Писмо од минатото, за сегашноста, за каква да ни биде иднината….за СТРУГА!!!

- Локални
1753

Ова е порака на загрижен стружанец, кој веруваме дека зборува во име на многу загрижени стружани, и би биле среќни доколку барем еден од “големите татковци” на нашата Струга ги прочита овие убави зборови за доброто на сите нас, за доброто на наша СТРУГА!

Почитуван сѐ уште неизбран градоначалник.

Не го знам ниту твоето име, ниту твоето презиме. Не сум сигурен за твојата партиска припадност. Не знам на која националност припаѓаш, а уште помалку сум запознаен со твоите религиски верувања. Искрено, не е ни важно. Всушност, најмалку е важно сето ова. И токму затоа ти пишувам од минатото, за да те потсетам во сегашноста, каква сакам да ни биде иднината.
Почитуван нов татко на мојот град Струга, не барам ништо повеќе и ништо помалку, туку Струга да ја направиш најубав мал град во Македонија. Струга не бара ништо повеќе и ништо помалку, туку само малку нега, грижа и понекогаш да ѝ ги лекуваме раните кои ги нанесува времето, а богами и луѓето кои забораваат дека живеат, градат и творат во Струга затоа што е природно убава, а не е убава затоа што тие живеат во неа.
Во време кога ги изгубивме основните човекови права со кои се дефинира еден просечен човечки живот, сметам дека е дегутантно, но пред сѐ смешно да промовираш каузи кои изолираат, сепарираат и нѐ ограничуваат во трла со дозирана храна за преживување. Каузи не постојат. Постои воздухот кој не го гледаме и водата која не можеме да ја вкусиме ниту помирисаме. Вода и воздух, од митот па се до денес се фундаменти на кои се држи животот, карактерот, психата и душата. Градоначалнику, воздух и вода.
Градоначалникот “началствува“ со градот и општината. Луѓето кои живеат тука се нарекуваат граѓани. Граѓаните се тие кои го сочинуваат градот и без нив се формира ситуација која би ја нарекол проектирана пустина. И затоа се најважни. Но и градоначалникот е граѓанин по дефиниција. И тој треба да е обичен, ранлив, чесен и да ги валка чевлите одејќи на работа, во својата канцеларија, затоа што заборавил да ги пополни дупките што ги создава времето.
Сакам мојот градоначалник да ги знае и да ги чувствува проблемите со кои се соочуваме ние. Сакам и тој да страдал и страда како што ние страдаме, притиснати од безредието кое човечкото го воведе во природата на која се населивме и ја уништуваме. Сакам таткото на мојот град да го познава својот град и дише и воздивнува со сите сокаци и нагрдени улици. Пред сѐ, сакам мојот градоначалник да знае што е убаво. Овде, таму, далеку, насекаде. Овде затоа што убавото го нема. Таму далеку каде што постои. Насекаде. И не мора ништо да измисли. Може како секој нормален човек да го копира она што е убаво и да го аплицира како веќе позната вистина. Нормалното, тоа ни треба.
Струга е амалгам низ кој се испреплетени сите до нераскинливост и болка. Струга е култура и сите вкусови во едно. Струга е мост. Струга е мала и Струга со Дримот или на сите ќе ни донесе или сите ќе нѐ однесе заедно. Струга е на сите, само ако е убава. Поинаква чуму ти е.
Почитуван мој иден градоначалнуку, само ако го разбереш ова. Поинаку не може.

Фејзбук статус на Јаков Фенду

StrugaOnline

Facebook Коментари