До ОЈО Струга поднесени две кривични пријави за царинска измама

- Локални
979

Постапувајќи по констатирани неправилности, Секторот за контрола и истраги во Царинската управа на Република Македонија, во месец декември 2017 година, до надлежните јавни обвинителства поднесе 7 кривични пријави против 7 физички лица и 7 правни лица.

Четири кривични пријави се поднесени против  четири правни лица и четири физички лица поради сомневање за сторено кривично дело царинска измама, од кои:

Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Струга, е поднесена против правно лице од Кичево и одговорното лице Г. И. од Кичево, кои дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите. На ден 26.04.2016 година за потребите на правното лице во царинска испостава Струга, поднесена е увозна царинска декларација за разни стоки од Република Турција. Поради постоење на основано сомнение во поглед на веродостојноста на фактурата приложена при увозно царинење, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинската администрација на Република Турција со барање за верификација на фактурата, согласно Спогодбата за взаемна административна помош за царински прашања склучена помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција. Од страна на царинската администрација на Република Турција доставена е копија од извозна фактура со ист број, издадена од истата фирма од Турција, но, на износ од 40.050,00 евра, наместо 15.028,52 евра колку што е пријавено при увозното царинење. Врз основа на ваквата утврдена фактичка состојба, Царинската управа ја утврди царинската вредност на стоките и изврши дополнителна пресметка на царински долг по предметната декларација, при што се утврдени вкупно избегнати увозни давачки во износ од околу 346 илјади денари.

Една кривична пријава, до Основното Јавно Обвинителство Струга, е поднесена против правно лице од Гостивар и одговорното лице З. М. од Гостивар, кои дале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки, со намера да избегнат делумно плаќање на истите. За потребите на правното лице, со десет царински декларации во царинска испостава Струга, увозно се оцаринети разни стоки од Република Турција. Поради постоење на основано сомнение во поглед на веродостојноста на фактурите приложени при увозно царинење, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинската администрација на Република Турција со барање за верификација на фактурите, согласно Спогодбата за взаемна административна помош за царински прашања склучена помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција. Врз основа на одговорот добиен од царинската администрација на Република Турција и прилозите кон истиот, односно фактури и извозни царински декларации, се утврди дека стоките се извозно оцаринети во Република Турција со фактури на повисоки  износи од износите прикажани на македонските царински органи. Царинската управа, врз основа на утврдена фактичка состојба, ја утврди реалната царинска вредност и изврши дополнителна пресметка за наплата на царински долг, при што се утврдија вкупно избегнати увозни давачки во износ  од околу 170 илјади денари.

Извор: Министерство за финансии, Царинска управа

Фото: архива

Strugaonline

 

Facebook Коментари