Наумче Мојсоски: Илија Темелковски е квалитетен тренер, очекувам РК Струга да напредува со него

Во денешното издание на емисијата Play cafe што се емитува на Play radio гостуваа Наумче Мојсоски-претседател на РК Струга и Цветан Кузманоски лево крило во прв тим на РК Струга. Зборувавме за постигнатите резултати од минатата сезона која за струшкиот состав е значајна бидејќи после петнаесет години се врати во Супер-лигата, за подготовките за новата сезона со новиот селектор како и за претстојниот Интернационален ракометен турнир „Струга 2019“ што и годинава нашиот град ќе го направи ракометен центар во период од 14-ти до 17-ти август.

Play radio: Минатата сезона РК Струга се врати во Супер-лигата после петнаесет години, ги остварија ли ракометарите Вашите очекувања? Kaко би ја оцениле мината ракометна сезона?

Наумче Мојсоски: Mислам дека после толку многу години пауза во Супер-лигата, нашата цел од минатата сезона е постигната. Сакавме да се задржиме во тој среден ред на табелата, имавме зацртано петто или шесто место и тоа ракометарите на РК Струга го остварија. Ете, не бевме во плеј оф, но не бевме ниту за испаѓање. Можам да кажам дека сум задоволен од минатата сезона и очекувам следнава сезона да одиме еден чекор понапред и ако можеме да се избориме за плеј оф.

Play radio: За оваа сезона има многу новитети и промени, ќе започнеме со тренерот. Минатата година стружани беа предводени од  Андон Бошкоски и Славчо Каланоски, сега на нивно место доаѓа поранешниот селектор на младинската и сениорска репрезентација на Македонија , Илија Темелковски, како падна изборот токму на него?

Наумче Мојсоски: Славчо Каланоски е се’ уште тука и работи со голманите на клубот. Темелкоски беше мој личен избор, долги години работевме заедно, и во репрезентација и ми беше тренер во клуб. Многу добро знам каков квалитет поседува, со што располага и според мене репрезентацијата на Македонија токму со него ги постигна најголемите успеси. Пред две години Илија Темелковски беше тренер на репрезентацијата на Македонија на Светското првенство во Алжир и го освои за нас одличното шесто место. Многу квалитет има во него и ќе биде одличен тренер за нашите ракометари.

Play radio: Во студиото со нас е и Цветан Кузманоски кој веќе три години е дел од РК Струга. Како течат подготовките за новата сезона и кои се твоите очекувања како ракометар во овој клуб?

Цветан Кузманоски: Подготовките течат во најдобар ред. И оваа сезона влегуваме со голем мотив за напредок. Тимот на РК Струга, почнувајќи од раководството, ги препознава нашите таленти. Тренерот  и неговите помошници правилно не’ насочуваат и добиваме драгоцени совети кои ќе ни помогнат да напредуваме и да ги оствариме своите професионални спортски соништа и цели.

Play radio: Оваа сезона клубот остана без практично своите најдобри стрелци, Ненад Костески и Гиорги Дикиманџија, ќе успее ли РК Струга да ги поплни нивните места? Од друга страна, на тест период се  Самир Мекиќ (Литовел, Чешка), Александар Кериќ (Мајданпек, Србија), Иван Белиќ (Сараево, Босна и Херцеговина) и Стефан Бугарчиќ (Горажде, Босна и Херцеговина), како Ви изгледа сето тоа на терен, ќе имаме ли и годинава квалитетен тим?

Наумче Мојсоски: Целиме кон тоа да имаме квалитетен тим, мислам дека нема да го покриеме доволно Костески но веќе се дојдени двајца играчи кои се на проба, мислам дека еден ќе задоволи од потребите на тренерот и дека ќе остане. Другите двајца кои се веќе тука, мислам дека покажуваат дека можат да се вклопат во нашиот тим. Има се’ уште време, првата шанса ни е турнирот кој ќе ни покаже кој е за останување , кој не е. Се надевам дека ќе повикаме уште еден играч од странство и тука веќе ќе се затвори кругот на играчи за претстојната сезона.

Play radio: Турнирот годинава се одржува во период од 14-ти до 17-ти август. Кои се’ домашни и странски екипи ќе настапат годинава?

Наумче Мојсоски: Oваа година решивме малку да го намалиме бројот на екипи. Минатата година беа осум и тоа им одземаше многу време на љубителите на ракометот. Зашпчнувавме 17:30, a завршувавме во 23:30, тоа е навистина долг период за да се задржи вниманието на публиката. Годинава шест екипи ќе имаат по два натпревари на ден, ќе настапат три македонски екипи вклучувајќи го и нашиот клуб и три странски екипи. Македонските екипи се Еурофарм, Бутел и нашата РК Струга. Странските екипи се: Гуиф од Шведска, предводени од нивниот тренер и мој пријател Зоран Рогановиќ, АЕК од Грција и Железницар од Србија. Станува збор за многу квалитетни екипи, и’ годинава стружани ќе гледаат квалитетен ракомет.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари