Надица Шикоска Симиџиоска: На мозочниот удар што го доживеав, денеска гледам како благослов и мотив за духовен раст

,,Имав мозочен удар на 30-ти јули 2021 година на мои 30 години , сакам да раскажам и да помогнам на други луѓе, да ја разбудам свеста за навремено реагирање.,, – ми рече Надица Шикоска Симиџиоска и оваа сторија почна да се пишува сама…..

Надица е весело лице со насмевка низ струшките улици. Успешна, амбициозна, духовна. По вокација Магистер по економски науки, кошаркарка со освоен златен медал како државен првак, а златен медал сега има и за храброста и духовното растење после мозочниот удар, медал за сопруга и мајка која и’ сака и’ може дa не’ просветли за благословите што ни ги дава животот дури и тогаш кога ни изгледа дека сме во тунел без светлина.

Се’ започнало со силна главоболка.

,,Кај mене причината за мозочен удар беше вродена срцева маана, ПФО, отвор меѓу лева и десна предкомора, каде што се меша прочистена и непрочистена крв. Тој отвор е склон кон правење тромбови, кои патуваат дирекно до мозокот. Од таа причина јас немав вообичаени симптоми кои би ме навеле да се посомневам на мозочен удар. Наместо тоа, после физички активен ден, имав многу силна главоболка, невообичаено силна. За по некое време да изгубам свест во целост.,,– објаснува Надица.

Измината година таа беше принудена да ги искуси приликите и неприликите во здравствениот систем во земјава, но и да види различни судбини што се плетат низ болничките лавиринти, за кои вели дека сеуште и минуваат низ мислите.

-Од тоа што го видов можам само да кажам дека ситуацијата е очајна. Дефицит на кадар, на знаење, на опрема. Поради природата на повредата морав да бидам хоспотализирана веднаш, и час поскоро да примам соодветна терапија за да се превенира нов мозочен удар. Во Струга докторите направија максимум што можат, и благодарение на нив и свесноста нивна, едногласно одлучивме да ме испратат итно за Скопје со цел да добијам соодветна дијагноза и терапија. Мислам дека мојата возраст беше клучна за да ме примат на Клиника. Жалосно е што и во вакви моменти треба да се бараат ,,врски,, но заедно со докторката од Струга успеавме да стигнеме до Клиника, и за тоа и сум многу благодарна, што без гордост одлучи да заминеме за Скопје. Во Скопје е друга приказната. Се’ е на повисоко ниво, но сепак фактот дека недостига добро поткован кадар, лекарства и организација, стои. На одделот за интензивна нега при клиниката за неврологија бев цел месец. Сведок сум на различни судбини кои често ми минуваат низ мислите да ме потсетат за значењето на животот. Медицинските лица во средна доба од животот, кои имаа долги  години искуство на одделот беа беспрекорни. Несебично ги подучуваа младите, со строгост и прекор во гласот, за да се осигураат дека ќе имаат квалитетни наследници. Но се чувствуваше пропуст во системот. Недостигаа хигиеничари, болничари, физиотерапевти. За цел месец ниту еднаш не ме посети психолог иако мојата психичка состоба беше лоша. На инсистирање на сестра Гордана неколку пати ме посети физиотерапевт, што не беше случај и со другите седум  повредени во собата. Искуството кое го имав потоа во приватни здравствени установи е многу подобро.,, -раскажува Надица која после излегувањето од болница духовно комплетно се променила како личност.

Горкото искуство после мозочниот удар влијаело на многу сегменти од нејзиниот живот, како што вели, сфатила дека пријателствата што траат од детство се најискрени , семејството и е посплотено, и една година после мозочниот удар никој од нејзините блиски, ниту таа, не се веќе исти, сега се подобри.

,,Не е дека од почеток беше така. Долго се испитував зошто. Со што сме го заслужиле ова. Кога почна процесот на опоравување сфатив зошто. Да не беше тоа искушение јас, ние, немаше да сме тоа што сме денес. А сме подобри од тоа што бевме. Тоа сум сигурна. Повеќе уживаме во заедничките моменти. Почесто се дружиме. Го ставаме духовното над материјалното. Се откажуваме од материјалните добра за да го збогатиме духот, да ја нахраниме душата, со работи што со пари не се купуваат.  Се свое со себе си носиме. А тоа се работи кои не може човек да ти ги одземе, природна непогода да ги уништи, општеството да ти ги изобличи. Тоа се насмевки, моменти, искуства. За тоа живееме. Најголемата вистина и животна мудрост ја црпам од книгите на светите отци. Има таму многу што да се научи. Библијата сакам да почнам да ја читам што поскоро. Таму се одговорите на сите птрашања. Одам на служба во недела и празници. Се трудам да бидам христијанин по  примерот на нашиот учител и син Божји, Исус Христос. Гордо и со верба во Бога да го носам мојот крст. Зошто Бог ја знае причината и нека биде волјата Негова.,,-заклучува Надица отварајќи си го срцето за сите благослови, неколку пати во разговорот ми го повтори токму тој збор, дури и на мозочниот удар гледа како благослов, затоа што, како што вели, не сака да ја испитува Божјата волја, туку да ја прифаќа и да ја гледа убавата страна на животот.

Во процесот на опоравување имала и панични напади, тешки моменти, искушенија над кои успешно се издигнала. Затоа денеска можете да ја видите како ужива во споственото друштво, себедоволност која ја имаат само вистински созреаните луѓе, чита книги покрај плажа и многу повеќе се цени себеси.

,,После мозочниот почнав повеќе да си го ценам времето, научив да поставувам здрави граници во односите со другите. Кругот на пријатели исто така се измени како резултат на мојата промена. Научив да кажам ,,не“  без да чувствувам грижа на совест. ,,-изјави Надица, сосема оправдано горда на промените кои ги направила за свое добро. Но, тоа не значи дека станала себична, напротив, ова сторија ја сработивме за да ја испратиме нејзината порака до сите луѓе.

,,Во саботата, на 29-ти октомври беше одбележан светскиот ден за подигнување на свеста за мозочен удар. Моја порака е да се намали ризикот за мозочен удар колку што е можно повеќе. Здрави животни навики, здрава храна, физичка активност, смирен дух и благопријатни мисли. Ако сепак сте соочени со повредата брзо повикајте брза помош. Соодветен третман час поскоро е клучен за да се спаси живот. ,,

Така и ја завршуваме оваа приказна, со спасен живот на млада жена која допрва ќе ужива во благодетта на секој нов ден.

Strugaonline

фото: Надица Шикоска Симиџиоска FB

 

 

Facebook Коментари