Наумче Мојсоски: Започнуваме нова ракометна ера, РК Струга се враќа каде што му е местото

Денеска започнува традиционалниот меѓународен ракометен турнир „Струга 2018“, кој оваа година ќе го красат шест странски и две домашни екипи. Организаторите за годинава најавија дека турнирот ќе блесне во нов сјај, а Струга секако ќе биде центар на спортските збиднувања. Деталите, пред почетокот на турнирот во студиото на Play radio ни ги презентираше Претседателот на РК Струга и еден од главните организатори, звучното ракометно име Наумче Мојсоски.

Play radio: Како течеше организацијата на турнирот и како одеше договарањето на екипите? Една навистина одговорна задача со оглед на тоа дека сите очи се вперени во ракометна Струга во следниве четири денови.

Наумче Мојсоски: Во текот на подготовките мислам дека 99% остваривме се што замисливме.  Тоа ќе го покаже и самото отварање денеска, со макотрпна работа започнавме пред еден месец и тоа „од нула“. Публиката ќе каже каква е нашта организација, а денеска отварањето ќе се пренесува и на Македонската радио телевизија. Странските екипи се задоволни од третманот и сместувањето. Исто така им се допаѓа новата подлога на теренот. Мислам дека ако играчите се задоволни, тогаш се е во ред.

Play radio: Да ги споменеме екипите кои ќе се борат за победа и секако да го објасниме нивното значење по квалитет.

Наумче Мојсоски: Примарно ни беше да дојде поранешниот европски првак „Целје“. Во 46-години постоење на овој турнир, оваа година за прв пат ни доаѓа словенска екипа и тоа најдобрата. „Тулуз“ е француска екипа која се наоѓа во горниот дел од табелата во Франција. Станува збор за бомбастична екипа, дури како појава ракометарите се посебни  и впечатливи бидејќи се огромни. Сите знаеме која е Франција во ракометот. Со овие две екипи, кога го потврдија своето присуство веќе бевме свесни дека се’ оди како што треба и дека овој турнир ќе биде вистински ракометен спектакл. Следната екипа е „Бешикташ“, постојано се прваци во Турција, секоја година влегуваат во групната фаза на ЛШ. Потоа, тука е екипата на „Констанца“ за која знаеме што значи за романскиот ракомет и колку квалитетно Романија го негува ракометот. „Алингас“, екипа која заврши несреќно како втора во Шведска, а добро знаеме каква веле-сила е Шведска во ракометот. На крај „Железничар“ од Ниш- до крај не знаевме дали ќе дојдат тие или ќе имаме уште една македонска екипа. Но, ја знаеме тежината на Веселин Вујпвиќ како тренер. Тие сами не’ замолија да ги вметнеме во турнирот, ги вметнавме и сега имаме една странска „шестка“ која нешто значи во Европа. Секако, тука се двете македонски екипи, „Еурофарм“ и “Струга.“  Знаеме дека „Еурофарм“  прави екипа за високи дострели, годинава таа екипа заврши како трета во Македонија и секако домаќинот „Струга“ како главен на овој турнир.

Play radio: Да се фокусираме на настапот на РК Струга на овој турнир, иако сме сосема свесни за квалитетот на другите екипи. Имате ли некакви очекувања од нашите ракометари?

Наумче Мојсоски: Споменав дека е пресилна конкуренцијата на овој турнир, но целта на РК Струга не е да постигне којзнае каков успех. Тоа не ни е примарна цел, знаете дека влеговме во Супер – лига.  Најважно е да се уиграат за да можеме на 15-ти септември сезоната да ја започнеме како што треба.

Play radio: Турнирот годинава доби и своја хумана нота, на што ќе бидат донирани средствата од билетите?

Наумче Мојсоски: Средствата од билетите ќе бидат наменети за хуманитарни цели односно за потребите на болницата „Дијализа“ и во амбулантата на спортска медицина – Струга. Разговаравме сите кои сме во управата и размислувавме каде се тие средства најпотребни. Знаеме дека нема да направиме нешто „големо“, но тоа е само еден хуман гест. Одлуката падна на „Дијализа“, а во амбулантата на спортска медицина во Струга се прават сите потребни тестови и анализи на сите спортисти во градов, затоа сакавме дадеме свој придонес. Тамошната медицинска екипа за се’ ни излегува во пресрет. Колку што можеме, сакам да се оддолжиме, а за билетите за овој настан има навистина огромен интерес. Затоа, мислам дека ќе собереме една симболична донација која што ќе овозможи да се купат некои неопходни апарати.

Play radio: Да се вратиме на турнирот, кои се Вашите прогнози за победник?

Наумче Мојсоски: „Целје“, „Тулуз“ и „Констанца“ мислам дека ракометната тројка која ќе се бори за врвот. Не знам кој колку ќе се штеди, факт е дека е почеток на припреми и ракометарите се чуваат од повреди, но мислам дека тоа е таа тројка која ќе се бори за титула.

Инаку, би сакал да упатам посебен поздрав до нашата најголема поддршка, тоа се „Паткари“ кои многу ни значат. Мислам дека заедно започнуваме една нова ракометна ера и ќе го вратиме клубот каде што му е местото.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари