Официјалното отварање на петтото издание на фестивалот Drim Short е на 29-ти јули

- Забава, Локални
62

Со задоволство ви го најавуваме петтото издание на фестивалот на краток филм Drim Short кое ќе се одржи од 29-ти јули до 1-ви август во Струга под мотото „Сонувајте кратко”. Летно издание, за сонувачи, за многу бои, за шаренило од топли емоции собрани на големото платно од летната сцена во Домот на поезија. “Dream short” на Drim Short. Игра со зборови, каде сонот, нашиот фестивал и Дримот стануваат едно. Сонувајте кратко, ама силно и јасно како краток филм, во кој сета мудрост на светот е спакувана во форма што се пие во еден здив. Dream short на Drim Short, во светот на соништата, во магијата на несвесното и духовното, каде можеш да ја испиеш цела бескрајната река што нас не вдахнува со живот. Сонувајте кратко, живејте вечно.

И оваа година нашата намера е да бидеме присутни, потребни, благородни и скромни. Повторно, педесетина кратки филмски остварувања од филмски автори ширум светот, поделени во четири категории (интернационална, регионална, студентска и “Dealing with the past”) ќе бидат прикажани пред струшката публика.Селекцијата е напревена од нашиот драг соработник и селектор Иван Бакрач, а категоријата “Dealing with the past” е во соработка со ZFD Форум Македонија. Филмската програма ја заокружуваме со две гостински програми од два реномирани фестивали на кратки филмови Dokufest од Косово и Go Short од Холандија.

Секако продолжуваме со едукативна програма која вклучува два онлајн мастеркласови на реномирани имиња од европската филмска индустрија: (1) ‘Short docs: Why so popular and how to see them!’ со Ветон Нуроколари  и (2) ‘How to structure your festival” со Матју Јансен. За крај ја најавуваме музичката ОФФ програма со настап на БРАН – Herzel & Flute Power, како неизбежен белег на нашиот фестивал, која ќе се оджи во Камп Треска – Радожда.

Дојдовме до мал, но значаен јубилеј, остварен пред се’ со љубов и посветеност, Струга да има филмски фестивал, кој ќе стане уште еден убав и препознатлив белег на градот. Филмот никогаш не бил близок до Струга како денес и наша намера е тоа да стане традиција долга како поетската. И ниедна традиција денес не би била важна, ако некој, некогаш, не го направел првиот чекор. А ние стасавме до јубилејниот, петти чекор, важен, голем и обоен во живоста на брановата должина од спектарот помеѓу сината и зелената боја. Цијанот, кој резонира со струшкиот пејзаж, езеро, река, дрвја, небо и немир.

Фестивалот ќе биде реализиран во соработка со ZFD Форум Македонија, Министерство за култура, Н.У. Центарт за култура “Браќа Миладиновци” – Струга, ЈП Комунално Струга, Филм Плус, Хотел Боград, Плеј Радио 90.4 ФМ, Red Bull Македонија, а генерален покровител е Kennedy Tecnology.

Ве чекаме да сонуваме заедно.  Официјалното отварање е на 29-ти јули, на Летна Сцена во 18:30 часот со промоција на книгата „Филмски великани” од Сунчица Уневска и изложба на Милко Нестороски и Лида Шерафатман – ‘The dreams of nature, souvenirs of reality’.

StrugaOnline

Facebook Коментари