, модерен поетски фестивал и ве уверувам дека ова е најдобриот фестивал кој постои со толку долга традиција. Не може да се споредува начинот на програмирањето тогаш, кога било оставено на случај, тогаш се канеле триста поети, а сега се канат триесет врвни и грижливо избрани поети. Не се работи за ревијален момент, туку СВП сега е фестивал во својата зрелост и покажува поинаков пристап од порано. Масовноста на „Мостови“ не е мерило за успешноста на фестивалот, но , отворањето со „Поетските меридијани“, „Мостови“ и „Портретот во Света Софија“ се трите големи масовни настани кои останаа како такви, но овој фестивал денес е доста изменет со друга целна публика.  Зборуваме за концепт кој ќе заинтересира публика која чита, која посегнува по книга. Насекаде сме опкружени со поезија, но сериозниот пристап кој бара да ги привлече и стручните лица кои во неа гледаат и малку повеќе од едно обично уживање, тогаш мора да го промените и пристапот. Ако се споредуваме со другите светски фестивали ние сме одлични со публика.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

 

 

 

Facebook Коментари