Музичари од Струга и Охрид ќе го доловат музичкото совршенство на легендарните Pink Floyd

На 26-ти јули 2018 година на сцената „Долни сарај“ во Охрид ќе биде претставен проктот NUMB -Tribute кон неповторливата музика на еден од најголемите и највлијателните рок бендови воопшто во музичката историја, легендарните Pink Floyd.  За сите детали околу подготовките и сите изненадувања кои се подготвуваат за публиката разговаравме со еден од носителите на проектот,  нашиот познат музичар  Ѓоко Танески и Анѓелко Јовчески-Гече , перкусиониста.

Play radio: Како дојдовте до идеја за реализација на овој музички проект, и кои се’ музичари од регионов учествуваат во истиот?

Ѓоко Танески: Иницијатива за овој проект е  на нашиот гитарист Анатолиј Арнаудоски, од Струга имаме двајца музичари, Ангелко Јовчески (перкусии) и Ѓорѓи Калајџиевски (тапани). Инаку, зад проектот стојат вкупно 11 музичари кои се добро познати на јавноста, а тоа се: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Владомир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (сајзери), Горан Папазоски (саксофон), јас ќе бидам вокал, а придружни вокали се Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска.

Play radio: Имате квалитетна екипа и очекувањата од публиката се навистина големи, како течат подготовките за сето она што ќе го презентирате на сцената во Охрид?

Анѓелко Јовчески-Гече: Подготовките се комплицирани, пред се’ затоа што се работи за бенд од висока категорија. Оригиналната постава на Pink Floyd тоа го работи навистина беспрекорно и точно. Нашата цел е да стигнеме што е можно поблиску и со звук и со изглед до нивната музика. Ќе се потрудиме сето тоа аудо-визуелно да изгледа и звучи како на нивните легендарни концерти. Ќе дадеме се од себе да се доближиме до таа спектакуларност.

Play radio: Откако ќе се случи премиерата во Охрид, ќе го „преселите“ ли овој проект и во Струга?

Ѓоко Танески и Анѓелко Јовчески-Гече: Секако, со задоволство ќе го претставиме проектот и во Струга, имаме одредени датуми како опција, но кога се ќе биде официјално ќе ве информираме благовремено. Сега за сега, нека остане мала тајна.

Play radio: Во едно свое интервју претходно, велите дека музиката е единствената работа во светот која ги обединува луѓето, а ако е квалитетна и базирана врз вистински емоции, нејзината вредност и трајност е уште поголема. Што за Вас значи творештвото на Pink Floyd?

Ѓоко Танески:Pink Floyd спојува многу генерации. Секој би посакал да го изведува нивното музичко творештво, има доста Tribute бендови кои го прават тоа, но ние се осмеливме да направиме еден поголем проект во нашата земја. Се трудиме шеесет до седумдесет проценти да звучи и изгледа како Pink Floyd. Морам да бидам искрен и да кажам дека јас не сум ги слушал Pink Floyd премногу, но сум слушал од многу претходни генерации дека тоа е тоа во музиката. Кога го започнавме проектот видов дека тоа што го правиме ќе вреди и ќе остане во иднина да се вреднува уште повеќе.

Play radio:Билетите се веќе пуштени во продажба, колкав е реално интересот?  Доколку разговараме и гледаме генерално, имаме младина која се’ помалку негува квалитетни музички вредности. Koлку сметате дека е публиката свесна што точно вие подготвувате?

Анѓелко Јовчески-Гече: Има и квалитетна публика која сака квалитетна музика и го препознаваат овој начин на музицирање. За овој проект има навистина голем интерес. Билетите се во продажба во „Тамаро“ маркетите во Охрид и Струга и online преку мрежата kupikartizase. До одередениот датум, 26-ти јули, очекуваме да бидат продадени сите карти.

Play radio: Стравувате ли за тоа дали се ќе биде онака како што имате замислено? Можеби не музички, но да се организира еден таков спектакл е навистина „голем залак“.

Ѓоко Танески: Верувајте дека и за нас музичарите е „голем залак“. Кога го започнавме проектот мислевме дека се ќе оди лесно, но веќе шест, седум месеци пробуваме и не е се’ уште се како што ние замисливме, но тврдам дека до крајот на подготовките се ќе биде одлично. За ова што ние го подготвуваме постојано се зборува, за младите е предизвик да дојдат и да видат како сето тоа ќе изгледа и звучи. Младите слушаат од повозрасните дека музиката на Pink Floyd е музика која мора да се слуше и научи.  Имаме понуди за овој проект да го презентираме на големи сцени во странство, се надеваме дека во иднина ќе го прошириме проектот барем на Балканот.

Извор и фото: Play radio/Strugaonline

 

 

 

 

 

 

 

Facebook Коментари